Данската ракометна ѕвезда Матијас Гидсел испиша историја оваа сезона, откако со Фуксе Берлин ја освои првата шампионска титула во Бундес лигата – и за себе и за клубот. Дополнително, тимот стигна и до финалето на Лигата на шампионите.
Гидсел е најбаран ракометар во светот во моментов. Во февруари тој потпиша нов договор со Фуксе Берлин до 2029 година, но сепак не ја крие својата голема желба:
„Се надевам дека еден ден ќе играм за Барселона. За мене, Барса отсекогаш била најголемиот клуб на светот. Тоа лого има толку многу историја и големина“, изјави Гидсел за шпанскиот „Мундо Депортиво“.
Гидсел ја носеше екипата од Берлин на свој грб цела сезона, а за втора година по ред е прогласен за најдобар ракометар во светот.
Гидсел не ја крие својата среќа и удобност во германската престолнина, каде што се пресели од ГОГ Гудме во 2022 година. Иако сонува за „Палау Блауграна“ во Барселона, тој останува фокусиран на сегашноста.
„Во моментов е фантастично да се игра во Бундес лигата – секоја арена е полна, секој ден мораш да бидеш на највисоко ниво“, додава Гидсел.
Барселона е најсилниот клуб во шпанскиот ракомет и има 15 последователни титули во Асобал лигата. Во тимот традиционално играле многу дански ракометари, а моментално Емил Нилсен е единствениот активен Данец во екипата. Неговиот договор важи до летото 2026 година.
Претходно во Барса играа Каспер Хвит, Ларс Крог Јепесен, Јеспер Нодесбо, Ласе Андерсон, Микел Хансен, Кевин Мелер, Каспер Мортенсен и Јоаким Болдсен.