Гумерсбах го собори рекордот за продадени сезонски влезници вторпат по ред. Само по пет дена од почетокот на продажбата, клубот објави дека ја затвора отворената продажба на сезонски билети за сезоната 2025/26 – и тоа со рекорден број продадени влезници уште пред почетокот на сезоната.
Бундеслигашот продаде 3.200 билети, што значи дека во слободна продажба за домашните натпревари ќе има само по помалку од 1.000 билети за останатите навивачи.
„Оваа година решивме повторно да го зголемиме бројот на сезонски билети и ја затворивме продажбата на 3.200 билети, за да обезбедиме што е можно повеќе луѓе да можат да присуствуваат на натпреварите, дури и ако не се постојани посетители. Во моментов можевме да продадеме уште околу 250 билети, а интересот секојдневно расте,“ објасни генералниот директор Кристоф Шиндлер.
Претходниот рекорд беше 3.016 сезонски билети од сезоната 2024/25, кога клубот ги распродаде сите 16 натпревари на домашен терен во салата Швалбе Арена (капацитет 4.132 седишта), а спектакуларниот меч против Фуксе Берлин, Гумерсбах го играше во „Ланкес Арена“ пред 19.000 гледачи – вкупно 17 распродадени натпревари во Бундес лигата.
„Секако дека би биле среќни доколку можеме да пуштиме повеќе навивачи во арената. Им ветувам на сите фанови кои се на листата на чекање дека ќе направиме сè што можеме за што повеќе луѓе да добијат можност да го гледаат Гумерсбах во живо. Воедно, размислуваме и за алтернативни долгорочни решенија“, заклучи Шиндлер.