Утре во салата „Јасмин“ во Кавадарци официјално почнува борбата за првиот трофеј во новата сезона – Суперкупот на Македонија. За титулата ќе се борат двата најтрофејни клуба во земјава – актуелниот шампион Еурофарм Пелистер и освојувачот на Купот, Вардар 1961. Во контролните натпревари пред сезоната, на турнирите во Охрид и во Скопје двапати победуваше тимот од Битола.
Тренерот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, очекува сосема поинаков дуел во однос на пријателските натпревари што двата тима ги одиграа ова лето:
„Ќе биде различно, освен составот сè друго ќе биде поинаку. И јас бев играч, знам што е пријателски меч, а што борба за трофеј. Очекувам повеќе притисок на една и на друга страна, а и полна сала. Тоа е добар тест за сите нас.“
Чупиќ вели дека иако подготовките не поминале според планот, неговата екипа мора да покаже повеќе дисциплина и агресивност:
„Имавме малку време да се рекуперираме. За жал, во последно време немавме тренинзи, само игравме. Се мачиме со повреди, но што е тука е. Очекувам од екипата да видам поагресивна и подисциплинирана игра, особено во однос на техничките грешки.“
Тренерот посочи и дека сака да го тргне притисокот од играчите:
„Подготвителни мечеви се едно, официјални нешто друго. Но, играњето за Вардар е привилегија. Сите треба да извлечеме поука од тоа. Нема алиби – Пелистер е актуелен првак и ги почитуваме, но сакам да видам агресивен Вардар.“
Што се однесува до составот, Вардар ќе биде значително ослабен:
„Вуко Борозан, Николас Боно и Милан Лазаревски уште не можат да помогнат. Ќе ги чекаме да се вратат, некои побрзо, некои подолго. Уште ќе видиме што е со Јака Малус и Мигел Пинто – тие се без тренинзи последниве денови, ќе решиме пред мечот.“
И покрај проблемите, Чупиќ нагласува дека возбудата е голема:
„Станав тренер бидејќи сакам да видам дали можам да бидам одличен тренер. Сакам полна сала и борба за трофеј. Возбуден сум што ќе играме пред публика и сум благодарен што имам шанса да се борам за титули.“
Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер за Суперкупот на Македонија е закажан за утре од 19:00 часот во Кавадарци.