Јанев: Победа си е победа, но мора да бараме замена за „моторот“ на тимот…

Женската младинска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на Мундијалот во Скопје.

Избраничките на Дарко Јанев ја совладаа селекцијата на САД со убедливи 32-15, но таа победа беше скапо платена бидејќи се повреди средниот бек Бојана Коцева.

Нема премногу детали околу типот на повредата и евентуалната пауза што ја очекува Коцева, но селекторот најави дека ќе мора без неа на следните мечеви.

„Не знам што да кажам. Победа си е победа, но сега мора да најдеме замена за Бојана, а таа е ‘моторот’ на тимот. Мора да подготвиме и нови тактики…“, кратко изјави селекторот по триумфот над САД.

Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Исланд, што ќе се игра утре од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, додека третата средба против Ангола е на 22 јуни од 20:15 часот.