„Игравме против велесила, но не се предадовме – ќе бидеме на подобро ниво“

Машката репрезентација на Македонија загуби со 39-29 од олимпискиот првак Франција во првото коло од Европското првенство.

Најдобар стрелец на Македонија беше пивотот Жарко Пешевски, кој вели дека на следните натпревари, ќе бидат на подобро ниво од денеска.

„Игравме одлично во првото полувреме, а потоа пресудна беше разликата во квалитет. Игравме против велесила, но не се предадовме. Едноставно имаше борба цел натпревар. Тоа ќе ни биде мотив плус за следните два натпревари. Мислам дека ќе бидеме на подобро ниво од денес“, изјави Пешевски.

Дефанзивецот Едвин Омерагиќ вели дека техничките грешки беа клучни за високиот пораз.

„Франција е велесила, десет разлика не е малку, но кога ќе се види со каков ривал игравме и тоа не е толку страшно. Направивме технички грешки кои беа клучни за високиот пораз. Такво нешто не смееме да си го дозволиме со ривал како Франција. Ни преостанува само да се консолидираме и да се подготвиме за следниот предизвик“, изјави Омерагиќ.

Следен ривал на Македонија ќе биде Германија на 14 јануари од 20:30 часот.