Репрезентацијата на Португалија ја шокираше Шпанија, победи со 35:29 и обезбеди историско четвртфинале на Мундијалите, па така ќе има убава шанса да се бори за пласман во полуфиналето на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Шведска.
Португалија, која сега во својата група има седум бода, во последното коло од главната фаза ќе игра против Чиле и избраниците на Переира ќе посакуваат со убедлив триумф да го прослават обезбеденото место во ТОП 8.
Иако Шпанија за нијанса беше подобра во првиот дел и на пауза имаше предност од 16:15, во второто полувреме „црвената фурија“ целосно се изгуби и дозволи Португалија да обезбеди убедлив триумф, а поразот за Шпанците значи крај на надежите за четвртфинале.
Расположените ракометарите на Переира откако имаа негатива од 19:16, направија серија од 6:0 и поведоа со 22:19. Токму во тој период Португалија ја обезбеди победата, бидејќи до крајот Шпанија никако не можеше да се врати во игра.
Веќе во 55-та минута, при предност на Португалија од 28:24, јасно беше дека светскиот првак од 2013 ќе биде поразен. Одлична партија во редовите на Португалија имаше Франциско Коста, погодуваше кога беше најпотребно и натпреварот го заврши со осум погодоци.
Аргентина на натпреварот против Зеленортските Острови ја оправда фаворитската улога и триумфираше со 30:26 (14:14).