Македонскиот шампион Ѓорче Петров пред својата публика го совлада Хазена Кинжварт со 32:29 во првиот осминафинален дуел во Европскиот Куп.
Иако тимот од Чешка во поголемиот дел од натпреварот беше во позитива, сепак, домаќинките со одличната игра во последните петнаесетина минути дојдоа до важна победа.
Една од предводничките во победничката екипа, Ангела Јанкуловска, ги сподели своите импресии по добиената битка со незгодниот ривал.
,,Добро бевме подготвени за овој натпревар од секој аспект, на почетокот тремата не обзеде и си го направи своето, но ја надминавме во текот на играта. Освен против чешката екипа Кинжварт, се боревме и против арбитрите кои не беа на ниво на нивната задача, но сето тоа заврши во наша полза на крај. Се радуваме на оваа победа и овие три разлика, но во Чешка не чекаат уште 60 минути борба во кои треба да дадеме сѐ од себе и да ја оправдаме оваа победа. Ние немавме голем одмор за време на празниците и напорно работевме, мислам дека трудот што го вложивме ни се валоризира”, изјави Јанкуловска.
Реванш средбата меѓу Ѓорче Петров и Хазена Кинжварт ќе се одигра на 20 јануари во чешкиот град Чеб.
Победникот од овој двомечот ќе се пласира меѓу најдобрите осум екипи во третото по ранг европско клупско натпреварување.
Ѓорче Петров на чекор до четвртфинале, славеше со плус три против Кинжварт
Ѓорче Петров на чекор до четвртфинале, славеше со плус три против Кинжварт