Јанкуловска пред евро-двомечот: Ако ја наметнеме нашата игра, резултатот ќе си дојде сам по себе

Металург Автокоманда има големи амбиции оваа сезона и на домашна и на меѓународна сцена. На претсезонските натпревари, но и на трите од Супер женската лига, избраничките на Јулијана Дамчевска, покажаа дека се во одлична форма.

Во пресрет на двомечот со Диферданж од Луксембург од ЕХФ Европскиот Куп што ќе се одигра во Автокоманда во Скопје, левиот бек Марија Јанкуловска, ги сподели очекувањата.

Битолчанката посакува продолжување на победничката низа и на овие два меча и пласман во третото коло.

„Секако дека очекувам и се надевам на продолжување на победничката низа и на овие два натпревари овој викенд. Нашиот состав е во одлична форма, мотивацијата и самодовербата се на високо ниво. На овие натпревари можеби имаме мала улога на фаворит, што мислам дека е дополнителен мотив за нас да го докажеме токму тоа“, вели македонската репрезентативка.

Диферданж не е атрактивен ривал, но Јанкуловска вели дека има неколку ракометарки што може да им направат проблеми.

„Имаме одредени информации за нив, иако секако станува збор за ривал кој е помалку познат на нашата јавност. Диферданж е солидна екипа, играат борбено и имаат неколку индивидуалки кои можат да создадат проблеми, пред сè од бековската линија. Сепак, според она што го анализиравме, мислам дека квалитетот на нашиот состав е на повисоко ниво. Ако го наметнеме нашето темпо и ја наметнеме нашата игра, резултатот ќе си дојде сам по себе“, продолжи Јанкуловска.

Металург Автокоманда допрва ќе игра со другите два фаворити за титулата во Супер женската лига, Ѓорче Петров и Чаир, но јасно е дека сезонава сигурно ќе биде интересна и возбудлива.

„Амбициите на Металург Автокоманда оваа сезона се навистина високи. На домашната сцена целиме кон самиот врв – нашата цел е двојна круна, односно и шампионската титула и пехарот во Купот на Македонија. Верувам дека имаме квалитетен тим кој знае што сака и се стреми кон остварување на тоа. На меѓународен план, свесни сме дека конкуренцијата е голема, но се надеваме на што е можно подобар пласман во ЕХФ Купот. Сакаме да покажеме дека Металург Автокоманда е клуб кој може рамноправно да се носи и со сериозни европски ривали“, заврши Јанкуловска.

Двата натпревари меѓу Металург Автокоманда и Диферданж од Луксембург ќе се одиграат утре и задутре во салата во Автокоманда со почеток од 15:00 часот.