Стерјев е етаблиран како професор и декан на Факултетот за фармација, додека неговата сопруга Татјана е во фармацевтскиот бизнис како управител на фармацевтската компанија „Еурофарм“ и тие во последниве неколку години заедно со синот Бојан и ќерката Марија, се јадрото на големото семејство наречено Еурофарм Пелистер.
Клубот за семејството е трето дете, кое одзема многу време, енергија, финансии, но носи и многу емоција, љубов, радост и гордост, која дополнително е наглаена со полните трибини во „Боро Чурлевски“ и со поддршката и сплотеноста која ја има во Градот на конзулите. „Кога сте родум од Битола, вие сте задоени со ракомет“ – гордо потенцираше Стерјев во нашиот разговор.
Во сезоната со многу подеми и падови, промени во стручниот штаб, скромно претставување во Лигата на шампионите, загубеното финале во Купот, неизвесниот финиш во Суперлигата, битолските „зелени“ на крајот се радуваа на одбрана на шампионската титула, а можеби најмногу од нив се радуваше токму првиот човек на клубот – Зоран Стерјев.
„Искрено ланската титула која беше прва по 18 години е онаа на која повеќе се радував. Годинава, можеби визуелно, радоста беше поголема веројатно поради исклучително тешката сезона во која добар дел од плановите кои ги имавме не се реализираа. Она што го реализиравме беше макотрпно и сметам дека тоа е главната причина што визуелно втората титула донесе поголема радост. Дефинитивно е потешко да се остане на врвот отколку да се искачите на него. На врвовите има и повеќе и посилни ветришта кои дуваат, а таму нема голема заштита“, потенцира претседателот на Еурофарм Пелистер и продолжува: „Оваа сезона енормно поголем беше и притисокот и предизвиците и нервозите. Очекувавме сезонава да има еден смирен тек, преку кој ќе ги почувствуваме придобивките од титулата, и во Лигата на шампионите, и дека во домашното првенство и Купот ќе бидеме супериорни. На почетокот на сезоната имавме екипа која ветуваше, споредено со другите екипи во нашето првенство, дека ќе бидеме доминантни. Реалноста беше поинаква, особено првата полусезона не одеше ништо по планот и тоа донесе големи стресови и нервози и затоа мислам дека оваа сезона беше потешка во однос на претходната.“
ФОКУСОТ НА ПОГРЕШНО МЕСТО
Еурофарм Пелистер резултатско лошо мина сезонава во групната фаза од Лигата на шампионите, а причината за тоа е што сите сили во клубот беа насочени кон организациска перфекција.
„Оние кои ме познаваат знаат дека најдобро функционирам под притисок и тогаш кога нештата треба да се кренат и да се вратат на вистинскиот пат. Кога правам ретроспектива на целата сезона мислам дека Лигата на шампионите е голема придобивка од ланската титула и едно огромно искуство, кое имаше големо влијание на целокупната сезона. Сите во клубот, вклучително и стручен штаб и управата, во периодот од јули до ноември бевме оптоварени со тоа како ќе поминеме во ЛШ организациски. Тука ги земам предвид проблемите со салата во Битола, со можностите да се одигра, кратките временски рокови во кои требаше сè да се направи за да се стигне до ЛШ – прва инспекција, втора инспекција… Сето тоа правеше голем притисок. Сега кога анализирам поради таа преоптовареност со организацијата на натпреварите, ние го загубивме фокусот кон вториот дел – екипата и резултатот. Улога во тоа секако играше и субјективното мислење дека имаме доминантна екипа во домашното првенство, со која сметавме дека ќе може да изненадиме и во Лигата на шампионите.“
ВО БИТОЛА ИМА КОНСЕНЗУС ЗА НОВА САЛА
Дека Битола треба да добие нова спортска сала е тема на која одамна се зборува. Самиот факт дека клубот потрошил многу време и енергија организациски тоа дополнително го поттикнува, а по две шампионски титули во низа и учество во ЛШ, нели е време таа идеја да добие и реализација?
„Во Битола има консензус дека нов спортски објект е неопходен и за тоа се едногласни сите инволвирани страни. Потребен е нов објект, посовремен, и од аспект на енергетска и функционална ефикасност, во кој можеби ќе има и тренинг сала и сала за одигрување натпревари. Битола со оваа спортска актива која ја имаме во последниве години го заслужува тоа. Ветувањата се дека за брзо ќе започне изградба, но тоа е нешто што треба да го направат или општината, или државата. Работиме и на тоа да направиме заеднички проект со некој од пристапните фондови, кој ќе ни овозможи на полесен начин да стигнеме до материјалните сретства кои ќе се искористат за таа намена.“
Стерјев веднаш објасни и дека салата не е услов за учество во Лигата на шампионите следната сезона.
„Морам да потенцирам дека за учество во ЛШ важат истите услови како и ланската сезона, што значи салата не е проблем. Ние организациски немавме никаква забелешка ниту од ЕХФ, ниту од клубовите, напротив добивме само пофалби и благодарност, и за гостопримство и за организација. За нас беше голема сатисфакција што после долги години во Битола се играше Лигата на шампионите во овој формат.“
ГОЛЕМ ПЛУС ВО ЛШ: СЕКОЈ НАТПРЕВАР ПРЕД ПОЛНИ ТРИБИНИ
Претседателот на Еурофарм Пелистер минатиот викенд беше на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во ЛШ, каде се сретна со челниците на ЕХФ и лобираше за добивање на „вајлд-карта“ за учество во елитата и следната сезона. Одтаму се врати оптимистички расположен.
„Разговорите во Келн дадоа до знаење дека се работи за транспарентен процес каде Комисијата одлучува според критериуми, а ние имаме неколку кои тежнеат на позитивната страна. Еурофарм Пелистер заедно со дански Алборг беа споменати како клубови чии натпревари биле најпосетувани, односно се играле пред полни трибини, и тоа е сериозен плус. Организацијата, атмосферата – за кои немавме забелешки, а и поврзаноста наша, и на публиката кон квалитетниот ракомет. Свесни сме дека резултатите не се нешто со што може да се пофалиме и тоа има влијание кон негативната страна, но мислам дека имаме повеќе позитивни страни. Сметам дека од овие простори – Балканот, ППД Загреб и Еурофарм Пелистер се клубовите кои ќе добијат ’вајлд-карта’ со оглед дека овој дел на Европа е значаен за ЕХФ.“
Ако ја добиеме поканата и играме во Лигата на шампионите, што ќе биде поука за клубот?
„Ги сублимираме искуствата и прва лекција ќе биде – на стручниот штаб ќе му биде забрането да размислува за организацискиот аспект. Лани бевме сите преоптоварени со тоа, но сега знаеме подобро и фокусот на тренерите ќе биде само кон екипата и подготовката на тимот. Играчите кои се костурот на екипата за следната сезона веќе имаат искуство плус и самодовербата е на повисоко ниво. Дополнително ќе работиме и стручно на кревање на психолошкиот капацитет на екипата и засилување на самодовербата, затоа што мислам дека во некои натпревари преголемиот респект кон противниците ни донесе негативен резултат. Тие две работи ќе придонесат да имаме подобри резултати оваа година и исто така сметам дека екипата за некои 30-посто ќе биде поквалитетна од лани.“
СМЕНА НА ТРЕНЕР – НЕОПХОДЕН ЕЛЕКТРОШОК
Уште еден стресен момент сезонава за шампионот беше и промената на тренерот, односно прекинот на соработката со Александар Јовиќ и прекомандувањето на спортскиот директор Бранко Ангеловски за негова замена на клупата.
„Целокупната ситуација во тоа дел од сезоната ја донесе сменета на тренерот. Кога нештата се движат во правец во кој е неопходен електрошок, не можете да пробувате со алтернативни методи на лекување, бидејќи во таков случај ризикувате да го загубите пациентот. Едноставно ако ситуацијата е за електрошок, мора така и да реагирате“ – стручно објасни Стерјев и продолжи: „Моја одлука е Бранко да ја превземе тренерската функција, но најверојатно поради неговата скромност, тој не спомена еден дел. Со неговото седнување на клупата се почувствува поинаква енергија, се сменија некои работи во соблекувалната, кои до тој момент беа разбранувани, се создаде поинаква атмосфера и екипата добро ја прифати таа промена. Затоа кај мене немаше дилема дека тој треба да остане на позицијата. Многу брзо во приказната се врати, иако според мене Звонко (Шундовски) никогаш и не замина од неа, и кога разговаравме заедно со Бранко го прашавме дали е свесен дека ако не се остварат целите ова може да му биде крај на тренерската кариера, и дали може да се носи со притисокот и предизвикот? Кај Бранко немаше двоумење, веднаш одговори: ’Да, свесен сум и ја превземам одговорноста!’ Бранко не е човек кој брзо носи такви одлуки, а ваквата негова реакција, само дополнително ни потврди дека тоа е решението кое ќе донесе пресврт и ќе не врати на колосек.“
ЗАВЕТ ДА ГО ПРОДОЛЖИМЕ ДЕЛОТО НА СИЛЈАН
Основата на големото семејство Еурофарм Пелистер, е Зоран, со неговата сопруга Татјана и децата Бојан и Марија, од кои поаѓа сè.
„Еурофарм Пелистер е големо семејство, но она потесното, помалото, јадрото, тоа сме ние четворица дома. Ако пред четири – пет години јас бев најголемиот промотор за целокупната оваа активност, во последната година – година ипол, кога и да се појавил сомнеж дека треба да сум надвор од приказнава, потесното семејство не оставаа простор да се размислува, а уште помалку да се разговара на таа тема. Дополнително, на крајот на годинава дадовме и завет дека ќе го продолжиме делото кое одамна го има започнато Силјан Мицевски, кој за жал не е веќе со нас. Едноставно сè е некако поврзано и дава и енергија и патоказ како понатаму. Сега ситуацијата е таква, што сум тешко осамен (се смее) во иницијативата да се зборува за тоа како да продолжиме понатаму и колку сето ова е оправдано или не“, објаснува претседателот и продолжува: „Јас и денеска сум повеќе етаблиран како професор и декан на Фармацевстски факултет, сопругата во фармацевтскиот бизниз како управител на Еурофарм, а сега луѓето кои се заљубеници во спортот и кои работите ги следат преку спортот, нè запознаваат преку ракометот кој е еден сегмент од животот и општеството. Ракометот е нешто што ни даде дополнителна димензија во нашето живеење, некоја дополнителна сплотеност, особено кога децата растат и се помалку се темите на кои може да разговарате со нив. Секој си оди на своја страна, но темата ракомет е секогаш интересна за сите четворица и секогаш има многу прашања и простор за разговори, а преку ракометот отвораме и други теми. На семејните ручеци, кога сме сите заедно мислам дека 35-посто од времето зборуваме за ракомет.“
КЛУБОТ Е ТРЕТО ДЕТЕ
Го чувствувате ли клубот како трето дете, кое можеби одзема и најмногу финансии, време и енергија?
„За жал најмногу време и енергија одземаат непринципиелностите кои ги има многу и тоа е она што создава големо незадоволство. Ракометот во нашето семејство не само што е трето дете, туку е и најпрохтевно дете, и дете околу кое сите сме најмногу ориентирани, особено во последниве неколку години (се смее) ова го мислам во суперлативи. Но, и пред да влезе Еурофарм во клупскиот ракомет, Еурофарм беше дел од Управниот одбор и спонзорскиот тим на РФМ, нашите деца од најмала возраст беа дел од настапите на ракометарите на ЕП и СП. Синот Бојан еден период беше и ракометар во Металург и од најмала возраст за него ракометот е профилиран како спорт број еден. Растеше заедно со легенди како Димовски, Мојсовски, Лазаров, кои му беа идоли. Ракометот е нешто што во нашето семејство има традиција која се негува.“
Од каде спортскиот ген за ракомет?
„Кога сте од Битола тогаш сте предодредени за ракомет. Додека живеев во Битола професионално се занимавав со скијање и повеќе сум играл фудбал и баскет отколку ракомет, но додека немам пропуштено натпревар на Пелистер. Да не зборувам дека во мое време главно излегување беше на трибини во ’Младост’ каде гледавме тренинзи. Добар дел од детството сум минал во спортската сала на тренинг на Пелистер, кога тој беше моќен ракометен клуб во Југославија, паметам натпревари – оној со Металопластика кој е легендарен и кога ќе се сетам што се сме правеле за да се најдеме на трибини и да го гледаме Пелистер како игра. Денешните деца не може да го почувствуваат тоа – онаа исконска поврзаност со спортот. Ако имаше натпревар во сабота, главен предизвик за нас како деца цела недела беше да се соберат ленти од касите од супермаркет за да може да ги фрлите од трибини и да се направи атмосфера.“ (се смее)
ПУБЛИКАТА Е НАШ ОСМИ ИГРАЧ
Битола е ракометен град, каде битолската публика игра и тоа каква улога.
„Публиката е мошне важен сегмент во овој проект и она што е најважно ја обединивме и сите љубители на ракометот во градот. Секој од нив има свој придонес во успехот, со тоа што односот кон клубот е различен. Генерално ние како управа имаме одлични односи со навивачите ’Чкембари’, но во салата постојано се присутни и големи познавачи на ракометот, луѓе верни на клубот и она што се работи во него, кои го следат на секој чекор и дома и на гостувањата. Широки и обемни се дебатите после секој потег на клубот, после секој меч и секој резултат и доколку ги следите може да се препознаат оние кои имаат чесна намера и кога даваат негативни, но конструктивни коментари, а има и една група на луѓе кои иако се прикажуваат како големи љубители и поддржувачи, едвај чекаат негативен резултат за да ги испразнат своите фрустрации. Но, тоа е толку минорна група на луѓе која не заслужува внимание. Значајно е дека салата е постојано полна, за ракометот постојано се зборува, можеби е и тема број еден и клубот и играчите ја чувствуваат поддршката од навивачите. Тие се нашиот осми играч на секој натпревар. Нашата публика ни дава можност на почеток на секој натпревар да сме доминантни, затоа што го започнуваме со осум играчи.“
Каква емоција буди во Вас кога ќе ги видите полните трибини во „Боро Чурлевски“?
„Секое влегување во таква сала и секој еден натпревар во таква атмосфера потикнува без исклучок многу позитивни чувства, неколкупати во тек на натпревар ми се случува да ме поминат морници. Поттикнува огромно задоволство, а тоа доаѓа најмногу од фактот дека е препознаена работата, квалитетот и тоа што сме успеале да дојдеме до ниво кое ќе овозможи публиката да се поврзе на вистински начин со екипата, со клубот и да изразува и радост и тага со играчите во текот на натпреварите. Тоа дава константна енергија да се продолжи да се дава и да се работи. Традицијата и енергијата која ја има на трибините во Битола ретко каде може да се доживее.“
ПРОЕКТОТ – НАДЕЖ ДЕКА РАКОМЕТОТ ЌЕ СЕ ВРАТИ НА ПРЕСТОЛОТ
Силјан Мицевски, Благоја Стефановски, Иван Марковски и Александар Зарков беа иницијатори за реактивирање на РК Работник, а неколку години подоцна Зоран Стерјев беше идеолог и визионер со платформата за ракометна Битола. Можевте ли да помислите дека сите овие иницијативи ќе донесат ваков резултат?
„Кога влеговме во оваа работа имавме јасна насока, цел и визија каде треба да одиме. До целите се доаѓа само со истрајна, чесна и макотрпна работа, подготвени тоа да го направиме и во ракометот и да стигнеме до онаму каде што сме денес. Ако во првите неколку години од целокупниот овој проект немаше предзнаци дека се движиме на вистинскиот пат кон целта ќе бевме веќе надвор од приказната и ќе признаевме дека не можеме да ги исполниме зацртаните цели и ќе оставевме место и простор за некој друг да го постигне. Секогаш имаше надеж дека ракометот ќе го врати престолот.“
ПОРАЗИТЕ БОЛАТ ПОВЕЌЕ ОД ШТО РАДУВААТ ПОБЕДИТЕ
„Важно е дека и сопругата од најмали нозе е задоена со ракомет, кај неа во семејството го имало она што сега се случува кај нас. Од најрана возраст да се зборува само за ракомет. Таа дури на почетокот имаше најголем гард кон тоа дека повторно ќе се занимаваме со оваа работа, беше најрезервирана, не беше среќна поради тоа повторување на историјата (се смее). Во спортот многу се среќни моментите кога победувате, но исклучително тешки се кога се губи. Кога тоа го правите од душа и срце, чесно и со многу емоција, поразите болат многу повеќе од што радуваат победите. Тоа во одреден момент знае да предизвика и незадоволство, негативна енергија што се чувствува во семејството. Во изминатиов период ни се случуваше после некој натпревар од Битола до Скопје во автомобил да бидеме четворицата и никој со никого да не прозбори, или цел викенд секој на своја страна да е повлечен, а причина за тоа да биде негативен резултат на екипата. Од друга страна дополнително позитивна енергија и радост носат победите. Спортот и ракометот не е нешто што нуди само задоволство, нуди непреспиени ноќи и многу стрес, бара многу време и енергија и во некое друго време кога би размислувале од некоја друга страна и димензија може да биде бариера да се отргнете. Од сè она што во животот го правам и работам постресна активност од оваа поврзана со ракометот сум немал. Стресот е огромен, а во одредени ситуации не можете да влијаете. Седите на трибини и во исчекување сте.“
ТЕРАПИЈА ПРЕД НАТПРЕВАР
Зоран Стерјев може да се види на трибини скоро на секој натпревар, ретки се моментите кога семејството не е во сала да ја поддржи екипата.
„Во рамките на можностите се трудам да бидам на секој меч со екипата. Лани патував и на гостувањата во Лига Европа, годинава обврските не го дозволуваат тоа, но ги следам натпреварите на ТВ. Кога играме дома се трудам да бидам секогаш присутен на трибини. Возењето Битола – Скопје или Скопје – Битола и ноќно патување стана составен дел од животот. Не знам колку километри, строго наменски за да гледаме натпревар, имаме поминато во изминативе години. Ќе ви откријам и една тајна – сите поголеми натпревари, сите дерби натпревари во домашно првенство, Купот, во Лига на шампионите или лани во Европската лига, не можам да ги следам доколку не земам терапија. Тоа го знаат сите луѓе кои се околу мене. Не зборувам за нешто за смирување или депресан, зборувам за терапија антиаритмик, која ми овозможува емоциите да не ми создаваат тахикардија, зголемен крвен притисок… Тоа е пред секој меч, и моите блиски го знаат тоа и знаат некогаш да ме прашаат дали сум земал терапија.“
ЗАСИЛУВАЊА – ДА, НО ВЕРУВАМЕ И ВО НАШИТЕ ДЕЦА
Македонскиот првак во исчекување на позитивен одговор од ЕХФ за учество и следната година во Лигата на шампионите гради тим со кој ќе може да се претстави резултатски во подобро светло. Дел од засилувањата се претставени, но првиот човек на клубот најавува уште неколку нови имиња.
„Преодниот рок за нас не е завршен, во интензивни преговори сме со уште тројца – четворица ракометари за кои сметаме дека можат да придонесат за квалитетот на екипата. Ќе имаме засилување на бековските позиции, можеби и на трите, дополнително и на пикерската позиција. Преговараме и со некои домашни играчи, но во овој момент за потребите на екипата, домашните играчи кои го имаат потребното за нас ниво на квалитет се веќе под договори во други клубови, и во овој момент се недостапни, па поради тоа најверојатно ќе бидат странски засилувања.“
Извршниот директор Звонко Шундовски и тренерот Бранко Ангеловски јасно дадоа до знаење дека се работи на тоа битолските деца да се вратат дома, а сега тоа го потенцираше и претседателот Стерјев.
„Визија и стратегија на клубот е битолското лоби од сезона во сезона да е се посилно. Филип Кузмановски и Никола Митревски како деца на Пелистер се враќаат дома – двајца докажани ракометари со кои и претходно сме имале соработка и се радувам што повторно се дел од тимот. Павле и Петар Атанасијевиќ, по потекло се од Битола, и со исклучок на првите три години, нивниот играчки раст и развој е во редовите на Еурофарм Пелистер, а истото се однесува и за Самоил Ристевски. Но, тоа не се однесува само за деца кои се родум или потекнуваат од Битола. Го имаме еден Цветан Кузмановски, Емилијан Ѓорѓоски, Ненад Костески – кои ги сметаме за наши деца и тоа се играчи од кои следнава сезона ќе очекуваме многу. Можеби кај некој има дилема дека не добиле шанса и простор, но според консултациите со стручниот штаб подобро е да се оди чекор по чекор отколку да се скокаат скалила. Некои се прашуваа и зошто го ангажиравме Дејан Манасков кога на таа позиција ги имаме Цветан и Петар? Верувајте дека и клубот, но и играчите имаат огромни придобивки од присуството на Дејан во клубот, кој многу посветено и несебично се труди да влијае позитивно на нив и да им пренесе дел од своето искуство.“
Претседателот спомена и дел од играчите кои на крајот на сезоната заминаа од клубот.
„Од играчите кои заминаа и жалам поради тоа е Марио Танковски. Многу време и енергија потрошивме за тој да дојде во екипата и од старт кон него имам поизразени симпатии како играч. За жал не успеја да се наметне, од разни причини, и иако беше под договор проценивме дека од спортски дух и за него и за македонскиот ракомет добро е да оди во друга средина каде ќе има поголема минутажа, иако тоа не мора да значи. Лесјак ќе го паметам како добар голман и играч, но од човечка димензија остави белег на спортско џентламенство во клубот и крена некои стандарди во тој поглед во клубот. Гедбан е се уште во Битола и тешко ни оди разделбата. (се смее) Перцепиравме изминативе 20-тина дена дека неговото потпишување во друг клуб е само мис-комуникација меѓу управата, менаџерот и играчот. Во договорот на Гедбан имаше клаузула дека до 31 декември 2023 година ќе разговараме за продолжување на договорот и бидејќи до таа временска рамка не беа поттикнати преговори од клубот, тој помислил дека ние не сметаме на него и прифатил друга понуда, само на тоа се должи раното потпишување. Роковите, да, треба да се почитуваат, но генерално секогаш сме имале комуникација со играчите дали остануваат или не, било кој да ја поттикне. Сери добро почна, но не успеја да се врати по повредата и едноставно не можевме да продолжиме. Две убави години имавме со Василев и се разделивме пријателски и спортски. Досега не постои ниту еден играч кој бил во нашиот колектив и заминал, а тоа да биде без позитивни чувства и искуства.“
ПОРАЗОТ ВО БАРАЖОТ НА „ДВОЈКАТА“ ТЕШКО ГО ПОДНЕСОВ
По радоста за шампионската титула со Еурофарм Пелистер, претседателот Зоран Стерјев мораше да преживее и големо разочарување, губење на суперлигашкиот статус на вториот тим, Еурофарм Пелистер 2, кој во баражот загуби од Радовиш.
„Сеуште се многу свежи импресиите поврзани со баражот и поради свежината моите првични чувства се дека ако некој ме прашаше на почетокот на сезоната шампионска титула и ваков негативен резултат на двојката, или вицепрвак и опстанок на втората екипа, ќе ја одберев втората опција. Неверојатно тешко и болно го поднесов поразот во баражот. Не бев во Скопје и не го гледав натпрреварот и тоа е дополнителен товар кој си го ставам сам на себе. Имам грижа на совест зошто бевме во Келн, и можеби ништо немаше да смени, но можеби ќе сменеше, и тоа сериозно ме оптоварува изминативе денови. Бевме мобилизирани, но очигледно не доволно за овој натпревар и верувам дека сега ако се играат десет натпревари меѓу Радовиш и Еурофарм Пелистер 2 во сите десет ќе победиме, при тоа без нималку да ја омаловажам победата на Радовиш. Во вакви порази најмногу ме боли кога ќе видам дека другата екипа повеќе ја сакала победата од нас. Моите животни амбиции се дека за секоја работа и на секое поле морам да се борам и сакам да бидам победник, но кога ќе видам ситуација во која противникот повеќе ја сака победата од нас, тоа е нешто што не можам да го прифатам и да имам разбирање за тоа. Направена е огромна штета и она што и го кажав на екипата на состанокот е дека колективот како колектив е виновен за ситуацијата во која сме сега. Сега треба заедно како колектив да најдеме сили и уште повеќе да се обединиме и да работиме поинтензивно за оваа исклучително непријатна епизода да ја заборавиме за 12 месеци. Да извлечеме поука и да ја претвориме во успех. Ова е млада екипа, со мал број на искусни играчи и од денешен аспект може ни требаше уште еден до двајца искусни играчи кои токму на вакви натпревари ќе дадеа стабилност. ’Двојката има за цел да развива млади играчи и факт е дека таа дава млади играчи, да не ги именувам сите поединечно, таа е генератор на нови сили. Можеби најболно е што со квалитетот кој го поседува таа има потенцијал да игра во Суперлигата и затоа најмногу жалам што остана без таков статус. Разочарувањето резултираше и со оставка на тренерот. Михаил и како човек е врзан со клубот, тој е дете на Пелистер, и играчки и тренерски тука се развива и со оставката превзема одговорност. Многу емотивно го доживеавме сите поразот во баражот и за лоши работи никогаш не сте подготвени, но мора да има начин како да ги примите. Ќе направиме подетална анализа каде точно и што пропуштивме.“
ОБЕДИНУВАЊЕ НА ТИТУЛИТЕ, ПРЕД НИКОЈ СО БЕЛО ЗНАМЕ
Ако за Еурофарм Пелистер 2 целта за новата сезона ќе биде враќање на суперлигашкиот статус, кои се амбициите кои ги поставувате за првата екипа?
„На домашна сцена – титула, Куп и Суперкуп – сите три титули! Во зависност од тоа дали ќе играме во Лигата на шампионите или во Европската лига амбициите ќе бидат различни. Ако играме во ЛШ – подобро претставување и освојување колку може повеќе бодови, а ако имаме и малку среќа ќе направиме сè за да минеме групна фаза. Секако свесни сме за квалитетот на истата и најмногу ќе значи за младите играчи кои без исклучок ќе добијат поголема шанса. Никаде, нема да излеземе со бело знаменце. Доколку играме во Европската лига тогаш цел ќе биде да се мине групната фаза.“
НЕГУВАМ СОЗДАВАЊЕ ЦВРСТИ ТИМОВИ
Зоран Стерјев за себе вели дека е тимски играч, а Еурофарм Пелистер е институција во која тимот е пред индивидуата.
„Целокупниот мозаик наречен Еурофарм Пелистер е институција во која сите ќе бидеме како едно, претседател – тренер – играчи – публика. Ако немаме цврста и искрена поврзаност меѓу сите чинители проектот нема да биде успешен. Зборуваме за колективен спорт каде индивидуите се дел од тимот, од институцијата и ако не сме поставени на тој начин и ако индивидуата е над сè, тогаш сме осудени на неуспех. Јас и во животот сум тимски играч и верувам во тимот и дека тој е оној што победува. Во секоја работа која ја работам негувам создавање на цврсти тимови затоа што за мене тоа е начин да се дојде до поставената цел. Секој кој е дел од мозаикот има свои одговорности, обврски и улога и треба да ги извршува. Ако било која од овие алки недостасува проектот ќе загуби на квалитет, или, пак, ако загуби две, тој не би постоел. Еурофарм Пелистер е институција и ќе биде институција и единствено преку тимот ќе продолжи да расте и да се развива.“