Тимот на Текстилец со пресврт во второто полувреме ја победи Преспа Вардар со 26-24, во натпревар од второто коло на прволигашкиот плеј-аут.
Штипјани до триумф ги водеше Дарио Јорданов, кој запиша десет гола, а седум пати погоди Филип Џинес.
Ресенчани водеа во текот на целото прво полувреме, во повеќе наврати и со плус четири, а на пауза се замина со 16-12.
Клучниот период беше во вториот дел. Преспа водеше со 19-16, штипјани беа во налет, израмнија на 19-19.
Потоа црвен картон доби најдобриот гостински стрелец, Бојан Поповски, поради удар во глава на домашниот голман и резултатот се сврте во корист на Текстилец.
Со серија од 8-1, Текстилец поведе со 24-20 и до крајот не ја испушти предноста, иако гостите успеаја да го ублажат поразот.