ФОТО: РК Мелсунген

Искусниот голман го пропушта ЕП – Црна Гора без Небојша Симиќ!

Голманот Небојша Симиќ го продолжува процесот на рехабилитација по тешката повреда на коленото.

Во април црногорскиот репрезентативец ги скина предните вкрстени лигаменти, а првичните прогнози велеа дека би можел да се врати на терените кон крајот на годинава.

Сепак, самиот Симиќ потврди дека неговото враќање ќе се одложи, бидејќи одлучил да го испочитува минимално препорачаниот период на опоравување од девет месеци.

„По консултациите со неколку лекари, физиотерапевтите од клубот и репрезентацијата, како и со тренерите и другите стручни лица, решив да ја почитувам препораката за деветмесечна пауза. За жал, не се гледам подготвен да играм во 2025 година. Исто така, не сакам да влетам во жестокото темпо на Европското првенство без соодветна подготовка. Тешко е да се гледа од страна, но со ваква повреда нема друг избор. Сакам сето ова да го оставам зад себе и во 2026 година да се вратам уште посилен. Најверојатно тоа ќе се случи во февруари“, изјави Симиќ.

Црна Гора ќе игра во групата Д против Швајцарија, Словенија и Фарски Острови, а во текот на подготовките ќе има две пријателски средби со Босна и Херцеговина.

Селекторот Дидие Динар на поширокиот список покрај Симиќ, ги има уште Никола Матовиќ, Миле Мијушковиќ, Саво Вујовиќ, Харис Суљевиќ и Данило Михаљевиќ.