Иван Марковски уште три сезони во Кувајт!

Maкедонскиот стратег Иван Марковски, кој работи како дел од стручниот штаб на Славко Голужа, ја продолжи соработката со тимот од Кувајт, Ал Кадсија, за уште три сезони.

Марковски заедно со Голужа ќе останат во Кадсија најмалку до 2027 година. Тие го преземаа кормилото на тимот од Кувајт во април минатата сезона и го одведоа до третото место во првенството.

Марковски лани работеше во Катар, во тимот на Катар Спорт Клуб, а претходно беше во Кина, каде што ја заврши својата едногодишна мисија во тимот на Шандонг каде беше тренер на женска екипа.

Тој ја започна тренерска кариера во некогашниот ХЈС Работник (сегашен Еурофарм Пелистер) во Битола, а потоа работеше во Франција, во тимот на Ле Самбр Авенуа. По камбекот во Македонија го презема составот на Металург и успеа да го извлече максимумот во Автокоманда, но си замина кон крајот на 2021 година.

Во играчката кариера Марковски ги носеше дресовите на Вардар, Пелистер и Металург, а во странство играше за Загреб, Oсијек, Метковиќ, Трст, КАИ Арагон…