Додека исландската репрезентација настапува на Европското првенство водена од идејата за чест и национална гордост, дел од европските селекции, меѓу кои и Македонија, се мотивираат и со конкретни финансиски награди.
Токму оваа разлика во пристапот предизвика изненадување на Исланд, каде што не е вообичаено играчите да добиваат пари за настап или резултати во националниот тим.
Во Исланд, традиционално се смета дека играњето за репрезентацијата е обврска и чест, а не финансиски ангажман. Финансиските можности на федерацијата со години не дозволувале исплата на бонуси за пласман или победи на големи турнири, па таквата пракса никогаш не станала дел од спортската култура.
Ракометната федерација на Македонија со подршка на Министерството за спорт, за секоја победа на турнирот предвидува награда од 2 милиони денари, а дополнителни 2 милиони денари ќе следуваат доколку репрезентацијата обезбеди пласман во следната фаза. Со ова, Македонија јасно го врза спортскиот резултат со финансиска стимулација.
„Финансиската состојба на Ракометната федерација на Македонија изгледа прилично стабилна, бидејќи таа историски им исплаќала бонуси на играчите од женската и машката репрезентација при остварување одредени резултати на големите турнири, како и за обезбедување пласман на вакви натпреварувања“, пишуваат исландските медиуми.
Но слична практика постои и во повеќе други европски федерации. Во Германија, на пример, играчите добиваат конкретни парични награди за освоени медали на Европско првенство, при што златниот медал носи највисок бонус, а следуваат помали суми за сребро и бронза. Во Норвешка, пак, бонусите се поврзани со освојување на титули и медали, а износите по играч можат да достигнат десетици илјади евра.
И Данска, Шведска и Франција имаат договори со своите репрезентативци што предвидуваат исплати за пласман во главните рунди, нокаут-фази или за освојување медал. Во овие земји, финансиската награда се смета за дел од професионалниот однос меѓу федерацијата и играчите, особено ако се земе предвид напорниот календар и ризикот од повреди.
Контрастот меѓу Исланд и останатите европски земји ја отвора дилемата дали националниот дрес треба да се брани исклучиво од патриотизам или и со конкретна финансиска мотивација. Додека Исланѓаните остануваат верни на традицијата без бонуси, Македонија па и дел од европските сили јасно покажуваат дека во современиот ракомет, резултатите сè почесто се наградуваат и со пари.


























