Ракометарите на Вардар водат со два гола разлика, 17-15 по првото полувреме на директната пресметка за титулата против шампионот Еурофарм Пелистер. На „црвено-црните“ доволно им е минимален триумф, или реми, а битолчани мора да слават во „Јане“.
Битолчани отворија преку Тајник, но набрзина врати капитенот Георгиевски. Двете одбрани не беа на ниво на стартот на мечот, па се постигнуваа лесни погодоци на двете страни и по десетина минути беше 5-5.
Во салата тогаш пристигнаа и „Чкембари“, па атмосферата во салата стана уште пожешка. Алонсо го замени Митревски со Брестовац, но Борозан и натаму продолжи со своето гол-шоу.
Капитенот Кузмановски повеќе асистираше до Тајник и Борзаш, па тие беа реализатори во нападот. По 10-10, следуваа неколку грешки во нападот на битолчани, тоа беше казнети со брзи и лесни голови за 13-10 по дваесетина минути игра.
Алонсо мораше да бара тајм-аут, но повторно згрешија пелистерци, а по првата одбрана на Еспиња беше и плус пет, 15-10. Пешевски ја прекина „црната серија“, а битолчани покажаа дека нема така лесно да се откажат и намалија на 15-13.
До паузата немаше поголеми резултатски промени и Вардар замина на одмор со плус два, 17-15.