Историско збогување: Претседател на пенал, ѕвезди на терен – само за Кристина Неагу!

Кристина Неагу, една од најголемите ракометарки на сите времиња, беше испратена со овации и емоции на специјалната гала што се одржа во салата „Сала Поливалента“ во Букурешт, пред повеќе од 5.000 фанови.

Откако ја заврши својата кариера кон крајот на мај, по освојувањето на романската лига и Купот со ЧСМ Букурешт, Неагу реши да ја одбележи својата блескава кариера со гала натпревар во кој се собраа нејзини пријатели, поранешни соиграчи и легенди на светскиот ракомет.

„Ја почувствував поддршката и почитта на луѓето низ целата кариера, но оваа година беше навистина посебна. Кога ги гледав луѓето како чекаат ред за фотографија, како треперат од емоции, тоа многу ми значеше. Порано бев постојано во брзање по натпреварите поради рехабилитација, не бев веќе 25 години,“ изјави Неагу.

Двете екипи беа поделени на Домашни Легенди (поранешни соиграчи од репрезентацијата на Романија) и Светски Ѕвезди, во спектакуларен пријателски натпревар.

Во екипата на Романија настапија ѕвезди од генерацијата што го освои сребрениот медал на Светското првенство 2005, Луминица Хуцупан Дину, Кристина Варзару, Паула Унгуреану, Валентина Ардеан-Елисеи, Јонела Станка и Аурелија Бредеану, како и други познати имиња: Оана Манеа, Адина Меирошу, Габриела Перијану, Крина Пинтеа, Елиза Бучески, Мелинда Гајгер, Патриција Визитиу и други.

Во составот на Светски Ѕвезди настапија некои од најголемите имиња на светскиот ракомет, меѓу кои Јелена Грубишиќ, Сираба Дембеле, Кармен Мартин, Андреа Лекиќ, Изабел Гулден, Катарина Булатовиќ, Линеа Торстенсон, Бојана Поповиќ, Драгана Цвијиќ и многу други.

Натпреварот се одигра во три дела по 10 минути, и беше исполнет со бројни емотивни и хумористични моменти. Неагу постигна гол, застана на голманската позиција, па дури и се најде во улога на судија.

Кулминација на вечерта беше кога претседателот на Романија, Никушор Дан, влезе на терен и реализираше пенал, по додавање од Нарциса Лекушану, некогашната членка на Кометал Ѓорче Петров. Сцената предизвика громогласни аплаузи од присутните.

„Нема целосно да се повлечам од ракометот, но се надевам дека засекогаш ќе останам во вашите срца. Пресреќна сум. Самото тоа што толку многу поранешни колешки веднаш кажаа ‘да’, говори доволно за тоа што сум постигнала. Подготвена сум за ново поглавје во мојот живот,“ изјави Неагу на крајот од свеченоста.

Кристина Неагу останува единствената ракометарка во историјата што четири пати ја има освоено наградата ИХФ Најдобра ракометарка на светот – потврда за нејзината величина и влијание во женскиот ракомет.

Сега, кога нејзината натпреварувачка кариера заврши, Неагу најави дека нема целосно да се оддалечи од спортот, но дефинитивно почнува ново, подеднакво возбудливо патување.