Јагуриновски во неволја – новиот клуб пред испаѓање по Tрета лига!

Македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски летово направи трансфер во германскиот второлигаш Десау Рослаер, но новиот клуб на десниот бек се соочува со голем проблем уште пред стартот на новата сезона.

Имено, Федералниот суд донесе одлука за преигрување на натпреварот од 27 април, кога Десау Рослаер славеше како гостин против Есен со 28:27. Причината е тоа што во последните секунди тимот на Десау имал ракометар повеќе на терен.

Тимот на Есен, кому таа победа ќе му обезбедеше место во Германскиот куп, вложи жалба, која по второстепена постапка беше усвоена. Натпреварот ќе се преигрува, а последиците може да бидат сериозни.

Ако Десау загуби во преигрувањето наместо 31 бод ќе има 29, ќе падне од 10. на 17. место на табелата, што значи испаѓање во Третата лига.

Доколку дојде до таков развој, останува отворено прашањето дали Јагуриновски ќе остане во клубот ако стане третолигаш, или ќе се бара некое друго решение. Македонскиот десен бек пристигна со амбиција да се афирмира на германска сцена, но сега неговата иднина зависи од една спорна одлука и еден натпревар.

Датумот на новиот натпревар сè уште не е потврден, но одлуката ќе има сериозно влијание врз иднината на клубот – и можеби на кариерата на Јагуриновски.