Исланд со 13 ракометарки од домашното првенство на ЕП 2024

Селекторот на женската репрезентација на Исланд, Арнар Петурсон, го објави списокот на ракометарки што ќе бидат во комбинација за Европското првенство во Австрија, Швајцарија и Унгарија.

Меѓу повиканите не е Сандра Ерлингсдотир, која настапува за германскиот Мецинген и која беше една од најдобрите во исландската селекција на минатото СП.

Таа паузира поради бременост, па селекторот Петурсон, ќе мора без неа на континенталниот собир. Дури 13 ракометарки од списокот играат во домашното првенство, додека пет се интернационалки.

Исланѓанките ќе одиграат две пријателски средби против селекцијата на Швајцарија на 22 и 24 ноември.

Островската селекција се наоѓа во тешка група на Европското првенство и ќе игра против Холандија, Германија и Украина. За Исланд ова е трет настап на ЕП по оние во 2010 и 2012 година.