ИНТЕРВЈУ ЛУМИНИЦА ДИНУ: Македонија има ракометно срце, така беше и пред 22 години, така е и сега!

Постарите генерации добро се сеќаваат на романската репрезентативка Луминица Хуцупан – Дину која застана на голот на Кометал Ѓорче Петров во финишот на сезоната 2001/2002 и беше една од клучните играчи за освојување на титулата во Лигата на шампионите. Само два ипол месеци Романката остана во Македонија, но нејзиното име и дело се паметат и ден денеска.

Непосредна, опуштена, како да сме долгогодишни пријатели (иако првпат се гледаме) Дину без никаков проблем ја прифати поканата на 24Ракомет да биде соговорник за викенд-интервју. Популарната Луми, 22 години по освојувањето на титулата со Кометал Ѓорче Петров се врати во Скопје, но сега со младинската репрезентација на Романија, која настапува на Светското првенство, каде таа е дел од стручниот штаб како тренер на голманите.

Дину е ракометна легенда, една од првите ракометарки која може да е пофали дека освоила три европски шампионски титули во низа и играла пет едноподруго финалиња во најсилното европско клупско натпреварување, кога тој се играше во еден поинаков формат. Нејзината ракометна приказна започнува на 10 години, а интересно е дека првите четири години игра паралелно на две позиции – бек и голман. На крајот се пронаоѓа меѓу диреците, позиција, која ќе и донесе светска слава.

„Срцето ми е полно и навистина сум задоволна за сè што ми даде ракометот! Луѓето ме нарекуваат легенда, но тоа е само епитет, јас сум среќна што ме паметат како фер-плеј играч и што сум им пример на младите“, децидна е Дину.

Романска Влчеа и словенечки Крим се клубовите во кои таа мина најголем дел од кариерата, но во Македонија остана запаметена како дел од златната генерација на ЖРК Кометал Ѓорче Петров, кој во 2002, го смести македонскиот женски клупски ракомет на врвот во Европа.

„Крим, со кој претходната сезона (2000/2001) ја освоивме Лигата на шампионите, настапот го заврши во групната фаза и директорот на Кометал Ѓорче Петров, Димитар (Тодоровски) ме побара да одам на позајмица. Кометал играше во четвртфинале и ми се јавија, ме побараа за да им помогнам и ги прифатија сите мои услови. Добив дозвола од Крим, имав одобрение и од Романската федерација (како нивна репрезентативка). Мојот сопруг ми рече каде сакаш, таму ќе одиме, кој клуб ќе го одбереш? Размислував, имав понуди и од Ференцварош, но со Кометал игравме во групната фаза, па го знаев квалитетот и амбициите на екипата и се одлучив за Македонија. Му се јавив на (Богдан) Маковеј, кој претходно две години беше тренер во Пелистер, во Битола и тој ми рече да го барам Лефтер (Бошковски), кој во тоа време беше во Калафату и дека тој ќе ми помогне. Со сопругот и со Лефтер, со кола, со траект од Романија дојдовме до Бугарија, потоа возевме во Македонија, односно за да дојдам во Кометал“, го раскажува Луминица Дину патешествието до Скопје и додава: „Андријана Будимир, Индира Кастратовиќ, која ми беше учителка, затоа што не зборувам македонски, таа многу ми помагаше. И велев: ’Учителка дојди малку, ова не го разбирам!’ (се смее) Потоа Олга Бујанова, Мими Чупиќ, Лариса Кисељева… тие навистина убаво ме прифатија и ми помогнаа да се вклопам во екипата.“

„ПО ПОРАЗОТ ОД ЛАРВИК ГО ПРАШАВ ТРИФУН  – ЗОШТО СУМ ЈАС ТУКА!?“

Романката во редовите на Кометал Ѓ.П. доаѓа во многу тежок период за неа, со оглед на тоа дека на мајка и и е дијагностициран рак и докторите и даваат пет месеци живот. Дину одлучува менталитетот на голем борец и победник да го насочи кон освојување на втората (во низа) титула во Лигата на шампионите.

„Тоа беше тежок период за мене. Пред да дојдам во Македонија на мојата мајка и беше дијагностициран рак и докторите и дадоа само пет месеци живот. Тогаш си реков нема да дојдам во Кометал за парите, ќе дојдам за резултат. Јас веќе имав освоено една титула со Крим претходната сезона и сега сакав повторно. Тоа и го кажав на екипата, јас имам искуство и знам како треба да се однесуваме, ја знам еуфоријата, чувството и затоа ајде да држиме високо ниво и до крај сè ќе биде добро, и така и беше. Секој ден на секој тренинг – ајде, ајде, ајде – и на првиот меч со норвешки Ларвик на гости, не играв. Бранев еден пенал! Сашо (тренерот Александар Панов) ме остави на клупата сè до последните десет минути, кога Ларвик водеше со шест гола разлика. Тренерот ми вели ’Дину на гол’. Му велам ’Јас, зошто? Губиме шест разлика!’ И тогаш си реков, ќе бранам за себе, за никој друг. Застанав и имав четири одбрани, но загубивме со седум гола. На враќање назад, во авионот ја викнав Индира да ми помогне да зборувам со Трифун. Плачев и му зборував: ’Зошто сум јас тука!? За да седам на клупа? Јас имам еден трофеј, знам како се одвојува пехар во ЛШ. Мајка ми е во болница, а јас сум тука и седам на клупа, дај ми да играм! Ми вели ’Ќе играш на реваншот!’ Му одговорив ’Зошто? Моите куфери се спакувани! Седум гола загубивме од Ларвик на гости! Жал ми е, си одам дома!’ Многу ми беше тешко после првиот меч и бев толку нервозна и си реков толку е – си одам во Романија! Куферите ми останаа спакувани. На реваншот во ’Кале’ салата беше преполна. Ја почнав на гол и го отвораме натпреварот 9-0!!! Ги победивме со седум разлика, и тоа поради гол повеќе на гости и така се најдовме во финалето. Потоа во финалето игравме со Ференцварош. Таму загубивме со два разлика, и пред реваншот гледам видео, анализирам и си велам – само два гола негатива, играме дома, имаме шанса. Ја држевме атмосфера на позитивно ниво, ајде девојки! Ја паметам еуфоријата, одиме на натпревар, а по улици навивачи пеат, викаат ’Ајде, Кометал Ѓорче Петров!’ Салата фул – полна… Атмосфера… И одигравме одлично, бранев 60 минути и победивме со четири гола… Паметам Индира дојде и ми викаше ’Лумиии освои втор трофеј по ред!!!’ Многу плачев, бев многу среќна. Каква прослава имавме на плоштадот. По прославата, Кометал си стоеше на зборот, ме исплати и си отидов дома и по четири дена, мајка ми почина. Тоа беше период исполнет со многу емоции, но тоа е животот.“

ЛУЃЕТО ВО СКОПЈЕ УШТЕ ЗНААТ КОЈА Е ДИНУ!

Луминица првпат се врати во Скопје во 2017-та година на прославата на 15-годишнината од освојувањето на шампионската титула, а сега одново е во македонската престолнина, за која ја врзуваат многу убави спомени и емоции.

„Ерупција од спомени, од емоции. Шетаме низ градот со другите членови од репрезентацијата и им раскажувам тука славевме титула, тука е салата, тука ова, таму тоа… Кога дојдов во Македонија, за многу кратко време луѓето ме прифатија. Паметам во весници постојано се пишуваше Дину, Дину Дину… Одам да купам леб во продавница, луѓето ми велеа ’Ти си Дину голманката’, сакаа да се сликаат со мене, ’Дину ти си цар’ или ’Дину ти си легенда’. И тогаш и сега, луѓето ме паметат! Поминати се 22 години откако Кометал ја освои титулата, а и сега во Скопје луѓето ме препознаваат, знаат која сум јас, која е Дину!“ – зборува и ми покажува како ја поминуваат морници од задоволство. „Навистина е убаво чувството. Да си толку ценет и сакан за нешто што си го направил пред повеќе од две децении. Интересно е што и во тоа време, пред 22 години, и сега се чувствува колкаво срце има Македонија за ракомет, каква поддршка имавме. Имав голем страв, особено навечер да се шетам, затоа што не го знаев градот, не знаев јазик, малку луѓе познавав, но ми беше убаво и спомените се убави затоа што се што беше договорено, беше исполнето и се беше добро – луѓето, екипата, резултатот. Не бев домашна, но се чувствував како дома, а убавото се памети.“

Кога сме кај убавите работи Луми се потсети и на една попатна станица од тренинг кон дома.

„Јадевме ’Кај Жабарот’, уффф кога ќе ми текне на ќебапите и плескавицата со кајмак (се смее) Од тренинг на јадење, сок или по едно пиво и накај дома. Ќе ја посетам кафеаната додека сум во Скопје.“

КОМЕТАЛ САМО НАЈАВИ АМА НЕ ПЛАТИ ОБЕШТЕТУВАЊЕ

Луминица Дину беше еден од клучните фактори за освојување на титулата во Лигата на шампионите, но Кометал Ѓорче Петров не ја задржа во своите редови.

„Тренерот Панов сакаше да останам во клубот и од Кометал имаше најава дека сакаат да ме задржат, но никогаш не го отплатија договорот, односно не платија обештетување. Ми се јавија луѓето од Крим да ми кажат дека имам уште една година од договорот со нив да одработам. Им реков ’Знам, јас си освоив втор пехар, сега ќе се одморам дома два месеци и ќе дојдам повторно во Љубљана.’ Така и беше.“

За играч кој мина само два ипол месеци во Македонија, Дину остава голема трага.

„Тоа е така затоа што ако една екипа има добар голман, сигурно ќе има високи резултати. Кога ќе примиш гол, тешко е кога ќе тргнеш од средина и градиш напад ’шест на шест’. Кога имаш добар голман, кој ќе одбрани и ќе фрли контра дали на крило, дали на друг играч кој е напред, тоа е најлесен гол и со такви лесни голови од полу-конта или контра се игра полесно. И затоа голманот игра голема улога.“

САКАМ ДА УЧАМ – СЕКОЈ ДЕН, СЕКОЈ ТРЕНИНГ

Статусот ракометна легенда и еден од најдобрите голмани во историјата (дел од ол-стар тимот на ЕХФ на ЕП 2000, дел од ол-стар тимот на СП 2005, додека во 2011-та ИХФ ја именуваше за најдобар женски голман во историјата избрана од публиката со 94% од гласови во најзина корист) Романката вели дека се стекнува со многу работа и посветеност.

„Како играч имам пет финалиња во Лигата на шампионите во низа, од кои три – Крим, Кометал, Крим се со шампионска титула, па потоа две загубив. Тоа е така затоа што кога одам на тренинг не сакам да стојам, сакам да учам. Секој тренинг значи нова комбинација, нов потег, или нов пример за одбрана. Не велам не, тешко беше да се освојат трите титули, но имав тим, екипа со која го сторив тоа. Секоја титула е посебна емоцијата и сите беа тешки и убави во исто време. Екипата играше голема улога, но морам да потенцирам дека и сопругот ми беше безрезервна поддршка. Тој ја остави работата во Романија за да дојде и да живееме со мене шест години во Љубљана. Таа негова жртва е огромна и ми помогна да стигнам до титулите. Да не бевме заедно немаше да издржам и да успеам со тоа.“

Дину беше скромна и не сакаше да го потенцира тоа многу, но стана јасно низ разговорот дека нејзината посветеност, упорност и истрајност потекнува и од начинот на кој растела и е воспитувана.

„Дома бевме шест деца – четворица браќа и две сестри, јас сум петто дете. Во такво големо семејство беше тешко и за пари и за живот. Сакав да им помогнам на моите родители и сакав да играм за да можам да купам храна. Се борев секој ден, за да постигнам нешто и среќна сум што успеав во тоа.“

РАКОМЕТОТ ЗА МЕНЕ Е СЀ

За Луминица Дину ракометот е цел живот, па дури и денеска, таа комплетно е посветена на ракомет и работа со млади категории. Таа има и наследничка – нејзината ќерка Стефанија.

„Последните години од кариерата кога се вратив во Романија, во Влчеа, секоја година имав договор со клаузула дека ако останам бремена, ставам крај на кариера. Истото се однесуваше и со репрезентација. На 38 години, кога дознав дека сум бремена, ставив крај на кариерата, но година дена подоцна, во декември, спонзорот на Влчеа ми вели ’Дину немаме голман’ и јас се вратив и играв пет месеци, за потоа официјално на 41 година да кажам крај. Но, тоа беше крај само на кариерата. (се смее) Ракометот за мене е сè! Не морам да спијам, но мора планот и програмата за следниот ден да ми се подготвени за тренинг. Истото се трудам да и го пренесам и на ќерка ми. Јас сега работам како професор по ракомет во училиште и сум тренер на втората екипа во Влчеа. Истовремено сум тренер на голманите во младинската селекција, функција која многу ја сакам, затоа што сакам да работам со млади играчи. Кусо време бев и во сениорскиот тим, но повеќе се пронаоѓам во работата со млади“, објаснува Дину и продолжува: „Ќерка ми Стефанија, која има 14 години, исто така тренира ракомет. Сакав да биде голманка и ѝ велев застани на гол (се смее) но не, таа сака да дава голови. Во клубот игра лев бек, а во репрезентација игра среден бек. Таа дојде со мене на прославата за 15-години од освојувањето на титулата на Кометал, паметам колку беше убаво. Сега ги чекам да дојдат со сопругот во Скопје и да бидеме заедно тука додека трае првенството.“

Луминица Дину -приватна архива-

АМБИЦИЈА – МОИТЕ ИГРАЧИ ДА ОСВОЈАТ ЧЕТИРИ ШАМПИОНСКИ ТИТУЛИ

Цел живот голманката му го има посветено на ракометот и не чувствува дека е заситена од него.

„Од 10 години сум во ракомет, со 31 година професионалната кариера и не ми е доволно! Работата, пријателите кои ги имам, луѓето со кои комуницирам – сè е поврзано со ракомет. Нема застанување за мене. (се смее) Од 8 до 16 часот сум на училиште – ракомет, попладне на тренинг со екипата, за викенди – натпревари… Дома, нормално нешто треба да зготвам, да исчистам, но тоа се секојдневни, рутински обврски. Срцето ми е полно и навистина сум задоволна за сè што ми даде ракометот! Луѓето ме нарекуваат легенда, но тоа е само епитет, јас сум среќна што ме паметат како фер-плеј играч и што сум им пример на младите. Тие се огледуваат на мене и кога нешто ќе им кажам или ги советувам тие го воспримаат тоа. Тоа е она што ме прави среќна и ме исполнува. Им велам и на моите голмани, ако ме слушате и работите ќе ви помогнам да освоите четири трофеи, а ако го сторат тоа јас ќе бидам најсреќна на светот – тоа е мојата амбиција во работата.“

НА КАФЕ СО БУДИМИР, ВО КОНТАКТ СО ИНДИРА

Времето во Скопје Луминица ќе го искористи и за да се види со нејзините стари соиграчи – кометалки, барем оние кои ќе успее да ги најде во градот во овој летен период.

„Со Андријана Будимир и Индира Кастратовиќ комуницираме постојано, телефонски, преку социјални мрежи, се слушаме, честитаме празници, родендени. Со Велкова од време на време исто одржуваме контакт. Со Будимир веќе се договоривме и да се видиме. Индира е во Америка кај Сара (ќерка и) Многу сакам да ја видам Мими Чупиќ, многу ја сакам и таа толку многу ми помогна кога бев тука, навистина би сакала да стапам во комуникација до неа. Со Платон – се надевам ќе успеам да се видам со сите.“