ИНТЕРВЈУ АНГЕЛ И МИЛЕВА ВЕЛКОВИ: Ѓорче Петров се крена како феникс!

Приказната за Ангел и Милева Велкови е спортска во секоја смисла на зборот. Почнува во салата „Автокоманда“, каде Ангел 18 години ја чувал мрежата на Металург, додека популарната Лела доаѓа да игра за тогашниот женски клуб Скопје. Вистинската слава за неа доаѓа како дел од златната генерација на Кометал Ѓорче Петров, пикер, кој беше столб на одбраната и во клубот, но и во македонската репрезентација. Индивидуалните успешни кариери, ги преточуваат во другарство, партнерство и љубов за цел живот, на кој круна се двете ќерки – Ања и Ива. Паралелно ги развиваат и тренерските кариери, за од пред четири години да го воздигнат ЖРК Ѓорче Петров и да вратат дел од оној стариот шампионски сјај.

Пред три години Лела ми била соговорник во викенд-интервју, но посветено само за неа и тогаш таа и Ане сериозно работеа на враќање на клубот на старите патеки. Тогаш таа изјави: „Ѓорче Петров не смее да оди во заборав“, а сега клубот не само што не е заборавен, туку брани двојна шампионска титула, атакува на куп-пехар и играше во четвртфиналето од Европскиот куп.

„Вистина! За пет години клубот се издигна како феникс. Секоја година одиме чекор напред. Процесот е тежок и макотрпен“ – потенцира Лела.

Кога влеговте во приказната можеше ли да замислите дека клубот ќе стигне до ова ниво?

„Таа беше идејата! Да растеме како клуб, да стигнеме до Европа. Амбицијата е да играме и во Лигата на шампиони. Во последниве години рејтингот како на држава ни е мал. Како клуб првата година бевме на 247 место во Европа, сега сме 38-ми, но далеку сме уште од елитното натпреварување, уште немаме резултати за во тоа друштво. На Кометал му требаа 11 години за да дојде до европска титула, што значи дека имаме време“, оптимистички размислува Ангел и продолжува: „Секоја сезона правиме чекор напред. Сакавме сезонава да стигнеме меѓу четирите во Европскиот куп, но мислам дека во четвртфиналето ни се падна најтешкиот противник. Елче е шампион на Шпанија, лански финалист во Европскиот куп и според мене главен фаворит за освојување. Имаат специфична игра и тешко дека некој ќе им парира. Искусна екипа. Во Шпанија имавме еден пад од десет минути и тоа го казнија. Во реваншот едноставно не можевме да направиме повеќе. Најстариот играч во нашиот тим, е најмлад во нивниот и таа разлика во искуство се почувствува.“

Обврските на европската сцена завршија, она кон што сега се насочени е двојната круна дома.

„Во првенството не гледам причина зошто да не сме први. Имаме шест бода пред конкуренцијата, каде Чаир се покажа како најсериозен ривал и имаат некои теоретски шанси, но мислам дека со екипата што ја имаме нема да биде проблем да ја задржиме шампионската титула во наш посед. Целта ни е да ги обединиме круните. Две години Купот ни бега, и се надевам со освојувањето и на Купот ќе ја заокружиме сезонава како успешна“, анализира Велков.

СТРАНЦИТЕ СЕ НЕОПХОДНИ ЗА УСПЕХ ВО ЕВРОПА

На полусезона за првпат ЖРК Ѓорче Петров ангажираше странски играчи – три Бразилки и една Србинка. Сè дотогаш беше резултат постигнат на домашен погон. Зошто се одлучивте за странски засилувања?

„Не сакам да го потценам нашиот ракомет, но во Македонија нема квантитет на играчи од кои ќе може да извадиме квалитет кој ќе може да парира за тоа што ние го создаваме како идеја. Можеби и засилувањата кои ги имаме нема да одговорат на она што ние го бараме, но мора да се превземаат такви чекори ако сакаме да одиме нагоре во Европа. Не сум видел ниту една екипа во Македонија без странци да успее да направи нешто во некој европски куп. Гледам дури дека не се ни пријавуваат за настап“, коментира Ане и продолжува: „Желбите се следната сезона да се пријавиме во Европската лига, но прво мора да се заврши сезонава според посакуваното. Сакаме да одиме напред. Ако останеме во истиот куп – цел да го освоиме.“

„Целта за сезонава е двојна круна. Желбите и можностите се различни, по крајот на сезоната ќе правиме планови за следната“ – останува резервирана Лела.

ТИТУЛИТЕ ОД КОМЕТАЛ СЕ ПРИТИСОК И ОБВРСКА

На прославата на 20-годишнината од освојувањето на европската титула на Кометал Ѓорче Петров, сопственикот на клубот Трифун Костовски, сите титули на Кометал ги предаде на ЖРК Ѓорче Петров.

„Да, Трифун кажа дека титулите од Кометал Ѓ.П. ги предава на ЖРК Ѓорче Петров и дека би сакал традицијата да продолжи. Сите мислеа дека тоа е некоја награда, но јас мислам дека тоа е голем товар за клубот затоа што мора да го оправда тоа што го доби. Не добивме пехари, добивме само епитети, освоените титули од Кометал да останат во наследство на ЖРК Ѓорче Петров. Ние тргнавме на тој пат, свесни сме за притисокот и обврската која ја имаме, но пак ќе речам, на Кометал му требаа 11 години за да дојде до титулата, затоа имаме време“, смета Ане.

Задоволни сте од досега сработеното?

„Задоволен сум од она што го имаме постигнато, но задоволството треба да се покаже и од друга страна. На пример Федерацијата да покаже колку е задоволна од еден клуб што е претставник на македонскиот ракомет во Европа и постигнал некои резултати. Таков фид-бек немаме, не сме виделе некој дека дошол во сала да гледа. (барем на европски натпревари) Кој сака да дојде, доаѓа. Ние карти не наплаќаме, вратите во сала се отворени. И тоа не можам да го разберам, играме две години во Европа, а на трибини 150 луѓе максимум, зошто не знам.“

ОД СЕНИОРКИ ДО ПИОНЕРКИ, СИТЕ РАБОТАТ ПО ПРОГРАМА

ЖРК Ѓорче Петров е клуб кој цврсто стои, односно има основа и екипи со сите младински категории. Тренерот на првата екипа Симе Симовски е координатор за сите екипи и се работи по негова програма.

„За успехот на клубот многу зборува и неговата работа во младинските категории. Две години бевме прваци со пионерките. Лани пионерките завршија четврти, кадетките и младинките беа втори. Сезонава засега пионерките се први во својата група со само еден пораз. Кадетската екипа во моментов е трета, младинките се втори. Резултатите најдобро зборуваат за нашата работа. Клубот стои на цврсти нозе. Симе Симовски е координатор на сите екипи и имаме план и програма со насоки од него по кои работиме. Тоа е со цел да може ракометарките од младинските категории без проблем да се приклучат во работата на првата екипа. Програма која ја спроведуваме и сега во неделата на ЕХФ кога дел од ракометарките имаат репрезентативни обврски девојки од младинските екипи доаѓаат на тренинг со првиот тим“, објаснува Милева Велкова.

ЛЕЛА ПОСВЕТЕНА НА МЛАДИТЕ, АНЕ НА ГОЛМАНИТЕ

Лела е посветена на работата со младинските категории. Таа многупати досега потенцираше дека нема амбиции да биде тренер на сениорски тим иако принудно седеше на клупата на ЖРК Ѓорче Петров неколку месеци пред доаѓањето на Симовски.

„Оливер Димитриевски кратко се задржа на клупата, четири натпревари. Имавме лош старт и тој се откажа, и во периодот додека баравме нов тренер јас ја превземав првата екипа, околу три месеци до доаѓањето на Симе Симевски. Немам мастер коуч лиценца и немам намера ни да земам. Убаво ми беше да работам со првата екипа, но за мене не е предизвик да работам со сениорки, јас се пронаоѓам во процесот на создавање на играчи. Таму сум тоа што сум. Иако и како тренер на сениорките имав успех во работата. Јас себе се исполнив како играч, живеев најубави години во ракометот и сега сакам да создавам играчи, убаво ми е да работам со мали деца и од ништо да направам нешто. Лани кога се формираше кадетска репрезентација имав од моите девојки пет играчи, за жал Ива се повреди, но имав два голмани, два пикери и лев бек и тоа е најдобар показател за мојата работа како тренер и тоа е најголем успех за мене“, потенцира Лела која е веќе четири децении во ракометот, како играч, тренер, но и спортски работник, со оглед дека таа е професор во спортската академија. „Водам трета генерација. Во секоја генерација имам репрезентативки, сега на првиот собир имав осум играчи и се надевам дека и Ива ќе се рехабилитира и ќе се врати.“

Ангел е посветен на голманите, иако во моментов има титула – помошник тренер во ЖРК Ѓорче Петров. Тој веќе 30 години работи во женските клубови во Македонија.

„Голманите ми се приоритет иако помагам и со екипите колку можам. Цело време работам во женски клубови, Скопје, Еуростандард, Кометал и репрезентација, 30 години и добро сум издржал“, низ смеа вели Ане.

ЌЕРКИТЕ ПО НИВНИТЕ СТАПКИ

Двете ќерките Ања и Ива ги следеа стапките на своите родители и се ракометарки.

„Ива е уште активна. Односно имаше тешка, посложена повреда на менискусот на коленото за која беше потребна подолга рехабилитација. Се надеваме дека по година дена пауза многу брзо ќе се врати на теренот“, се надоврзуваат во одговорот Ане и Лела и додаваат: „Ања играше ракомет, но сега е со други идеи. Тренира повеќе како за себе и е со идеја да замине од Македонија.“

АНГЕЛ И МИЛЕВА ВЕЛКОВИ – приватна архива

СЛОБОДНО ВРЕМЕ – НЕМА

Со ваква фамилијарна посветеност на ракомет колку останува простор за нешто друго? Што правите во слободно време, ако го имате?

„Слободното време го користам да заминам за Србија, кај мајка ми. Пред две години почина брат ми и сега таа е сама, возрасна жена и се трудам колку што можам повеќе време да поминам со неа. Другото сè е поврзано со ракомет. Кога е некој професионално посветен на некои работи тогаш приватниот живот оди во втор план, нешто што денешниве генерации не можат да го сфатат. Ако сакаш да успееш во некоја професија мораш комплетно да се посветиш. Така и ние“, потенцира Лела.

„Во слободно време се гледаат натпревари (се смее) во сите категории. Со ќерките многу малку се дружиме, за ова имаме и замерки од Ања, но факт е дека и тие се со нивни ангажмани“, продолжува Ане.


„Навистина многу малку слободно време имаме. За викенди има натпревари, за празници, пак натпревари. Јас кога не сум тренер, дома сум мајка, домаќинка која мора да ги заврши и домашните обврски. Време за излегување и прошетки многу малку имаме, секој е на своја страна, па дури и оној неделниот ручек не можеме да го имаме. Она ‘фамилијарно’ – го нема во последно време. Да е жива и здрава баба Марика, таа има превземено голем товар од домашните обврски. Ние сите поминуваме време во кујна, тоа не ни е непознато, ако некој сака сам си влегува во кујна и си прави, но главните обврски се на свекрва ми. Таа е голема помош и поддршка“ – децидна е Лела.

„Распоредот ни е преполн, календарот е набиен поради Светското првенство за младинки и постојано сме со натпревари. Кога ќе заврши сезоната и првенствата, ќе почнеме организација за турнирот и сè така во круг“, завршува Ане.

И СВАДБАТА ЈА ДЕФИНИРАШЕ РАКОМЕТОТ

Дека вистина „ракометот е пред сè“ во семејството Велкови потврдува и фактот дека дури и свадбата била организирана според слободниот календар на Кометал и репрезентацијата.

„Регистрацијата и свадбата се во месец дена разлика и се бараше термин, кој ќе одговара на распоредот на Кометал и репрезентацијата“, се потсетува Ане, „Од самиот старт на заедничкиот живот сè е подредено на ракометот.“

„Поради набиен распоред на натпревари со Кометал и репрезентација, посебно правевме регистрација. Тоа беше ручек со семејството и кумовите и другиот ден заминавме во Габрово со репрезентација. Кога ја правевме свадбата одбравме термин кој ќе одговара на сите (за да може и кометалки да дојдат) и ден потоа со Кометал заминавме на подготовки за нова сезона“, дообјаснува Лела.

УШТЕ НЕ СЕ ПОЈАВИЛА ПРЕЗАСИТЕНОСТ

Сопруг и сопруга, тренери во ист клуб, истовремено и дел од управата – се појавил ли момент на презаситеност од ракомет или несогласувања?

„Момент на презаситеност досега не се појавил. Постои незадоволство, кога не можеш нешто да исполниш, тогаш доаѓа да кажеш дека е доста, но тоа само колку да помине од редот и потоа продолжуваш понатаму. Има полемики за некои работи, не караници, но и да не сме во исти клуб мислам дека би било исто затоа што двајцата сме цел живот во ракомет и во спортот. Најмногу се согласување и заедничка работа. Работиме за иста цел – да се создадат деца, да се изгради екипата и да се дојде до успех со неа, сè е подредено на тоа. Приватниот живот е во втор план, професионалниот е во прв. Нема одмор ти кога сакаш, нема заеднички одмор кога сакаш. Обврските со првата екипа се поголеми, подготовките почнуваат порано, постојано имаме ангажман.“

„Летен одмор се камповите. Зимава со пионерките бевме една седмица во Бор на турнир, ја одржуваме таа соработка, во мај тие ќе дојдат кај нас. Тоа се турнири на пријателство каде резултатот е во втор план. Целта е дружењето и да согледаат каде е убавината на спортот. Илјада пати им имам кажано на децата дека најголемо богатство е ако во секој град имаш некој врата да ти отвори. Тоа значи дека имаш многу пријатели“, потенцира Велкова.

ТУРНИРОТ ПРЕРАСНУВА ВО ТРАДИЦИЈА

ЖРК Ѓорче Петров внесе свежина на женската ракометна сцена и со организацијата на меѓународниот турнир кој веќе три години го организира во претсезонскиот период.

„Три години се одржува турнирот, оваа ќе биде четврта. Турнирот прерасна во добар меѓународен турнир, кој почна да привлекува внимание и на посилни клубови кои играат во Лига на шампионите, Европската лига. Специфични се и условите за игра, на отворено и сето тоа дополнително го прави привлечен. Имаме и добри екипи, лани осум учесници, со квалитетни натпревари… Организацијата е тешка, ја стартуваме веднаш по завршувањето на сезоната и сè е на наш грб, сами. Мислам дека сме успешни, нема друг турнир женски на отворено. Нашиот е формиран како пандан на Струшкиот турнир кој е за машки екипи и затоа овој во Скопје се одржува една недела пред тој во Струга. Ако имаме малку поголема помош и заинтересираност и од државата и од ракометните структури и спонзори верувам дека турнирот ќе биде уште посилен и на повисоко ниво,“ заклучува Ангел Велков.