Многумина сигурно се сеќаваат дека машката младинска репрезентација на Македонија во 2018 година го освои трофејот на ЕХФ шампионатот што се играше во Скопје. Иако сите се израдуваа дека тоа значеше камбек на ЕП, сепак мораше да се чека до 2024 година, кога кадетите и младинците играат во најсилната конкуренција.
Дел од репрезентацијата што пред шест години славеше во Скопје со Димитар Димитриоски, Марио Танкоски, Филип Арсеновски, Ненад Костески, Марко Кизиќ…беше и кружниот напаѓач Филип Андонов, кој дотогаш беше непознат за пошироката јавност. Исландскиот Македонец, сега има 25 години и ракометниот терен го замени со канцелариска работа. Но и покрај тоа не може да живееш на Исланд, а да не следиш ракомет. Како и во Македонија, и таму ракометот е спорт број 1.
„Релативно доцна почнав со ракомет, на 13 ракомет, а најдолго време играв за Грота. Имав настапи и за некои екипи од понизок ранг во потрага по поголема минутажа. Но кога почна пандемијата со коронавирусот, ми излезе убава шанса за работа, бидејќи од ракометот во Исланд не може да се живее. Повеќе е полупрофесионално играњето ракомет овде, па најголем дел од ракометарите имаат работа плус. Сега сум дел од Американската Амбасада на Исланд“, вели Андонов.
Покрај таа работа, тој има и свој приватен бизнис во Рејкјавик.
„Откако не играм ракомет имам повеќе време и сега сфаќам колку време тоа ми одземало. Покрај работата во амбасадата, имам и своја фирма за туризам и транспорт во Рејкјавик. Овде доаѓаат огромен број на туристи, особено од Америка, а кога не работам сакам да патувам и да доаѓам во Македонија“, вели Андонов.
Можеби не направи голема репрезентативна кариера, но и покрај тоа настапот за младинците на споменатиот ЕХФ шампионат засекогаш ќе го памети. Тогаш Македонија во финалето ја надигра Белорусија, претходно славеше во полуфиналето над Фарски Острови на пенали, а во групата ремизираше со Италија и ги победи Велика Британија, Швајцарија и Украина.
„Беше прекрасно искуство да се настапува за македонската репрезентација, да играш пред публика што разбира ракомет и пред твоето семејство. Бевме една одлична група момци, добра генерација, што и ден денес дел од нив покажуваат колку вредат и играат Лига на Европа или Лига на шампиони. Во таа генерација беа Костески, Серафимов, Димитриоски, Арсеновски, Кизиќ, Шилегов…со дел од нив комуницирам на социјалните мрежи, бидејќи не сум често во Македонија. Но искуството беше убаво и ќе го паметам“, продолжи Андонов.
Тој е роден на Исланд и во моментов живее во главниот град Рејкјавик.
„Јас сум роден на Исланд и израснат овде, навиките ми се типични за овдешниот менталитет. Полабаво е тука, без стрес, сите живеат со тоа мото дека се ќе биде во ред, но на пример го немаат големото срце што го имаат Македонците“, ќе каже Филип.
Не се занимава активно со играње ракомет, но ги следи случувањата и објаснува дека иако исландската лига не е во ТОП лигите во Европа, добрата работа со младите домашни ракометари, придонесува тие да направат добри трансфери и да имаат водечки улоги во најквалитетните европски клубови. Смета дека ракометот во Македонија оди напред и дека лигата е многу интересна.
„Тешко е да се направи споредба меѓу исландската и македонската лига. Сега е кренат квалитетот во Македонија, особено откако Вардар освои Лига на шампиони ,се вложува многу повеќе за разлика од порано, многу екипи прават сериозни проекти како Еурофарм Пелистер и тимови како Охрид и Тиквеш го креваат нивото на лигата, и форсираат други екипи да вложуваат уште повеќе. Видовме дека минатата сезона во македонското првенство беше многу интересно. И на Исланд има квалитетни екипи како Валур и Хафнарфјордур, кои сигурен сум дека би биле во врвот на македонскиот ракомет. Овде повеќе се вложува во домашните ракометари, иако и овде има странци. Нема лимит на странци, но овдешниот менталитет е таков што не сакаат многу да им даваат премногу шанси на нив. Исланд многу пати е меѓу 10 и 12 место на шампионати во Европа или светот. Овде ракометот е спорт број 1 исто како и во Македонија, но спортот воопшто не е начин на живот како во Македонија, реакциите по победа или пораз не се како кај нас“, вели Андонов.
Многупати досега Исланд и Македонија играле натпревари, особено во сениорска категорија, но ретки се оние во кој се радувале нашите ракометари. Андонов открива на што прво помислуваат Исланѓаните кога ќе се спомне Македонија.
„Ако му спомнеш на Исланѓанец македонски ракомет, веднаш асоцијација им е Кире Лазаров. Сме играле милион пати против Исланд, дали во квалификации, во бараж, на првенства, а Лазаров секогаш имаше добри партии. Овде се следи многу и Лига на шампионите. Знаат за Вардар и Еурофарм Пелистер, а ги следат настапите на исландските репрезентативци“, открива Андонов.
Некогашниот пивот смета дека репрезентативниот ракомет во Македонија е во голем подем, иако резултатите не го покажуваат тоа и открива кои играчи ги гледа како лидери во иднина.
„Македонскиот репрезентативен ракомет е во добар моментум, бидејќи три машки селекции играат на големи натпреварувања. Мислам дека досега немало таков случај, или ако имало било одамна, иако сениорите не се во ТОП 10 или 12 во Европа. Драго ми е што е ракометот оди нагоре, во вистинско време ако може така да се каже. Сениорската репрезентација во новите млади играчи има добра перспектива и ми се допаѓаат играчи како Марко Митев, Милан Лазаревски, Ненад Костески, Мартин Серафимов…мислам дека тие ќе бидат лидерите во следниот период. Прашање на време е кога овие играчи ќе заминат од Македонија и ќе играат за големи клубови од странство. Има многу млади играчи што можат да одат далеку со напорна работа“, вели Андонов.
Како некој што е роден и израснат на Исланд, може да препорача кои места треба да се видат при посета на оваа земја, која е несекојдневна дестинација.
„Исланд има свои убавини, иако можеби за сите Македонци ќе биде климата проблем. Највисоката температура не оди преку 22 степени во Рејкјавик. Овде е тотално различно. Има повеќе знаменитости кои треба да се видат, и има невообичаени работи, што ги нема на друго место. Тука се среќаваат евроазиските и американските тектонски плочи, Исланд го има најстариот парламент во светот. На Исланд се наоѓа и националниот парк Тингвелир, кој е под заштита на Унеско, Златниот или Дијамантски Круг, па Сината Лагуна, каде што температурата на водата е повеќе од 35 степени и луѓето најчесто ја посетуваат додека е зима, а водата има лековити својства. Сега има и еден активен вулкан околу градот Бреидаблик, а треба да се посетат и местата со гејзери и водопади…“, ги откри Филип убавините на Исланд.
Се труди најмалку еднаш годишно да доаѓа во земјата од која потекнуваат неговите родители.
„Последен пат бев во Македонија пред една година. Најмногу ми фали семејството и македонската храна, тоа веројатно секој ќе ви го каже. Секогаш сакам средби со другарите, особено кога одиме на скара. Го обожавам и Охрид, и се обидувам најмалку еднаш годишно да сум во Македонија“, заврши Андонов.