Јехона го освои Ресен – се искачи во ТОП 5 во Првата лига

Екипата на Јехона оди победнички на пауза во прволигашката конкуренција, откако славеше на гости кај Преспа во Ресен со 25-23.

Гостите од Гостивар водеа од почетокот до крајот на натпреварот, но домашните пружија солиден отпор и секогаш беа „тука некаде“ резултатски, иако само три пати се доближија на минус еден.

Предводници во победата на Јехона беа искусниот Адис Салиу со осум гола, како и Стефан Бошкоски, Мојсе Тасески и Бојан Давидоски со по четири погодоци.

Во составот на Преспа Ресен се истакна Христијан Ристевски со 11 голови, но тоа беше премалку за позитивен резултат на овој меч.

Јехона сега е во ТОП 5 во Првата лига на петтото место со 14 бодови, додека Преспа остана на 11 позиција со шест бодови.