По две децении во ракометот, по завршувањето на сезонава, левиот бек Дејан Пецаковски одлучи да стави крај на кариерата. Битолчанецот со исклучок на шестмесечната авантура во туниски Африкан, целата своја кариера циркулира на македонско тло како дел од суперлигашите Пелистер, Вардар, Металург, Зомимак/Макс Струмица, додека последниве години беше играч на Пролет, кој достојно го испрати во играчка пензија. Тој има оставено белег во секој од овие клубови, а она на што е посебно горд се настапите во националниот тим во кадетска и младинска конкуренција, но може да се пофали и со едно големо натпреварување со А тимот – Европското првенство во 2014 во Данска.
Повредите и шестте операции на колената на кои подлежи во текот на кариерата се главната причина поради која не успева да изгради интернационална кариера. Ракометот е љубов од која никогаш не се откажал, и секогаш успевал да се врати посилен. Дури за да си ја продолжи играчката кариера во последниве години направи и трансформација од лев бек во класичен дефанзивец.
Дваесет години во ракометот го научиле многу, но и сите животни искуства кои ги имал попатно му биле лекција, а овој период на транзиција за Пецаковски ќе биде уште еден во низата во кои како што сака да каже се „себеспознава“. Семејството му е најголема поддршка, а синовите главна инспирација и мотивација, и тие му се приоритет.
„Сакав да се пензионирам по короната, но склоп на околности и останав уште една сезона, па уште една…, но телото ме издава. Имам 38 години и по шест операции почувствував дека ми е доста. (се смее) Како за професионален спортист станува напорно и за да заштедам дел од себе за животот по ракометот, одлучив да ставам крај и да се насочам кон други работи“, ги наведува причините за завршувањето на кариерата Дејан Пецаковски и продолжува: „Засега немам потешкотии да го прифатам тоа, но летен период е, сите одмараат и уште не можам убаво да кажам дека сум сфатил дека е крај. Најверојатно од септември кога ќе почнат другите со подготовки, тогаш ќе ме ’удри’. Сигурно ќе ми биде тешко, но во животот ми се случиле многу потешки работи. Имав искуства кои толку ми ги отворија очите, ме освестија и ме натераа да се борам за себе и за децата, што буквално овој период и не го чувствувам како проблем. Ова е уште една фаза на транзиција и трансформација која дополнително ќе ме насочи кон себеспознавање и поставување на приоритетите. Две децении во ракометот те учат на дисциплина (пред сè), на правилна и коректна борба, на тоа да се биде тимски играч и секако на носење одговорност.“
Имаше ли некоја претходна подготовка за „животот по ракометот“, некој план?
„Дефинитивно останувам во спортот! Ќе бидам кондициски тренер во РК Пролет, а истовремено посветен сум на доедукација за физичка подготовка на спортисти и персонални тренинзи – фитнес, но не класичен, туку за професионални спортисти. Мојата девојка Марија е фитнес инструктор и таа имаше влијание за ваквото мое насочување. Сакам да растам на тоа поле. Имам повеќе слободно време и простор за пошироки видици и планови, и имаме желба и амбиција за наш бизнис во иднина, но потребно е време за да го реализираме тоа.“
САКАМ МАЛИ, ЕДНОСТАВНИ РАБОТИ
Главен двигател во животот на Дејан се неговите два сина, Иан и Део, на кои се труди да им ја пренесе љубовта кон спортот.
„Eкстра супер татко сум на две синчиња. Се обидувам да ги насочам кон спортот од мали нозе, ги носам по натпревари. Иан сака фудбал, веќе и тренира и добро му оди засега. Сакам да минувам време со нив, да си играме – тоа ме опушта. Го сакам едноставниот живот и уживам во малите работи кои ги прават среќни и луѓето околу мене. Сакам да планинарам, го сакам фитнесот, во последно време практикувам да читам книги, го сакам и процесот на готвење, ме исполнува. Насочен сум кон нормален, едноставен живот, на релација Битола – Скопје, но повеќе време минувам во главниот град.“
Пецаковски потенцира дека има еден мал круг на луѓе кои му се сè.
„Родителите ми се најголемата поддршка – карпата. Синовите – инспирација и мотивација, девојката Марија и другарите кои ги имам од детството и кои се со мене и во добро и во зло, тоа се луѓето на кои ќе им бидам посветен и во иднина.“
РАКОМЕТ – ПОСЛЕДНА ШАНСА ЗА СПОРТ
За да се направи ретроспектива на 20-годишна кариера мора да се почне од почеток, а стартот бил бурен.
„Бев живо дете и ги сакав сите спортови, најмногу фудбалот, но не бев сериозен во ништо. Тренирав фудбал и еден ден татко ми дојде да ме гледа на тренинг, но мене ме немаше. Бев качен на чатија (дрвена конструкција на кров) и тепав врапчиња во паркот. Татко ми, кој е поранешен спортист, борач, македонски и балкански првак, ми го забрани секој спорт! Го засрамив на некој начин со моето однесување и ми рече ’за тебе спорт нема повеќе’. Во тој период РК Пелистер беше многу силен, беше хит, и сите мои другари од улицата се запишаа на ракомет, само јас не. Ме виде татко ми дека на некој начин патам поради тоа и ме праша дали сакам и јас да одам на ракомет. Кога му одговорив потврдно добив опомена ’ова ти е последна шанса да се занимаваш со спорт, сакаш искористи ја, сакаш – не’ и од тој ден до денеска јас сум во ракометот. Го засакав многу и останав во ракомет“, се потсетува бекот.
Ракометната приказна ќе тргне од младинските школи на Пелистер со Пеце Димитровски, (татко на поранешен македонски репрезентативец Златко Димитровски) како прв тренер и ќе се развива во Металург, Вардар, Зомимак, Еурофарм Работник и Пролет и во периодот минат во секој од овие клубови Дејан има посебни спомени.
„Пелистер ми е матичен клуб, таму ги минав сите филтри и стигнав до првата екипа. Еден од најдрагите спомени во кариерата ми е погодокот за победа на Пелистер над Вардар во ’Младост’, даден во последните секунди. Како битолчанец, како дете на Пелистер, познавајќи што значи за Битола ракометот, но и дека тој гол е даден против најголемиот ривал – Вардар, дефинитивно го прави посебен за мене“, раскажува Дејан и продолжува: „На 18 години правам трансфер во Металург. Тогаш Љупчо Савевски беше тренер и селектор на кадетската репрезентација за која настапував и како потенцијал ме зеде во Скопје. Бев дел од екипата која ја освои првата шампионска титула, но морам да признам дека немав придонес. Се радував на титулата, но бев многу млад и не бев носител на играта. Тогаш не беше како сега – искусни и млади играчи да се на исто ниво. Тогаш чекаш искусниот играч ептен да не може да игра за да добиеш шанса пет минути и ако добро се покажеш следниот натпревар можеби ќе играш шест минути.“
НИКОГАШ НЕ ЗАСТАНАВ НА ДВЕ ЗДРАВИ НОЗЕ
Дејан Пецаковски беше капитен на младинската репрезентација која Веселин Вујовиќ ја предводеше на Светското првенство до 20 години кое во 2007 година се одржа во Македонија. Од таму требаше неговата кариера да има нагорна линија, но наместо тоа се случува повредата на лигаментите на коленото и моменти во кој е оставен сам на себе.
„Бевме убава генерација на која јас бев капитен, а Веселин Вујовиќ ни беше селектор и не предводеше на СП за младинци кое во 2007 се одржа во Македонија. По тоа првенство играв за Пелистер и ги скинав лигаментите на коленото. Тоа беа други времиња во кои не се водеше многу грижа за повредените млади играчи и буквално останав дома, оставен сам на себе, дури и Пелистер ме заборави на некој начин. Во меѓувреме ми се јавува Вујо ’Дете како си? Каква е ситуацијата со коленото?’ и е изненаден од околностите во кои се наоѓам. Се зазема за мене, зборуваше со Михајло Михајловски, кој покрена иницијатива и Вардар ме ангажираше, дојдов во Скопје да играм за нив. Поновите генерации имаат слика за Вардар – овој последниот од времето на Самсоненко, но тој Вардар го стави новиот на европската мапа. Имавме квалитетен настап во Лигата на шампионите. Јас имав многу добра сезона, осум гола на Кил во Скопје, пет гола на Барселона на гости… Кога играш во ЛШ гледаш и сфаќаш која е големината на едно такво натпреварување, дека можеш да се носиш со конкуренцијата и дека сè е можно, нормално во зависност од тоа како размислуваш и нивото на самодоверба. Кога се потсетувам, жалам на некој начин, затоа што кога бев во најдобрите години јас почнав да се повредувам и единствена болка низ кариерата ми е што никогаш не застанав на две здрави нозе за да видам до кое ниво можам да стигнам и да го дадам максимумот од себе. На пример и зад таа многу добра сезона со Вардар стоеше 33-посто послаб квадрицепс на едната нога од другата. Како за професионален спортист по повреда треба максималата разлика да биде десет посто, и јас бев буквално со една нога. Пет операции имам на едното колено, шестата е на другото и тоа на 30 години ги скинав лигаментите – многу сум измачен.“
Повредите се причината што скоро целата кариера ја минуваш во македонската суперлига?
„Сигурно дека и тоа имало влијание. Никогаш не сум се чувствувал 100 посто подготвен и да имам една константна линија на работа, тренажен процес и натпревари – како машина. (се смее) Самите повреди, кога година дена си надвор од терен, те тераат да мислиш на поинаков начин. Како лична сатисфакција ми е тоа што во моменти кога сите ме отпишувале и се откажувале од мене, сум се враќал посилен и сум ги играл најдобрите сезони. Таков пример ми е што од откажан заиграв за репрезентација на ЕП 2014 во Данска.“
ДОЦНА СФАТИВ НЕКОИ РАБОТИ
Една полусезона во тунискиот клуб Африкан е единственото интернационално искуство за Дејан Пецаковски. Немаше други понуди низ кариерата?
„Кога бев во Вардар и игравме ЛШ тогаш многу квалитетни екипи од Европа ме бараа, но кога нема некој да те ’држи за узди’, не размислував сериозно, едноставно не ги грабев можностите. Бев многу несериозен, односно така делува, а позадината е дека немав доволно самодоверба, која е неопходна за таков чекор. Имаше обиди од родителите да ме советуваат, но во тие години секој совет ми беше подобар од моите дома. Мислев дека сум попаметен, дека знам подобро и дека сите повеќе ме сакаат и ми мислат добро од мама и тато – што сега знам дека е тотално погрешно. Бев тврдоглав и правев само по свое, но кога тогаш тоа ќе те стигне. Важно е да сфатиш. Јас доцна сфатив, а потоа ме стасаа и повредите и веќе немаше назад. Цело време сум бил дете, повлечено и воспитано од родители кои го гледаат нивниот свет и ти го пренесуваат, но во тоа нема подготовка за овој новиот свет. Сум бил внимателен, сум се плашел – ама тоа се некои работи кои сега ги согледувам, грешките и стравовите и сега се себеспознавам“, искрен е Пецаковски и продолжува: „Што се однесува до Африкан, тоа беше најинтересната понуда во тој момент, но немам позитивно искуство. Груб ракомет, една полусезона останав и мака видов со финансиите. Со една плата преживував пет месеци. Во договорот имав и кола и стан, клубот не плаќаше ни за едното, ни за другото. Во меѓувреме во Македонија ми се роди првиот син и тоа ми е најголема болка, најтешкиот период. Сам во Тунис, во четири ѕида и на телефон гледав како слават за неговото раѓање, а јас не смеев да пуштам тон за да не пречам на соседите. И тоа се нови искуства од кои учиш и стануваш посилен.“
ТИМСКАТА ХЕМИЈА ДОНЕСЕ УСПЕХ ВО СТРУМИЦА
Пецаковски беше дел од еден интересен проект со кој и Струмица неколку сезони беше ракометен центар. Тоа е еден убав период од неговата кариера.
„Во Струмица (и сега во Пролет) ми е најубавиот дел од кариерата, имаше и добри и лоши страни. Кога добив понуда од Струмица, проект за суперлигашка екипа, не го сфатив тоа толку сериозно. Претходно играв за Пелистер, Вардар, Металург и во тие години работи и егото, а некој ти вели ’дојди во Струмица’. Сепак околностите беа такви и немаше некоја подобра опција и си реков ’ајде ќе пробаме’. Сè ни беше пружено, имавме одлични услови, дружба неверојатна, но беше многу опуштено на тренинзите, на моменти и без дисциплина. Склопот на играчи кои бевме, на квалитет, изгледот на екипата – се разбиравме и кога ќе дојдеа натпреварите ние бевме на ниво на задачата и тоа нè вадеше буквално од сите проблеми. Имавме хемија, неверојатна дружба и заедништо. Негативно од тој период е што кога направив трансфер од Струмица во Металург почувствував колку проблеми имам за да се вратам во потребната физичка форма, колку заостанувам кондициски и натпреварувачки. Генерално гледано позитивно искуство, и градот со неговиот живот и луѓето топли, вистински вљубеници во спортот. Направивме голем успех, игравме финале во Купот на Македонија, имавме и настап во СЕХА лигата и мило ми е поради тоа… убави спомени.“
МВП ПРОТИВ УНГАРИЈА НА ЕП
Повредите се главната причина и што Дејан Пецаковски нема да може да конкурира во А националниот тим, но ќе остане запаметен неговиот настап на Европското првенство во 2014 во Данска.
„Настапот на СП 2007 во Охрид беше последно за мене како младинец и токму кога требаше да влезам во А тимот јас се повредив. Имав многу турбуленции во кариерата поради тоа и не бев константен, па најчесто бев само на поширок список без реална шанса за настап. Се до доаѓањето на Ивица Обрван за селектор на Македонија. Во тој период играв за Металург и тој ме зема на Европското првенство во Данска во 2014 година што ми е единствен настап на големо натпреварување во сениорска конкуренција. Паметам без прогласен за играч на натпреварот против Унгарија и тоа ми остана како сатисфакција и убав спомен од тие репрезентативни денови.“
ПРОЛЕТ – НАЈУБАВО ИСКУСТВО, КАКО ЗА КРАЈ
Играчката кариера ја завршува во скопскиот суперлигаш Пролет, за кој вели дека е најубаво искуство, како за крај.
„Од короната наваму сум дел од Пролет и како за крај навистина убаво искуство. Тоа е еден стабилен клуб, кој функционира долги години, константен е и финансиски и играчки, што е реткост во Македонија. Во една таква средина има неверојатен склоп на луѓе, одлична екипа, одлична дружба. Нема кланови, нож во грб, едноставно функционираме како семејство. Другари и на теренот и надвор од него, тешко дека ќе се најде таква друга екипа. Среќен сум што во таква средина ставив крај на играчката кариера и што ми дадоа можност да останам во клубот и на друг начин да помогнам и да дадам придонес.“
ВУЈО ГО ГЛЕДАВ КАКО ТАТКОВСКА ФИГУРА
Пецаковски во својата кариера може да се пофали дека работел со големи имиња како Лино Червар, Веселин Вујовиќ, Ивица Обрван, а посебен белег на него оставил вардаровиот стратег.
„Веселин Вујовиќ имал најголемо влијание, прво бидејќи е човек, и најмногу него го чувствував како татковска фигура. Сега сфаќам дека имам сличен карактер со него. Она што тој некогаш го презентира, таа ’улична школа’ за да допре до играчот, до екипата, тие моменти во соблекувална кога те мотивира пред натпревар, некогаш имав чувство како да одиме на тепање (се смее) да добиеш што се вели ’крв во очите’. Таквиот пристап многу ми се допаѓаше. Во времето кога играв беше тешко да покажеш каков ’мангуп’ си во игра затоа што имаше огромна разлика меѓу млади и стари играчи. Не само во иста екипа, туку и од противничката. Кога требаше да играме против некој, на пример Мојсо – ако сте противници, ќе го штедиш. Ќе те погледне еднаш попреку и ќе ја кренеш рачната, постоеше стравопочит кон поискусните играчи тогаш. Генерално беше така кај младите во тоа време, а кај мене може и особено изразено. Сега тоа го нема, ако е поподготвен од тебе ќе те ’убие’, ќе премине преку тебе, сега нема почит.“
ДЕЈАН ПЕЦАКОВСКИ -приватна архива
ВРЕМЕ ЗА НОВА ТРАНСФОРМАЦИЈА
Природна позиција на теренот за Дејан е лев бек, но во последните години и сплетот на околности го тераат на трансформација во дефанзивец. Сега, пак, ќе мора да подлежи на уште една од играч во тренер.
„На стартот како да бев создаден за напад, но во последниве години и по шестата операција, веќе и години беа во прашање, се повлеков и направив трансформација во одбранбен играч. Сакав да останам во игра, но си ги знаев и границите и колку и да ми беше тешко да прифатам јасно ми е дека морав да станам класичен дефанзивец. Ме влечеше топката од една страна, но од друга кога знаеш дека не можеш да го дадеш максимумот. Го имаш во главата, но немаш во нозете, фрустрира на некој начин. Бев принуден да си ја најдам позицијата, да се прилагодам на ситуацијата и го направив тоа. Сега ќе биде полесно (се смее) Еднаш го поминав тој процес, сега треба да направам трансформација од играч во тренер.“