Ракометарите на Астраион останаа во трка за прволигашкиот плеј-оф откако ја совладаа Јехона со 35-29 на домашен терен во Струмица.
Сега струмичани имаат 13 бода на петтото место, а четврти е Шампион со 18 бода, кој има тешко гостување кај Младост Богданци.
По 5-4 на стартот, Астраион направи серија од шест гола и предноста се искачи на плус седум, 11-4, а тоа беше моментот со кој беше решен победникот.
До паузата негативата за Јехона, која веќе е во плеј-оф, изнесуваше девет гола, 19-10, а второто полувреме беше само рутински одработено.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Христијан Ефтимов со седум и Јордан Рингов со шест гола, додека кај Јехона, Дамјан Наумовски стрелаше девет пати.
Во следното коло Астраион гостува кај Драчево, додека Јехона во Гостивар ќе го пречека составот на Младост Богданци.