Ивиќ: Знаеме како против големи екипи како ПСЖ, никој не е фаворит во Битола!

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре ќе го одигра последниот натпревар за оваа сезона, a во Битола гостува големиот ПСЖ.

Иако за пелистерци овој меч ќе биде само за престиж, за францускиот клуб има големо значење во битката за директно место во четвртфиналето.

Голманот Филип Ивиќ, вели дека убаво е дека ќе бидат дел од уште еден меч пред полни трибини и ветува дека тој и соиграчите ќе ги остават срцата на терен.

„Ова е уште еден меч за кој цела сала е распродадена, а тоа е убаво да се знае. Играме одлично во Лигата на шампионите оваа сезона, собравме осум бодови, па ветувам дека ќе ги оставиме срцата на терен. ПСЖ е еден од најдобрите европски тимови. Сум бранел против овој тим многупати. На последните натпревари, покажавме дека може да играме и против големите екип со добра тактика во напад и борбен дух во одбрана, верувам дека и сега ќе одиграме квалитетен натпревар. Овој натпревар има големо значење за нас и сакаме да покажеме дека никој не е фаворит во Битола“, вели Ивиќ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.