ИНТЕРВЈУ МАРТИН ТОМОВСКИ: Пораснав во Металург и Вардар, време е за интернационален пробив!

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски за првпат во неговата кариера одлучи да се „отвори“ и тоа го направи во викенд-интервјуто за 24Ракомет. На шега прокоментира: „Не зборувам многу ама кога ќе ме погодиш...“ и така се случи, популарниот Маци ја раскажа својата ракометна приказна од самиот почеток.

Чуварот на мрежата почнува од школите на Металург, расте во Пролет, а вистински ќе порасне во тимот од Автокоманда, со кој ќе игра во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата. Следат две сезони во Бундеслигата во редовите на Лудвигсхафен каде собира интернационално искуство, а од таму ќе се врати во Скопје, но сега во редовите на Вардар. „Пантерот“ е пред нов предизвик – се враќа на интернационалната сцена, како дел од германски Потсдам, во кој гледа амбициозен проект.

На репрезентативната сцена Томовски е дел од најталентираната генерација, онаа која на Светското првенство во Алжир во 2017 стигна до историското шесто место. Во А тимот дебитира малку подоцна од неговите врсници со оглед на големата конкуренција која ја има на неговата позиција. Од ЕП 2020 е стандарден во националниот дрес, а тивкото и повлечено момче на теренот се трансформира во играч, чија главна мисија е топката да не ја мине гол линијата.

Вардар сакаше да го задржи во своите редови репрезентативецот, тој беше желба и на други домашни клубови, а понуди стигнаа и од странство, но по три сезони во „црвено-црниот“ дрес Мартин Томовски одлучи да се врати во една од најсилните ракометни лиги во светот – Бундеслигата.

„Сметам дека тоа е најдобро за мене во моментов. Имав и добри и лоши моменти во Вардар изминативе три сезони, кои за мене беа пред сè животно искуство, а потоа и ракометно. Почувствував дека ми е потребна промена и таа шанса ја видов во Потсдам. Во комуникација со луѓе од Германија и по препорака на Дејан Периќ среќен сум што одам во тим кој мислам дека е амбициозен проект. Во екипата одам како постар, поискусен и профилиран голман, знам зошто сум таму и верувам дека ќе одам и над моите можности, ќе дадам сè од себе да се изградам во уште поквалитетен голман. Мислам дека таму ќе имам и шанса и простор да го направам тоа. Имав и други понуди и од домашни и од странски клубови, Вардар сакаше да ме задржи, но како што кажав потребна ми е промена, а Потсдам го гледам како вистински избор. Му благодарам на Вардар и на сите инволвирани во клубот, од првиот човек, соиграчите, тренерите… за изминативе години. Ми претставуваше и ми претставува големо задоволство и чест што сум дел од клубот, бидејќи сезоната уште трае, а јас на највисоко и најдобро можно ниво сакам да ја завршам. Да се биде дел од еден шампионски клуб како Вардар вистина беше привилегија. Јас сум дете од Скопје и многу добро знам што значи Вардар за еден скопјанец и само со убави спомени ќе заминам од клубот“, потенцира Томовски и додава: „Жалам што не успеавме да го задржиме Купот во наш посед, а за жал еден меч одлучи и за шампионската титула. Не го сметам тоа за кикс затоа што едноставно здравствениот билтен на тој натпревар беше таков што моравме да влеземе поограничени и на крајот да си одиме дома со негативен резултат. Некогаш ми е многу жал, но таква беше реалната слика во тој момент.“

Потенцираше што значи Вардар за еден скопјанец, дали тоа значи дека без разлика што си дете на Металург, ти си „црно-црвен“ во душа!?

„Никогаш нема да ги одземам заслугите на Металург, тоа е клубот во кој пораснав. И на едниот и на другиот клуб сум им благодарен за шансите кои ми ги дадоа, за таков и се сметам, за благодарна личност. Да бидам искрен ако не беше Металург не знам каков ќе ми беше патот и тоа е клубот кој ми ги понуди сите можности и привилегии, нормално дека напредував и поради моето залагање и напорна работа, но дефинитивно Лино Червар и тогашните структури во клубот ми овозможија да сум денеска тоа што сакам да бидам.“

ЕДНА ГОДИНА СУСПЕНЗИЈА, ПОТОА ЕКСПЛОЗИЈА

Томовски подоцна, на 13 години започнува да тренира ракомет затоа што првично е посветен на кошарка и на пливање (на двата спорта се задржува по четири години). Првите ракометни чекори ги прави во школите на Металург, каде прв тренер му е Силвана Миленковиќ, а дилеми околу позицијата никогаш немало – голман од самиот старт.

„Со ракомет почнав во школите на Металург во Ѓорче Петров и тогаш Александар Јовиќ беше тренер на Металург Јуниор и тој ме прати на еден кадетски Ф4 во Прилеп каде бев избран за најдобар голман и поради тој настап се најдов за првпат во кадетската репрезентација. Јовиќ водеше генерација 96/97 надополнета со Маџовски, Пешевски и други и ми понуди да дојдам во клубот. Голмани во Јуниор тогаш беа Никола Даниловски, Бојан Блажевски и Дарио Алушовски и покрај нив, јас како дете кое доаѓа од школа не гледав шанса и можност да напредувам. Конкуренцијата беше преголема и сметав дека тоа не е за мене. Истовремено Пролет создава генерација 96/97 и заедно со Џонов, Аларов и други млади деца од школите на Металург преминавме таму. Тука ги минав сите филтри кадети – младинци – до прв тим, каде добивам комплетна доверба од Славе Атанасовски – Чаве. Почнав како петти голман и со сплет на околности – некој си заминува, некој завршува кариера – од некој кој не брани, стигнувам до позиција да делам минутажа со Кристијан Кристо, а потоа станав и прв голман. На 15 години потпишувам четиригодишен договор со Пролет. Одработив две години од договорот и при еден нов собир со кадетската репрезентација одново имам понуда од Јовиќ да одам во Металург Јуниор. Тоа е за време на подготовките на ЕП во Полска, каде бев само на подготовки, не играв во Гдањск, бидејќи Кизиќ, Божо (Блажевски) и Џамбо (Даниловски) бранеа на тоа првенство. Истовремено и Пролет ми нуди да го обновиме договорот и да го продолжиме за уште две сезони (со што повторно ќе бев обврзан да останам во клубот четири години). Ги одбив и потоа клубот ме суспендираше до истекот на договорот. Официјално објаснување зошто сум суспендиран не добив, но претпоставувам дека дознаа и за понудата од Металург и тоа имаше некое влијание. На 17 години бев комплетно изолиран од сè од клубот. Одев на тренинзи, но тренирав сам. Колку што ми беа тешки тие моменти, толку ме направија и посилен. Буквално една година тренирав сам. Оливер Димитриоски тогаш е тренер во Металург и по еден разговор со него ме вика да одам да тренирам во ’Автокоманда’. Почнувам подготовки со нив, но поради суспензијата не можам да бранам и само тренирам. Добро паметам дека во тој период имав некои конекции со Хрватска и договарам да одам на проба во Загреб, кој во тоа време беше во подем, со голмани како Ивиќ, Стевановиќ – топ екипа, во екот. Планот беше јас да бидам во втората екипа. Требаше две недели да бидам во Загреб на проба, но викендот пред да заминам се случува пресврт. Во ’Автокоманда’ одев и на тренинзи и на натпревари, следев сè и знаев сè што се случува. На моја среќа, се повредува Дупјачанец, кој беше дел од голманското трио заедно со Антонио Пешевски и Милош Вуковиќ. Едно утро одам во вежбалница, во ист термин кога Металург има тренинг и Лино ми вика: ’Момче застани на гол’. Не бев подготвен и му велам, вечер ќе дојдам на тренинг. Кога се појавив на вечерниот тренинг, подготвен, тогаш беа Тале (Филип Талески), Фитиљ (Филип Кузмановски), Жаре (Жарко Пешевски) застанав на гол и до ден денеска паметам не можеа да ми дадат гол. Така го одработив цел викенд и Лино и Левче (Китевски) ме викнаа на разговор. Лино тогаш му вели на Левче: ’Кое е ова дете? Кои му се родителите? Што треба да направиме за да дојде кај нас во Металург?’ Им одговорив: Сето ова е супер, само што јас во понеделник одам на одмор во Хрватска – ги излажав. Бев во Загреб, се прошетав (се смее), живеев убаво две-три недели, но паметот ми остана тука – во Металург. Се вратив, паметам Металург играше ЛШ и се сè случуваше многу брзо, тоа е времето по крахот на шампионскиот тим кога дојдоа Мраковчиќ, Божовиќ… Металург му плати оштета на Пролет за да ме пушти и потпишавме договор. Вуковиќ голманот го ослободија и како тројца голмани функционираме јас, Пешевски и Дупјачанец. Потоа и Антонио, не знам од кои причини замина и јас се испрофилирав како втор голман со Дупјачанец. Како клучен момент и мој прв пробив го сметам мечот со Вардар во ’Јане Сандански’ кога буквално експлодирав. За дете од 17-18 години не знам што ми се случуваше. Мислам дека во дадениот момент целото внимание беше насочено кон мене и паметам од радување на тој меч една недела вратот ми беше вкочанет. Следната година игравме исто така Лига на шампиони и СЕХА лига, со Арсиќ и Даниловски бевме голманско трио. Арсиќ замина на полусезона, па јас и Џамбо делевме минутажа. Со Џамбо имавме одлична соработка, се надополнувавме. Паметам некогаш кога не ни се бранеше (се смее) се договаравме, игравме ’лист-камен-ножички’ за кој да не брани. Кога правам една ваква ретроспектива имам чувство дека работите во мојата кариера се местеле како што треба.“

РИСТОВСКИ ГО НОСИ ВО БУНДЕСЛИГАТА

Металург ќе сака да го задржи Мартин Томовски, но тој како и многумина од играчите тогаш ќе ја напушти „Автокоманда“ и ќе го има првото интернационално искуство – ни повеќе, ни помалку во Бундеслигата.

„Металург сакаше на полусезона да потпишам нов договор, но јас не се согласив. Во меѓувреме се врати Дупјачанец за да ни помогне, па минав одреден период на клупата, нешто како тивка суспензија, поради тоа што одбив да продолжам договор. Не гледав повеќе перспектива во Металург и на еден собир со репрезентацијата разговараме со Борко (Ристовски) и тој ми вели имам одлична понуда за тебе. Тој играше за Барселона во тоа време, а имаше пред-договор со Хамбург, кој се враќаше од банкрот и настапуваше во втората Бундеслига. Ме понуди мене на неговото место, Хамбург прифати и ми понуди договор, но во меѓувреме се појавува понудата од Лудвигсхафен. Нивната понуда беше подобра, без разлика што тие беа во зоната на испаѓање од првата лига. Со помош на Борко кој беше и иницијатор и врската со Германија преку негов менаџер најдов ангажман во Германија. Имав уште пола година од договорот со Металург, но најдовме заеднички јазик и ме пуштија да заминам. Интересно е што во тој период повеќето од нас направија трансфери во Бундеслигата (Кузмановски, Талески, Пешевски…) но секој посебно, немаше меѓусебна врска во трансферите, едноставно така се погоди моментот.“

Томовски се потсети и на тоа како го прославил фактот дека ќе игра во Бундеслигата.

„Кога потпишав за Лудвигсхафен тие беа во зоната на испаѓање и се помирив со фактот дека ќе играм во втора лига. Паметам бев на собир со репрезентација, игравме квалификациски дуел со Чешка, а Бундеслигата траеше до 15 јуни таа сезона. Последните три кола Лудвигсхафен прави чудо, го победува РНЛ во претпоследно коло, и тоа на гости, и си дава шанса за опстанок. Последното коло го следам во хотел, натпревари гледам на ТВ, два компјутери и на телефон, следам сè што се случува. Главните ривали играат нерешено, а Лудвигсхафен победува со гол во последниот напад и останува во првата Бундеслига. Не можам да опишам колку бев среќен. Трчав по собите на спратот во хотел и на сите им кажував дека ќе играм во прва Бундеслига (се смее) – пресреќен бев.“

НЕМАМ ИДОЛ, ШКОФ МИ Е ПРИМЕР КАКОВ САКАМ ДА БИДАМ

Репрезентативниот голман две сезони ќе го носи дресот на Лудвигсхафен. Ако првата сезона му беше за адаптација, тогаш неговиот квалитет многу јасно се виде во втората година, која и ја заврши како најдобар играч на Бундеслигата за месец мај. Германија ќе биде и тоа каква ракометна ’лекција’ за Томовски, кој ќе има чест да соработува и со легендарниот словенечки голман Горазд Шкоф.

„Во Германија не заминам без искуство, бранев две сезони во Лигата на шампионите и СЕХА лигата која во тој период беше многу квалитетна, но во Бундеслигата имав чувство како се да почнувам од почеток. Ми беше тешко да се адаптирам, јазик, начин на живот, менталитет, нов систем… ништо не беше како што замислував. Немав притисок од клубот и од луѓето, проблемот беше притисокот кој сам си го наметнав – тоа ме ’јадеше’. Истовремено почувствував што значи да се странец, затоа што за позицијата се борев со млад германски репрезентативец – врсник, но Германците ги штитат своите играчи и иако знаев дека сум поквалитетен се ми беше залудно, затоа што бев сам, немав поддршка. Но тој најверојатно многу порано прележа корона и таа остави последици врз неговото здравје, имаше сериозни здравствени проблеми и беше принуден да престане да тренира одреден период. Така се отвори шанса за мене и ислев дека ќе биде едноставно, но не беше. Во Германија е особено важно на домашен терен да се добијат натпреварите со екипи кои се исти по квалитет, оние дерби дуели, а јас и покрај тоа што бранев сам четири или пет натпревари, играв многу лошо, се уште се барав. Пресврт ми се случи на натпреварот со Бергишер, кога по лошото прво полувреме, тогашниот соиграч, пикерот Штубер, на паузата ми рече: ’Заборави! Што било поминало, имаш второ полувреме.’ Неговите зборови беа пресекот. Второто полувреме го одиграв како со нова сила, паметам последните осум минути не можеа гол да ми дадат, а го одбранив и нивниот последен напад што ни донесе победа. Како целиот товар да падна од мене по тој натпревар. Моја најголема среќа е што Горазд Шкоф ми стана соиграч со кој делев минутажа. Немам идоли, но постојат луѓе на кои треба да се огледуваш, да крадеш убави работи или да воочуваш што е лошо. Шкоф ми беше таков пример! Тој е пред сè човек, пријател и врвен голман и можеби имав среќа што го фатив во залезот на кариерата. Ако беше во друг период можеби немаше да ми дозволува да бранам. Втората сезона поради короната одново игравме во Бундеслигата и планот се смени, јас бев прв голман и бранев на 90 посто од натпреварите додека Шкоф беше тука како поддршка. Работите сами си се редеа, но морам да признаам дека не ми се бранеше веќе од што игравме толку многу натпревари. Постојано среда – сабота, си велав ’Аман има ли ова крај!’“

Уште еден човек кој остава голем впечаток врз Томовски е неговиот тогашен тренер во Лудвигсхафен, Бен Мачке.

„Бен Мачке беше дипломиран психолог и тренер кој мислам дека ми оставил најголем впечаток. Тој е тип на човек за кој не верував дека постои. Кај него сè е одмерено, со разбирање, со план, тивко и полека и можеби дека бев сам во Германија во тоа време неговиот однос многу ми влијаеше. Слично како и со Шкоф. Учиш од такви луѓе. Ти наметнуваат таков менталитет, ја имаш нивната поддршка и со работата со нив стекнуваш и искуство.“

ЗА ГЕРМАНЦИТЕ Е ЗАБАВА ЗА НАС Е „ЖИВОТ ИЛИ СМРТ“

Во Германија Томовски добива и нови погледи за ракометот.

„Паметам дека ме советуваа кога ќе одам во Германија да не пијам пиво ако ми нудат, да одбивам, бидејќи може да ме тестираат. Потоа кога видов дека таму е нешто нормално и секојдневно да се пие пиво, се опуштив. Во Германија е како традиција по победа или пораз, по натпревар или после тренинг задолжително во соблекувалната има гајба пиво. На почетокот ми беше интересно, потоа ми стана нормално, кај нив сè е на забава, на дружба, барем беше така во мојот клуб. Кај нас знаеме да кажеме дека треба „нешто да се заслужи“. Таму не е така, дури и во големи клубови како Кил. Игравме првенствен натпревар со нив, сала 10-15 илјади публика, амбиент, се на ниво, но после натпревар Дувњак донесе гајба пиво во соблекувална и сите пиевме заедно. Си велам: ’Чекај, па и тие се луѓе!’, се потсетува голманот и продолжува: „Што се однесува до публиката ние сме потемпераментни, повеќе се соживуваме со натпреварот, влегуваме со емоции. Кај нас е ’живот или смрт’, кај нив е забава, едноставно утре е нов ден и одат понатаму.“

БОРКО МЕ ВРАТИ ДОМА, ОДНОСНО ВО ВАРДАР

Актуелниот директор на Вардар, Борко Ристовски, е главниот виновник и за враќањето на Мартин Томовски во Македонија, но сега во редовите на Вардар.

„Немав носталгија да се вратам дома, но тоа беше пост-корона периодот, во кој постоеше голема неизвесност, не се знаеше што ќе се случува. Лудвигсхафен сакаа да ме задржат, но повторно Борко имаше влијание. Тој се врати за да му помогне на Вардар и ме побара и мене да дојдам во клубот. Лудвигсхафен имаа големо разбирање, пред се затоа што се враќам дома, а потоа и затоа што Вардар со двете титули во Лигата на шампионите беше и тоа како актуелен. Првата сезона во Вардар ми беше најубава – дефинитивно! Сè што сонував, сè имав. Игравме Лига на шампиони, бранев одлично и одлично се вклопив во средината, и бев добро прифатен и од навивачите. Мојот карактер е таков, јас се радувам и давам сè од себе за клубот чии дрес го носам. Не сакам да провоцирам, едноставно си ја бркам работата и фокусиран сум на себе, не сакам да навлегувам во дополнителни притисоци и конфликти.“

ВО А ТИМОТ ТРПЕЛИВО ЈА ЧЕКАМ МОЈАТА ШАНСА

Мартин Томовски паралелно со клупската ја развива и репрезентативната кариера и е дел од најталентираната репрезентација, онаа која на СП 2017 во Алжир го освои шестото место што е најголем мундијалски успех. За разлика од неговите врсници мораше подолго да чека шанса во А тимот.

„Од денешна гледна точка, патот по кој се развивав беше правилен. Бев дел од три или четири подготовки за големи натпреварувања пред конечно да добијам шанса. Конкуренцијата на мојата позиција секогаш била многу силна и во тој период бев четврти или петти голман, талентиран, надежен и ми беше дадено до знаење дека се смета на мене, само не во моментот. Работев на себе и ја чекав мојата шанса. Паметам дека тогаш се лутев затоа што не сум дел од репрезентацијата, но сега знам дека не сум бил подготвен, не е така едноставно како што сум мислел тогаш. За сениорскиот тим дебитирам во Битола во евро-квалификациски меч со Турција, бранев заедно со Борко Ристовски. Знаеме да си приредиме шок (се смее) но досега не сме си ја загрозиле позицијата. Нормални се и подемите и падовите и добрите и лошите денови. Прво големо натпреварување ми е ЕП 2020 во Виена.“

Македонската репрезентација никогаш не била дефицитарна на голманска позиција. Секогаш сме имале стабилност меѓу диреците. Имаш објаснување на што се должи тоа?

„Не знам, немам објаснување. Можеби сме добро поднебје за играчи на таа позиција (се смее). Со мене конкретно се работеше многу. Тренер на голманите во Металург ми беше Петар Мисовски, кој ми посвети големо внимание и многу време. Во мојот случај можам да кажам дека е резултат на многу работа. Во репрезентација имам работено и со (Александар) Царчев и (Ице) Соколески и можеби тоа е клучно – добрата работа.“

Cvetan KUZMANOSKI (08), Igor GJORGIEV (09), Marko MITEV (10), Filip TALESKI (11), Martin TOMOVSKI (12), Kristijan SIMONOSKI (14) and Filip KUZMANOVSKI (18) during the handball match North Macedonia vs Denmark, Men’s EHF EURO 2022 Hungary, Slovakia, Debrecen ,Hungary, 17.01.2021, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

СП ЕГИПЕТ Е ПРВЕНСТВО ЗА ЗАБОРАВ

Томовски од Европското првенство во Австрија во 2020 година е константно со националниот тим на големите натпреварувања. Поради коронавирусот тој потенцира дека СП во Египет во 2021-та е првенство за заборав.

„На СП Египет целата енергија беше лоша поради коронавирусот. Искрено жалам што толкави големи сали и хотели во Египет и покрај одличната организација беа празни. Страшно беше, со тестирања по три-четири пати на ден. Малтретирање и без задоволство. Единствена убава работа беше што сред зима, во јануари ние бевме на место каде беше убаво и топло како во лето. Другото сè е за заборав и за тоа првенство ќе остане изреката ’важно е да се учествува’. Мора да бидеме и реални, за тоа натпреварување поради короната прво ни ги скратија шансите. Требаше да играме бараж со Франција, а ЕХФ не отпиша автоматски, за потоа поради проблемите кои Чешка ги имаше со короната ние да учествувавме.“

ВО НИТУ ЕДЕН МОМЕНТ НЕ ЗАГУБИВМЕ НАДЕЖ ДЕКА ЌЕ ГИ МИНЕМЕ ФАРСКИ ОСТРОВИ

Последниот предизвик со кој се соочи репрезентацијата беше бараж-двомечот со Фарски Острови во кои благодарение на победата од осум гола во Скопје обезбедивме нов мундијалски настап. Голманот вели дека Македонија знаела токму што сака во овој двомеч.

„Не очекувавме пораз од седум гола во Торшавн. Сме имале проблеми и со други репрезентации во минатото, а не со Фарски Острови кои се дел од данското кралство и чии ракометари, некој кој не следи, не знае, дека нивните играчи се развиваат и играат во најсилните екипи во Европа. Не ги потценивме како противник, едноставно имавме лош ден, сплет на околности, но во ниеден момент не паднавме. Атмосферата остана иста и покрај поразот. Тие го искористија моментот кој го имаа на домашен терен, но ние бевме свесни дека имаме шанса за поправен. Останавме позитивни, верувавме и знаевме. Не си направивме притисок, останавме фокусирани, знаевме што сакаме. Денот кога патувавме назад ги избистивме главите и потоа дома си ја завршивме работата како што треба. Благодарност до публиката! По поразот од седум гола во Торшавн не очекував таква безрезервна поддршка и преполна сала, навистина многу ни значи и многу ни помогна. Го задржавме и континуитетот на големите натпреварување, што е и најважно“, потенцира Томовски.

Тој верува дека оваа репрезентација допрва ќе нижи успеси.

„Свесен сум дека веќе како клише е станато ова – потребно е време, но навистина е така. Од Швајцарија наваму некако работите си доаѓаат на место. Претходно имавме поддршка од постарите, поискусните и тие ни беа како бекап, сега конечно таа транзиција, промена на генерација е завршена и полека секој од нас си го наоѓа своето место во тимот. Имаме одлична енергија, одлична атмосфера и навистина мислам дека сме на прав пат. Изборивме учество на СП, во ноември не очекува старт на нов циклус квалификации за ЕП, во кој мислам дека дефинитивно имаме шанса да држиме темпо. Со максимално залагање и работа верувам дека ќе играме и на следното ЕП.“

ГОЛМАНИТЕ СЕ ПОСЕБЕН ТИМ

Чуварот на мрежата јасно даде до знаење дека голманите се посебен тим.

„Јас не навлегувам во тактики или такви подготовки на екипата. Мене ме интересира топката да не ја помине гол линијата – тоа е мојата работа. Ние голманите – Никуч (Никола Митревски) Кизиќ и Галевски си имаме наша програма за работа заедно со тренерот на голманите и фокусирани сме на нашата работа.“

СПОРТСКА ПСИХОЛОГИЈА – ГЛАВЕН ИНТЕРЕС

 Во интервјуто Томовски за првпат се отвори и прифатно, откривајќи дека не е во љубовна врска. Слободното време го минува во викендицата во Бродец, сака да планинари и да вози велосипед, документарци и научни серии му се пасија, а главен интерес му е спортската психологија со која би сакал да се занимава во иднина.

„Една од работите што сериозно ме интересира е психологија, би сакал и да се занимавам со тоа. Студент сум на Факултетот за физичка култура, но студиите ми се ставени во мирување, откако заминав за Германија излегов од колосек. Ме интересира спортска психологија, а можам да го видам и да го почувствувам тоа на терен, реакциите на играчите, гестикулации, односот, акција – реакција, провокација и одговор на истата.“

Паѓа Мартин Томовски на провокации?

„Не паѓам на провокации, некогаш и ги прифаќам низ шала и смеа. Мислам дека е многу поубаво така ако си ги сфатиш. Никогаш не сум имал проблем ни со противнички играчи, ни со публика, но морам да признаам дека е многу забавно кога играме во Битола. Со довикувања, со провокации, што од една страна е за поздрав, затоа што улогата на вистинските навивачи е токму таа, да ти го одвлечат вниманието, да те дефокусираат и за мене тоа е нормално. Некогаш знае да биде и претерано.“

„Што се однесува до други интереси, имам периоди кога ништо не ми се прави (се смее), но имам и периоди кога читам многу книги – психологија или техники и методи на психологија, ме интересираат такви работи. Гледам документарци и научни серии поврзани со историја, технологија, научна фантастика. Планинарење, велосипедизам, тоа е нешто што активно применувам во слободни моменти. Особено летно време или кога дозволува моментот со Марко Мишевскив сме на планина. Понекогаш треба и да одмориш и да не мислиш на спорт. Во таков период, кога ми треба ’издувен вентил’ во текот на сезоната одам во семејната викендица во Бродец на Скопска Црна Гора, тоа ми е место за регенерација. Многу често одам сам за да избегам од сè и од сите. Сакам да се сончам, сончањето ме опушта. Сакам и дожд, некогаш и долги прошетки на дожд знаат да ме релаксираат, ама сакам кога ќе ме огрее сонце. Понекогаш во Германија, каде нема многу сонце кога ќе изгрееше знаев да се пошегувам дека ова е од ’скапото сонце’.“

МАЈСТОР ЗА МУСАКА

 „Сакам да готвам и готвам, голем љубител сум на традиционални македонски јадења, а мусака ми е омилено, знам сам да го подготвам. Правам гезмиња за другарите, и тоа со мерак, особено кога ќе се собереме во викендицата во Бродец. Јас сум задолжен и за скара и за салати. Со многу од соиграчите од Металург Јуниор го одржуваме другарството иако секој си има различни обврски и како ни дозволува времето се собираме. Имаме многу работи проживеано заедно и тоа ни е останато. Сега со Јагуриновски, Мишевски, Лазаревски сме постојано заедно. Сите имаме иста енергија и ист однос, долги години се знаеме и драго ми е што се споивме и во репрезентација. Реков секој си го најде своето место и навистина се надевам и верувам дека допрва ќе испишуваме историја заедно. Поврзани сме не само како соиграчи, туку веќе и семејно сме испреплетени, кумски поврзани, како едно големо семејство.“

ИНВЕСТИРАМ ВО СЕБЕ

Голманот уште еднаш ја потенцираше благодарноста која ја чувствува за се она што го добил од ракометот, но и истовремено дава до знаење дека созреал низ годините и сега на сосем поинаков начин гледа на градењето на кариерата.

„Среќен сум и благодарен на ракометот за сè што ми даде досега. На 17-18 години најмалку еднаш во неделата патував со авион, некој нема такви можност. Храна, опрема, потоа пари – стипендии. Паметам кога ја земав првата плата во Металург мислам дека за половина час ја потрошив (се смее) купив патики и ги честев другарите. Сега сум попаметен. Со финансиите гледам да се задоволам себе си, рекуперација, регенерација, инвестирање во медицински помагала кои ќе ми помогнат побрзо да закрепнам или да ме превенираат од повреди, внимавам на исхрана, дисциплиниран сум. Сега внимавам на работи на кои на 18-19 години не сум се ни заморувал. Дел од парите кои ги заработувам наместо да ги трошам на глупости ги инвестирам во себе, затоа што таа инвестиција може да ми донесе една сезона повеќе во кариерата. Многу внимавам на себе, а како поминува времето станувам се по ригорозен и поголем професионалец. Многу сум свесен за тоа во каков момент во кариерата се наоѓам. На пример по тренинг или по натпревар, лани и преклани, Столе некогаш знаеше да се пошегува – Аман Маци, што правиш, пак ли ти си на масажа? Но работам на превенција и не сакам да се доведам во ситуација да си го загрозам здравјето. Сум имал примери од многу наши спортисти, прилика да го видам тоа од прва рака – Кирил Лазаров беше таков спортист и имаше кариера до 41 година. Со оглед и на позицијата која ја имам мислам дека имам можност за таква долга кариера, па зошто да и да го надминам Кире!? (се смее) Мајка ми често знае да ми каже: Здравјето ти е капиталот!“

РИТУАЛ – ИСТА ОПРЕМА

Голманот има ритуали и на неделно ниво, но и на денот пред натпреварот.

„Ритуали имам, на неделно ниво доколку натпреварот се игра за викенд, поточно подготовките, секој ден е посветен за нешто. На денот на натпреварот, станувам рано наутро. Не сум љубител на појадок, но кафе и прошетка половина час – еден час задолжително практикувам. Живеам во близина на Градски парк и ја користам таа предност. Одмарам, видео анализа, задолжително, подготовки, особено во главата – како ќе бранам. Сакам да се загревам со една иста опрема на секој натпревар. Некој да ме загледа ќе си помисли дека немам друго што да облечам (се смее) но така се чувствувам. Малку сум суеверен и мислам дека ако сменам нешто може да ми тргне на лошо. Иако свесен сум дека тоа нема врска и дека некои работи се само во главата.“

ГЕНСХАЈМЕР ЗАПРЕН НА ПРВА

Има многу моменти кои ја обележуваат досегашната кариера на Томовски, а тој ги потенцираше оние кои му се најдраги.

„Оној дуел со Вардар, кога имав 17-18 години во ’Јане Сандански’ – тој ми го одреди патот, дека ќе се занимавам со ракомет во животот. Втор момент е мечот со Бергишер во Бундеслигата. Потоа се редат спомени со репрезентација – квалификациите за СП во Алжир кои ги игравме во ’Кале’ со Полска, Португалија и Турција, потоа успехот во Алжир – делириум. Нема да ја заборавам првата одбрана во Бундеслигата. Дебитирав на натпревар со РНЛ и првата интервенција ми е против Уве Генсхајмер. Потоа дуелот со Кил на кој одбранив пет седмерци од седум обиди… Имам забележано и еден интересен момент бидејќи во последно многу игравме со Швајцарија. Енди Шмит  – еден натпревар тој ми дава голови константно, не можам да му одбранам ништо. Следниот натпревар ќе биде обратно. Ќе му одбранам сè! Тоа е нешто што имам забележано и ми е интересно.“