Irfan SMAJLAGIC (coach), Bosnia and Herzegovina vs Netherlands, Men's EHF EURO 2024 Germany, Mannheim, Germany, 13.01.2024, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Ирфан Смајлагиќ повеќе не е селектор на БиХ

Репрезентацијата на БиХ ќе биде предводена од нов селектор во бараж двомечот против Португалија за пласман на Светското првенство 2025, откако босанската ракометна куќа и Ирфан Смајлагиќ спогодбено ја прекинаа соработката, пренесува босанскиот портал „Клих.ба“.

Смајлагиќ во текот на месец септември 2022 година ја презеде селекторската функција од тогашниот привремен селектор Тони Чолина и имаше задача да избори пласман на Европското првенство 2024, но и да направи забележителен успех.

Босанците под негово водство успеаја да имаат одличен настап во квалификациите и во група со Словенија, Црна Гора и Косово завршија на второто место, со што се изборија за трет настап на континенталните собири.

Победите над Црна Гора и Словенија во квалификациите им даваа надеж на ракометарите на БиХ дека можат да направат нешто повеќе на Европското првенство, но од тоа немаше ништо.

БиХ настапот на Европското првенство го заврши уште во групната фаза, доживеа два очекувани порази, од Шведска и Холандија, а во последното коло неочекувано беше поразена од Грузија.

Во следниот период ќе се знае кој ќе седне на жешкото селекторско столче. Кој и да биде новиот селектор, босанската репрезентација ќе има тешка задача во бараж дуелите со Португалија.