Играше за Металург и Вардар: Павел Атман ја заврши кариерата!

Некогашниот среден бек на Вардар и Металург, Павел Атман, реши да ја заврши играчката кариера на 38 години.

Рускиот интернационалец го започна ракометниот пат во родниот Волгоград, во тимот на Каустик, а освен во Македонија, во кариерата играше и во Белорусија, Катар, ОАЕ, Германија и Израел.

Во Русија играше уште и за ЦСКА Москва по заминувањето од Вардар, а меѓу настапите за тимот од Автокоманда и „црвено-црните“ беше дел од бундеслигашот Хановер.

„Дојде време да завршам со ракомет. Имам и повреда на коленото. Да не беше таа, можеби ќе поиграв уште некоја сезона, а можеби и не. Во секој случај, имам голем проблем со коленото. Можам да направам операција, но потоа долго ќе трае рехабилитацијата. Во почетокот на кариера тоа е нормално, но на моја возраст веќе нема смисла“, изјави Атман за „Брз Центар“.

Атман во Македонија играше од 2013 до 2015 година за Металург, како и во сезоната 2019/2020 за Вардар.