Теодора Гулицоска, која заврши со активно играње на крајот од оваа сезона, ќе започне со тренерска кариера.
Таа веќе ги посетува модулите на ЗРТМ, а во новата сезона ќе биде дел од стручниот штаб на клубот Струга.
Струга е женски клуб што е формиран пред две сезони, засега настапува во младинските категории, а е предводен од некогашниот тренер на Стружанка, Владимир Паноски, кој соработува со Маја Попоска.
Гулицоска ќе работи заедно со нив и ќе се обиде своето искуство да им го пренесе на најмладите во градот, кој е расадник на ракометари и ракометарки.
Стружанката прекина со играчката кариера на 28 години и се пензионираше како членка на Чаир.
Гулицоска го одработи својот втор мандат во тимот на Чаир, откако претходно настапуваше за матичната Стружанка, Металург и Металург Автокоманда.