Играше на Ф4 во Лигата на шампионите, а сега ќе биде дел од Драчево Јуниор!

Прволигашот Драчево Јуниор продолжува да ги засилува своите редови пред стартот на новата сезона во која влегува со суперлигашки амбиции.

Најново име во овој клуб е левиот бек Јован Марковски, кој беше дел од младинската екипа на Еурофарм Пелистер и играше на завршниот турнир во Лигата на шампионите за младинци во Келн. На мечот со Барселона беше прогласен за МВП.

Тој потекнува од школата на битолскиот клуб и ќе биде големо засилување за составот на Велимир Настески во бековската линија.

По фузијата меѓу Драчево и Јуниор Кисела Вода, апетитите се зголемени, па клубот посакува битка за суперлигашката конкуренција, иако ќе има големи конкуренти во Младост Богданци, Вардар Неготино, Македонија Ѓорче Петров…

Драчево Јуниор ги донесе еден од најдобрите прволигашки стрелец – Филип Петровски, како и Филип Фидановски, Андреј Крстевски, Мартин Павличковски, Александар Стојменов и Антонио Николовски, а до стартот на сезоната се очекуваат уште неколку нови имиња.

Во првото коло од новата прволигашка сезона на 13/14 септември, Драчево Јуниор ќе игра дома со Шампион.