Селекторот на Швајцарија, Енди Шмид, го објави списокот на ракометари за настап на ЕП 2026 и се одлучи за избалансирана комбинација од искусни играчи и ракометари кои настапуваат во домашното првенство и се во подем.
Никола Портнер за првпат по завршувањето на суспензијата повторно е дел од репрезентативниот состав. 32-годишниот голман од 10 декември повторно има право на настап и на Европското првенство ќе ја предводи селекцијата како капитен.
Повторно е повикан и Мануел Зендер. Бекот постепено се враќа по тешката повреда на коленото, која ја заработи пред околу една година. Феликс Ален во меѓувреме го привлекува вниманието со настапите за германскиот Ајзенах, каде е најдобар стрелец на екипата.
Повторно е повикан и Никлас Меирзва, кој играше и на пријателските средби со Хрватска. Во составот се и Ноам Леополд од францускиот Нант, како и Лени Рубин, Џино Стенартс и Самуел Ретлибергер од Бундес лигата. Покрај 10 интернационалци, селекторот повика и девет играчи од швајцарскиот шампионат.
Селекцијата на Швајцарија ќе тестира против Македонија, Бахреин и Украина на „Жолтиот Куп“ во Винтертур од 8 до 10 јнауари, а во групата на ЕП се со Словенија, Фарски Острови и Црна Гора.


























