ИНТЕРВЈУ ДИМИТАР ДИМИТРИОСКИ: Македонските играчи мора да излезат од комфор-зона за да дознаат колку вредат!

Македонскиот репрезентативец Димитар Димитриоски во последниве две години пишува успешна интернационална приказна во редовите на шпански Ваљадолид, кој го предводи поранешниот тренер на РК Вардар, Давид Писоњеро. Левото крило и следната сезона останува во тимот, во кој изминатите години друштво му правеше Дарко Димитриевски, а од оваа сезона доаѓа соиграчот од „црвено-црните“ редови – Мартин Карапалевски. Ваљадолид од екипа која се спасуваше од испаѓање во АСОБАЛ со Македонците во нејзините редови лани заврши на петтото место, за малку им побегна Европа – цел која си ја поставуваат за следната сезона.

Димитриоски потекнува од Прилеп, од ракометно семејство, тој е син на Оливер и Тања Димитриоски. Двајцата се поранешни ракометари и ракометни работници, кои работат со млади категории, додека Тања е и спортска новинарка. За да биде сликата комплетна и сестрата на Димитар, Ерика е ракометарка – актуелна голманка на ЖРК Скопје.

Кога Диме има девет години тие доаѓаат да живеат во Скопје, а во салата во „Автокоманда“ тој ги прави првите чекори во ракометот. Среден бек е неговата природна позиција, но поголем дел од тренерите го користат како лево крило.

„Од една година сум во сала и со ракометна топка. (се смее) Родителите никогаш не форсирале ништо, но неизбежно беше, си влече генот. Со ракомет почнав на 10-11 години, кога се формираше Академијата на Металург и татко ми ме однесе во ’Автокоманда’ на тренинг, уште го паметам подот со жолти плочки. (се смее)“

Димитар е секогаш насмеан, понекогаш делува како непресушен извор на позитивна енергија, а во разговорот со 24Ракомет отворено зборуваше за тоа како растел и се развивал како играч во редовите на трите македонски бренда – Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер. Откри дека како дете имал желба да стане поп, но патот го однел на друга страна, па се посветил на спортот и ракометот, каде се гледа и во иднина – по завршувањето на кариерата сака да се проба во тренерски води. Тој веќе и го прави првиот чекор во тој правец како заштитно лице на една од младинските екипи во Академијата на Ваљадолид.

„Секој играч од првиот тим има свое кумство, така го викаат во Шпанија, односно како заштитно лице на една од младинските екипи во Академијата на клубот. Играчот треба еднаш во месецот да оди на тренинг, да ја посети екипата, да биде поддршка, мотиватор на младите ракометари. Мене ми е предизвик да работам со деца и секоја недела одам на тренинг на екипата. Тие си имаат тренер со кој имаме убава, коректна соработка, сака да одам и да помагам на тренинзите, и се гледам во тренерски води по завршувањето на играчката кариера. Ќе видиме до каде ќе стигнам“ – со насмевка зборува Димитар Димитриоски, кој веќе ја има и основата бидејќи има завршен Факултет за физичка култура, и додава: „Како мал сакав да бидам поп! (се смее) Во Прилеп живееме во близина на црква и како дете сум си играл во дворот на црквата, постојано бевме таму и имав желба да станам поп. Моето семејство е религиозно и побожно, таков сум и јас. Сега е невозможно да го реализирам тоа, и уште не можам да сфатам од каде желбата за поп кога немам никаква допирна точка со тоа. Но ете, од желба за поп стигнав до ракометар“ (се смее)

ПИСОЊЕРО МЕ ДОНЕСЕ ВО ВАЉАДОЛИД

Шпански Ваљадолид е прв интернационален предизвик за 26-годишниот Димитар, а тренерот Давид Писоњеро е главниот виновник за трансферот.

„Со Писо (Давид Писоњеро) останавме во контакт по неговото заминување од Вардар, од каде и ме знае како играч. Токму во тој период јас преку менаџерот разгледував понуди од клубови во Шпанија и Писо ми се јави и ми вели ’не одиш на друго место, ќе дојдеш кај мене во клуб’. Тој многу сака да работи со млади играчи, им посветува многу внимание, работиме и индивидуални тренинзи, финеси, детали… Писоњеро ми беше гаранција за клубот и екипата. Кога го прифатив ангажманот имав 23 години и почувствував дека можеби нема повторно да имам ваква шанса за интернационален предизвик и сакав да ја искористам и да пробам. Истата сезона потпиша и Дарко (Димитриевски), дојде и Хозе Толедо со кој игравме во Вардар и не беше Ваљадолид комплетно непозната средина, иако е во друга земја каде се зборува на друг јазик. Добив големо добредојде од екипата, уште во прв влез во соблекувална се почувствував прифатен и ништо не ми недостасуваше. Немаше простор да се грижам бидејќи сум три илјади километри далеку од дома. Тоа беше дополнителен мотив да играм најдобро што можам и да дадам сè за екипата да успее. Паметам – Писоњеро им забрани на сите да зборуваат на англиски со мене за да можам што побрзо да научам шпански. Навистина така беше, за три ипол месеци успеав да научам да зборувам. Сакам да учам јазици па не ми беше тешко, а со оглед на тоа дека се најдов во системот, со луѓето и екипата, немав проблем за ништо.“

ДЕТАЛИТЕ ГО ПРАВАТ ШПАНСКИОТ СИСТЕМ ВРВЕН

Левото крило потенцира дека одлично се вклопил во екипата и дека играчки се пронаоѓа во шпанскиот систем.

„Деталите, видео-анализите, ситниците на кои се внимава тоа го прави шпанскиот систем толку добар. Тие детали решаваат натпревари и затоа во АСОБАЛ лигата, со исклучок на Барселона, другите екипи секој секого може да победи. Барса отскокнува од реалноста со финансиите и условите кои ги има, додека ние другите сме во конкурентна линија. Ако направам споредба со Македонија, тука е пожешка атмосфера на натпреварите, што малку и ми недостасува. Поемотивни се влегува и се гледаат натпреварите, повеќе енергија од трибините има, додека во Шпанија поинаку гледаат и ги сфаќаат победите и поразите. И таму се бараат резултати и има ’активни критичари’ ама некако нема толку голем притисок. Резултатите секако носат и атмосфера и публика, и оваа сезона имавме повеќе поддршка од трибините. Растеме од година во година и сакаме успех, сакаме Европа. Тоа јасно го потенцирав неколкупати во екипата и помладите соиграчи се шегуваат, велат ’поради премијата‘, им велам НЕ, туку поради тежината која ја носи нејзиното значење, за промоција и како клуб и како играчи.“

„НЕ Е ВАЖНО КАДЕ ЌЕ ИГРАМ, САМО ДА ИГРАМ“

Димитар се гледа во шпанското првенство и во иднина, па затоа ја продолжи соработката со клубот.

„Засега се гледам во Шпанија, во Ваљадолид, затоа и го продолживме договорот. Сезонава имаме реконструирана екипа, каде многу играчи од костурот заминаа и прво треба да се воиграме, а потоа ќе видиме што ќе донесе сезоната. Дарко (Димитриевски) заминува, но доаѓа Карапалевски, со кој сме соиграчи од Вардар. Жал ми е што Дарко заминува, со него бев од прв ден во Шпанија, но тоа е дел од кариерата. Нема да биде далеку, останува во шпанското првенство, па ќе имаме шанса да се дружиме и понатаму, а се надевам и дека ќе се соочиме и како ривали. Што се однесува до екипата – ќе работиме и ќе се бориме, а резултатите ќе дојдат, барем јас така мислам. Сакам да останам во Шпанија, ми се допаѓа тој стил на игра, тренажниот процес, менталитетот ни е близок, луѓето се топли и најважното – имам минутажа. Првата сезона играв на сите позиции – дури имав и една одбрана (се смее). Ни се повредија многу играчи и играв и десно крило и десен бек, среден бек, лев бек… што беше потребно. На моменти сфаќаш колку е важно само да си во терен и да играш. Има една фудбалска анегдота со Анџелоти и Валверде, каде Валверде му вели на тренерот ’не ми е важно каде ќе играм, само да играм’. Некогаш се смееме на вакви изјави, ама навистина е така.“

Левото крило потенцира дека не сака предолго да остане во некоја средина за да ја избегне комфор-зоната, што смета дека е проблем за некои ракометари.

„Мислам дека во Македонија можам да се вратам кога сакам и има клубови во кои можам да играм. Сакав да се пробам надвор, да видам како функционираат работите на друго место, да одам во непозната земја, чии јазик и менталитет не ги познавам. Сега ми е добро во Шпанија, но не сакам да останам предолго на едно место, ја избегнувам таа комфорд-зоната. Познавам некои македонски играчи кои се толку навлезени во таква комфор-зона и поради неа, иако имаа понуди за надвор летово, се одлучија да не заминат. Изговорот е: добро ми е тука, си земам паричка, имам минутажа, но не е тој моментот. Да бидам реален – ние, домашните играчи се жалиме дека во Македонија странците се повеќе почитувани од нас. Делумно, ние самите сме виновни за таквиот нивен статус. Кога ќе дојде странец се повлекуваме, се откажуваме ’Ајде донесоа странец, јас ако играм – играм, важно да земам плата’. Но не е така, го видов тоа во Вардар. Многу играчи се во конфор-зона и не сакаат да излезат од неа. Ако излезат ќе видат дека и тие знаат и можат, секако во зависност од средината која ќе ја изберат. Во странство нема како тука ‘лежи лебу да те јадам’. Тука чекаме странецот да одигра, а таму ти си странецот и од тебе се чека! Тоа превземањето на одговорност е голема работа и кога си надвор си фокусиран на ракометот – тоа ти е сè, кога си дома, поинаква е ситуацијата.“

МЕТАЛУРГ, ВАРДАР, ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – СЕКОЈ ИМА ПОСЕБЕН БЕЛЕГ

За да стигне до статус интернационалец Димитриоски мина низ филтерот на трите големи македонски бренда – Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер. За секој од овие колективи тој има посебна љубов и тие оставиле посебен белег во неговиот живот.

„На 10-11 години татко ми ме однесе на тренинг во Академијата на Металург, која тогаш се формираше и прв тренер ми беше Дарко Петровски. Трениравме во ’Блаже Конески’, убава генерација со Мице Шилегов, Марио Танковски, Матеј Петковски… Во тоа време имаше многу екипи и ако добро паметам играчите сме регистрирани како дел од РК Портланд (се смее). Потоа се формираше Металург 2, одличен тим со млади играчи каде уште беа и Давор Палевски, Милан Лазаровски, потоа Мартин Томовски, Никола Даниловски и Мартин Велковски кои играа со двојна лиценца. Во тој период имаше многу финансиски турбуленции во Металург, но клубот опстана, а ние – играчите кои се развивавме во Академијата стигнавме до прв тим. Не беше се лесно, имав повреда на рскавицата на коленото и морав да го санирам тоа за да немам проблеми во иднина. Кога се вратив две сезони игравме во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, а круна за таа екипа беше освојувањето на Купот на Македонија на Ф4 во Куманово, кога го победивме шампионскиот Вардар. Тоа беше сензација, ја прекинавме долгогодишната доминација на Вардар во Купот и тоа беше прв трофеј за Металург по подолго време. Не знам како (се смее) уживавме во мечот и коцките се наредија. Верувам дека тоа беше награда за нас за се што дадовме и што се боревме за клубот. Таа екипа ако имаше финансии сигурен сум дека и денеска ќе беше конкурент за титула.“

Од Металург прави трансфер во големиот ривал Вардар. Како беше прифатен „дете на Металург“ оди во „црвено-црните“ редови?

„Во тој период имав понуда за надвор, во Луксембург или Вардар, но немаше дилема! Вардар е Вардар, а како млад млад играч финансиите и не ми беа толку важни колку фактот дека ќе играм за двократен европски првак, во чии редови имаше ракометни легенди од кои можеш да учиш. Како дете сум го гледал Чупиќ на СП 2009 во Хрватска, а сега ќе делам соблекувална со него, тоа многу дава на тежина. Таа сезона дојде и Писонеро да биде тренер. Како дете на Металург кое доаѓа во Вардар, немав проблеми. Тоа е некој пат во кариерата, работите сами се случуваат – јас играв и за Металург и за Вардар и за Пелистер, трите најголеми ривали во Македонија, и никаде не сум имал проблеми затоа што секогаш сум се борел докрај за дресот кој го носам. Секаде ме красел професионализам и сум се радувал и сум славел победи и сум жалел за поразите заедно со екипата. На терен нема сентименталност, ние играме за да победиме и на тој терен ’40 на 20’ и во тие 60 минути нема другари, а надвор од теренот е друга приказна“, објаснува Диме и продолжува: „Можеби не сум играл многу за Вардар, но тој секогаш ќе биде посебен за мене! Она што се вели ’црвено-црно семејство’ и силината на соблекувалната – тоа навистина беше така. Немаше ѕвезди во тимот, поискусните беа на располагање на помладите, да им помогнат, да дадат совет… Сега кога зборувам ми се враќаат сеќавањата. Не можам да заборавам како по оној тежок пораз од Кил, кога ни си случи ноќната мора – Ландин, полна сала ’Јане Сандански’, шест ипол илјади публика остана да и пее на екипата ’И да загубите нема да ве оставиме!’ Каква беше таа хемија меѓу навивачите – клубот – играчите. Јас на тој натпревар бев на клупата и не одиграв ниту минута, но никогаш не размислувам како некои играчи ’Еј, гајле ми е, не ни играв на тој натпревар’. НЕ! Ми пречат тие коментари! Јас сум дел од екипата, сум се подготвувал за тој натпревар и исто носам одговорност како другите играчи затоа што ова е тимски спорт. За мене тоа се многу силни емоции кои не може да се опишат кога гледаш дека и во победа и во пораз имаш некој зад тебе. Да не бидам сфатен погрешно ама Вардар за мене засекогаш ќе биде број еден, затоа што има некои работи кои сум ги почувствувал и не може да се заборават и ништо не може да ги смени. Паметам и кога Чупиќ ми дозволи да шутирам пенал против Веспрем – тоа беа толку силни гестови и потези на искусните во тимот и беа свесни за тоа колку ни значат на нас, помладите. Имаше и чудни натпревари поради корона-вирусот, како оној со Војводина кога Тимур (Дибиров) и Чупко (Иван Чупиќ) играа бекови, кога едвај скрпивме екипа за да играме (се смее) Ни велеа ’шутирајте, преземајте одговорност’, на такви натпревари се расте, се крева самодоверба. Тие беа вистински лидери во екипата.“

Од Скопје Димитар Димитриоски се сели во Битола, по иницијатива на Александар Јовиќ, кој и претходно му беше тренер во Металург.

„Научив многу во Вардар, но немав како да го применам затоа што минутажата во тие две години ми беше скромна. Бев решен да заминам и иако првично Михајло Михајловски не ми дозволи да го раскинеме договорот, кога Веселин Вујовиќ дојде да биде тренер, зборувавме и тој ми вели ’Ти си веќе со умот надвор од клубот. Слободен си ако сакаш да си одиш.’ Во истовреме Вардар го ангажираше Чувара, а јас добив повик од Ацо Јовиќ за во Еурофарм Пелистер 2. Побарав аванс од клубот и сам си го отплатив договорот со Вардар за да играм во Битола. Имавме одлична сезона, победата над Вардар во Битола е момент кој ќе го паметам. Такви се тие натпревари на кои излегуваш за да уживаш, немаш притисок и тогаш го даваш најдоброто од себе! Имавме прекрасни навивачи и во Битола, го почувствувавме тоа и со вториот тим и тоа е нешто што ми останало во сеќавање. Тоа е убавината на спортот некои работи не можеш да ги опишеш, но сум ги доживеал многу емотивно.“

НАЈТЕШКО Е ТАТКО ТИ ДА ТИ БИДЕ ТРЕНЕР

Димитриоски може да се пофали дека досега во кариерата работел со врвни тренерски имиња како Лино Червар, Александар Јовиќ, Александар Петровски, Веселин Вујовиќ, Раул Гонзалез, Роберто Парондо, Давид Писонеро, Стевче Алушовски… Тренер му бил и неговиот татко Оливер, за кое вели дека е најтешко искуство.

„Сум имал среќа или несреќа (се смее) ама работев со многу тренери. Таква ми беше линијата на движење и се е индивидуално, некој тренер ти одговара, некој не. Но од секој можеш да научиш по нешто. Кога Оли (Оливер Димитриоски) ми беше тренер – најтешко поминав. Секогаш Диме беше казнет, Диме беше избркан од тренинг, но и тоа е со некоја цел. Тој ми кажа дека во таква ситуација треба трипати да работам повеќе од другите за да не биде дека татко ми ме турка. Ми помагал со некои детали, но најчесто од него добивам критики. Има скриена порака во сите предавања на тренерите од кои ако си паметен ќе научиш нешто. Некогаш знам и да запишам некоја реченица ако ептен ми оставила впечаток. На пример Вујо вели: ’Мала е линијата од просечен до врвен играч’, а Лино значеше да не подучи: ’Топката е злато и не смееме да ја продадеме’. Сега сфаќам колку тие зборови значат.“

„ЈАС СУМ ГЛАВЕН ВО КУЈНА“

Семејството, но и девојката Стефани со која живее изминативе години во Шпанија се главната поддршка за Димитар.

„Семејството е столбот и од него ја имам главната поддршка. Татко ми е тука за совет и критика, мајка како мајка секогаш ме брани и за неа сум најдобар! (се смее) Тие заедно со сестра ми, која исто така е ракометарка, како и Стефани – мојата девојка ми се основата за сè. Стефани живее со мене во Шпанија и на почетокот имавме мака додека да се навикнеме еден на друг и на своите начини на функционирање во домот. Јас сум готвачот (се смее) главен сум во кујна! Другите домашни обврски и ги препуштам на Стефани ама за готвење, јас преземам. Знаевме да правиме ручеци, викенд-дружби со Дарко и неговата сопруга и син. Специјалитет ми е ребро во фурна, прашајте го Дарко, може да потврди“, се смее и раскажува интернационалецот. „Не сакам дискотеки и вечерни излегувања, повеќе сакам да одмарам или некоја опуштена средина. Видео игрите и гледањето спорт на ТВ по цел ден или, пак, да го минам цел ден во сала – немам проблем. Понекогаш дома имаме и караници поради тоа, но ете, таков сум и ме интересира сè што е поврзано со спорт – фудбал, кошарка, одбојка… не само ракомет.“

Мајка ти Тања е спортска новинарка, не те „влече“ новинарството?

„Не!“ – кус и едноставен одговор.

СО ДЕСНА НОГА ВЛЕГУВАМ ВО ТЕРЕН

Димитриоски има неколку како што вели „ситни“ ритуали пред натпревар.

„Пред натпревар најчесто слушам многу гласна музика и пијам многу кафиња (осум еспреса ми е рекорд) Тоа ми доаѓа како будење, некогаш чувствувам дека тоа ми е потребно. Секогаш имам тензија пред натпревар, некоја позитивна трема, нервоза, ако го нема тоа чувство тогаш нешто не е во ред со мене. Секогаш си носам крст и пред натпревар во терен стандард влегувам со десна нога. Тоа се некои ситници што ги практикувам“, открива Диме и додава: „Ако победам не секогаш сакам да прославам, некогаш сакам и да си одам дома и да одморам. Ако загубам, не сакам да зборувам со никој! (се смее) Не прифаќам пораз лесно и ми требаат 24-часа за да се ’оладам’, да анализирам или да гледам видео, каде и што сме згрешиле. Шпанците се поопуштени во тој поглед – денеска загубивме, следната ќе победиме. Кај мене не е така лесно. На Стефани и беше потребно да се навикне на тоа (се смее) Сега знае! Јас сум во една, таа во друга соба, додека да ми помине нервозата. Ете и тоа е дел од спортскиот живот, а и верувам дека нема играч кој сака да губи.“

Димитар Димитриоски -приватна архива

ПОВРЕДИТЕ СТОЈАТ НА ПАТОТ ДО А ТИМОТ

Димитар Димитриоски има статус на македонски репрезентативец, но во последниве три години е дел само од поширокиот список. Единствен настап на големо натпреварување за А тимот му е Светското првенство во Египет во 2021. Повредите се тие кои најчесто му стојат на патот.

„Ги минав филтрите во кадетска и младинска репрезентација, а во сениорска единствено големо натпреварување ми е СП 2021 во Египет. Тоа беше многу чудно, корона-првенство, на кое настапив после два месеци лежење дома. Од ноември до почетокот на јануари константно имав позитивен ковид-тест и бев во изолација. Имав прекумерна килажа и не бев подготвен – зборувам реално и отворено. Одработив еден тренинг и играв на два пријателски натпревари со Чиле и кога Бојан Маџовски го скрши прстот, во комбинација влеговме јас и Давор Палевски. Давор имаше здравствени проблеми и изборот падна на мене. Имав и проблеми со пасошот, помалку од 90 дена валидност, па одиш – не одиш и на крај патував со гарантен лист. Чудно првенство! На два дена пред почетокот на првенството дознавме дека ќе учествуваме. Со оглед на целата ситуација дури бев изненаден и од тоа колку одиграв на тоа првенство. Претходно кога Раул Гонзалез беше селектор бев на списокот играчи за настап на СП 2019 во Германија. Со чекирана карта, на осум часа пред патување, на последниот тренинг во Скопје, го повредив скочниот зглоб. Се обидов да стиснам заби, но не успеав и морав да останам дома. Се најдов и на списокот за квалификациските дуели со Данска, кога Кирил Лазаров дебитираше како селектор, но поради проблеми со коленото морав да го откажам настапот. Не сум таков играч, не сакам да се ’шлепам’. Лазаров ми најави дека смета на мене за ЕП во јануари годинава, но повторно имав повреда на скочниот зглоб со мала фрактура и последните два клупски натпревари бев во состав, но не играв, со инјекции и со многу болки. Разговаравме со Кире, му објаснив дека морам да ја санирам повредата и тој имаше разбирање. Како ќе биде за новиот циклус, ќе видиме. Еднаш кажав дека секој селектор си има свои играчи и доколку таа екипа победува нема потреба да се менува нешто. Секој тренер ги избира, според него, најдобрите играчи во репрезентацијата без разлика дали тоа и се допаѓа на јавноста или не. На крајот на денот тој ја носи одговорноста за успесите и неуспесите. Јас нема да се бунтувам дали сум во репрезентација или не сум. Не верувам дека има играч кој не сака да игра за својата земја. Кога играш за репрезентација тоа е успех на државата и додека имаме успех ќе навивам и ќе го поддржува тимот. Ракометот е колективен спорт и во него нема најдобар, туку колективот исфрла најдобар индивидуалец, кој без помош на другите е никој и ништо.“