Новата сезона во Женската лига ќе донесе и нов клуб, откако Ѓорче Петров 2 доби дозвола да се натпреварува во елитната женска конкуренција.
Во единствената женска конкуренција во македонскиот ракомет од септември би требало да играат 15 екипи. Сите екипи што играа и лани се пријавија и за следната сезона, а нов член е Ѓорче Петров 2.
Шампионот пријави уште еден тим во Женската лига, во кој според планот шанса за настап би требало да добиваат помлади ракометарки што не се дел од првата екипа.
Системот на натпреварување што беше предложен на една од седниците на Управниот Одбор на РФМ, се уште не е верификуван, па нејасно е како ќе играат дамите од септември. Натпреварувачката комисија дополнително треба да го потврди.
По завршувањето на регуларниот дел, екипите треба да се поделат во два дела – најдобрите шест да играат во плеј-офот, додека сите останати би требало да бидат дел од плеј-аутот, иако е нејасно дали ќе има испаѓање и формирање на второ по ранг натпреварување кај дамите.
Првопласираниот тим во плеј-офот ќе пренесе три, второ и третопласираните по два, четврто и петтопласираниот по еден бод, а шестиот во регуларниот дел ќе стартува без бодови. За победа во следната сезона ќе се добиваат два наместо досегашните три бода, додека за реми ќе се добива еден бод.
Шесте екипите во плеј-офот би одиграле уште дополнителни десет кола, по што ќе биде познат првакот и патниците во европските купови, додека оние во плеј-аут би требало да бидат поделени во две групи, а по одигрувањето меѓусебе, победниците од двете групи треба да играат бараж натпревар за победник на плеј-аутот.
Но ваков систем носи и премногу натпревари, сигурно нема да биде поддржан од клубовите, па останува во последен момент да биде донесе одлука.
РФМ наскоро треба да ја закаже ждрепката за новата натпреварувачка сезона и да ја потврди бројката на екипи што ќе играат во Женската лига, како и системот на натпреварување.