Ракометот отсекогаш бил замислен како брз, забавен и динамичен спорт, а неговите правила се развиваа низ децениите.
Светската ракометна федерација денеска објави за четири нови правила, односно промени во веќе постоечките правила.
„ИХФ е во постојана комуникација со своите главни засегнати страни за да ги ревидира правилата. Како што тимовите на сите нивоа се подобруваат и го диктираат темпото на еволуцијата на спортот, така и правилата мора да се прилагодат на тоа темпо“, велат од светската куќа на ракометот.
Затоа, од денеска 2025 година, стапуваат на сила неколку изменети правила, со цел да се подобри ракометот за сите страни – вклучувајќи ги тренерите, играчите и, секако, навивачите.
🟥 Удар во глава при пенал – повеќе не значи директен црвен картон
Една од главните измени, што ќе се применува од 1 јули 2025, се однесува на членовите, кои претходно предвидуваа црвен картон доколку играч го погоди голманот во главата при изведување седмерец или слободен удар по крајот на натпреварот.
Со новите измени, казната ќе биде исклучување од две минути, под следниве услови:
- Кога играч во отворена ситуација го погодува голманот во глава
- Кога играч го погодува голманот од седмерец, ако голманот не ја движи главата кон топката за да ја блокира
- Кога при слободен удар по крајот на натпреварот, стрелец го погоди одбранбен играч во главата, ако тој не се движи кон топката
👉 Оваа промена се воведува за сите удари во глава да се санкционираат еднакво – иако интензитетот на ударите може да се разликува, ризикот од повреда е ист.
🔁 Изменето правило за изведување на почетен удар
Претходно судиите можеа да дадат сигнал за почеток ако топката и барем едното стапало на играчот биле во централниот круг.
Со новото правило:
„Судиите може да дадат сигнал за изведување на почетниот удар само ако топката и изведувачот се целосно внатре во кругот за изведување.“
👉 Оваа промена е за да се избегнат ситуации каде судијата свири за изведување, а веднаш потоа мора да досуди слободен удар поради погрешна позиција.
👟 Попрецизна дефиниција за правилото за чекори
Изменетиот член за правилото за чекори воведува појасна дефиниција:
„Дозволено е играчот да направи најмногу три чекори откако ќе ја прими топката од соиграч или ќе ја фати по одскок. Ако играч ја фати топката додека е во воздух, првото стапнување на едното или двете нозе не се смета како чекор.“
👉 Оваа промена е за да се избегнат различни толкувања и да се поедностави правилото за сите страни.
🚫 Топка надвор од терен = слободен удар
„Не е дозволено играч да ја допре топката ако дел од телото му ја допира подлогата надвор од теренот. Тоа ќе резултира со слободен удар за противничкиот тим.“
👉 Оваа промена ја елиминира можноста за различни толкувања при контакт со топката во гранични ситуации.
Овие правила веќе се применуваа на СП за младинци во Полска иако настанот беше пред рокот за промена, а така ќе биде и на следните големи натпреварувања во младинските категории ова лето.
Македонија ќе игра на ЕМОФ 2025 со машката и женската репрезентација, додека кадетките и младинките ги чека настап и на Европските првенства во Црна Гора.