Денеска беа изгласани измените во Законот за спорт во делот околу распределбата на 10 милиони евра, државни пари, како помош за македонскиот спорт.
Лани во септември беше укинат „ваучер-системот“, а сега клубовите и спортистите ќе ги добиваат парите директно од државата.
Има промена во делот за исплата на плати за спортистите во клубовите. Најмногу една четвртина или 25%, од добиените пари ќе може да бидат искористени за плати на странци. Останатите ќе мора да ги добијат македонски спортисти, па оваа ставка ќе придонесе клубовите да имаат што повеќе Македонци во составите.
Агенцијата за млади и спорт ќе мора да формира Централна комисија, во која ќе има шест членови и претседателот, која по проверката ќе ги достави листите до Советот за спорт, каде ќе помине на уште една проверка пред да биде објавена во Службен весник до 5 април.
Секоја национална федерација претходно до 1 март мора да ја објави прелиминарната листа на клубовите и нивните бодови јавно, а таа потоа се доставува до АМС, односно до специјално фомираната комисија.