По примерот на женската репрезентација, и мажите „излегоа“ од Скопје и одиграа меѓународен натпревар надвор од главниот град. Куманово во својата новореновирана сала, во која нема греење, сепак домашните направија атмосфера за да ги згрее оние што дојдоа да го следат мечот против Јапонија.
Јапонија иако не е од рангот на светските велесили, сепка славеше во Куманово со 32-31.
За разлика од првиот меч кој беше од „затворен тип“ и кога се пробуваа различни варијанти, сега мораше нешто да се покаже на терен, да се види каква е формата на репрезентативците, и дали изборот е вистински, или некој е заборавен.
Ракометарите од „земјата на изгрејсонцето“ понудија ракомет против каков немаме можност често да играме. Требаше да се навикнеме на брзта игра, на додавањата, брзите проигрувања кои беа како надоместување за „мускулите“ и висината што ја немаа гостите.
Можеби бевме фаворити, но на терен во повеќе наврати Јапонците покажаа дека брзината некогаш е поважна од висината. Македонската одбрана имаше проблеми да ги сопре Ишида Томоки, Еномото Југа, Јошино Тацуки кои брзо вкрстуваа, и создаваа акции и најважно – погодуваа.

Игравме „топло – ладно“ со осцилации, со проблеми во затворање на одбраната, особено во средината каде ниските Јапонци лесно пробиваа. Затоа и се мачевме, резултатски да направиме предност со која би биле посигурно и помирни.
Кога Јапонците поведоа со 27-25 во 49 минута, селекторот Кирил Лазаров реши да го врати Мартин Томовски на голот. Но, кога во напад не се користат шансите стигнува казна, па „самураите“ во 51 минута веќе водеа со максималните три гола, 28-25.
Брзо Серафимов намали од пенал, и извлече и исклучување на противнички играч поради приговор, а веќе во следниот напад Јапонците направија техничка грешка и Џонов го погоди празниот гол за намалување на 28-27. Потоа дојде и израмнувањето, 28-28.
Во последните пет минути од мечот влеговме со реми, 30-30 со голот на Костески. Јапонците погодија, а на спротивната страна топката заврши над голот. И повторно гостите имаа шанса за напад, и погодија преку Мизумаки за 32-30. Брзо вративме преку Џонов.

На 90 секунди до крај Јапонците погрешија, па ние организиравме напад за израмнување. Веќе влеговме во последната минута од мечот, а Кирил Лазаров побара тајмауат, за последни совети, за најмалку реми, а можеби и за победа.
Но, од крило Џонов не погоди, а Ивашита одбрани, па гостите имаа шанса само да ја задржат топката. На 17 секунди до крај селекторот на Јапонија побара тајмауат.

























