Последните 10 места за Европското првенство за кадети што ќе се одржи во Србија се пополнети по одигрувањето на квалификациските турнири. Покрај Македонија, на ЕП ќе настапат и Чешка, Финска, Израел, Италија, Црна Гора, Полска, Швајцарија, Словачка и Турција, кои обезбедија место преку квалификациите.
Тие ќе им се придружат на 14 веќе пласирани репрезентации според рејтингот – Србија (домаќин), Хрватска, Данска, Шпанија, Германија, Унгарија, Исланд, Португалија, Шведска, Австрија, Фарски Острови, Франција, Словенија и Норвешка.
Италија го запечати пласманот по само два натпревари – ги совлада Турција (34-27) и Романија (27-23). Турција сепак обезбеди билет со тесна победа над Романија (30-29) и по 20 години ќе игра на континентален собир за кадети. Сите три селекции го совладаа Косово.
Швајцарија славеше со 31-30 против Полска, а голот на Леон Портман во финишот го обезбеди триумфот, а со тоа и пласманот. Полјаците претходно ја совладаа Летонија (38-33), победа што се покажа клучна за второто место. Во групата беше уште и Кипар, кој загуби на трите меча.
Словачка, како домаќин, го завери настапот по победите над Црна Гора и Холандија, додека Црногорците благодарение на седумте гола на Милош Тујковиќ во тесниот триумф над „лалињата“ со 24-23 ја освоија втората позиција. Украина загуби три пати во оваа група.
Во групата Д имаше три селекции со по четири бода, а покрај Македонија, Финска и Грција завршија со по 4 бода. Македонските кадети го освоија првото место по гол-разлика, Финците беа втори, а Грците останаа кратки за само еден гол!
Чешка победи на сите три натпревари во својата група, а Израел со гол на Гева Гани во последните секунди ја победи Литванија (33-32) и обезбеди место на ЕП. Во оваа група беше и селекцијата на Естонија, која беше совладана од сите други.
ЕП 2026 ќе се одржи од 29 јули до 9 август во Србија со 24 селекции.
Третопласираните репрезентации од квалификациските групи – Грција, Летонија, Литванија, Холандија и Романија, како и трите најдобри четвртопласирани – Естонија, Луксембург и Украина, ќе играат на ЕХФ шампионат 1, додека Кипар и Косово ќе настапат на ЕХФ шампионат 2, заедно со селекциите кои дополнително ќе се пријават.


























