Легендарниот грузиски репрезентативец и еден од најдобрите странци што играле во Македонија – Реваз Чантурија, отвора ново поглавје во кариерата. 43-Годишното десно крило ќе биде тренер на еден од најтрофејните клубови од Косово, Беса Фамгас, дознава 24Ракомет.
Беса Фамгас е на делба на првото место во косовскиот шампионат заедно со Кастриоти на македонскиот стратег Владимир Глигоров и Раховеци – сите три екипи имаат по 24 бодови.
Чантурија последно играше во Германија за тимот на Цвикау, каде замина во 2023 година, беше и играч и асистент тренер, откако претходно остави длабока трага во македонскиот ракомет. Тој во 2004 година дојде за првпат во Македонија како член на грузискиот тим Шевардени Тбилиси, која играше против Металург во ЕХФ Купот и остана цели 19 години.
Шест сезони мина грузиското десно крило во Автокоманда, до 2010 година. Потоа настапуваше една сезона во Вардар, па една во Пелистер, пред да замине во Струмица, каде остана четири сезони.
Одново беше во Битола, таму мина три сезони, па по една во Струга и Металург, а во 2020 дојде во Прилеп. Во овој клуб беше меѓу најдобрите стрелци, а тогаш се проба и како тренер и му донесе опстанок во елитното друштво.
По епизодата во Германија, сега Чантурија отвора нова етапа во кариерата – ќе се посвети само на тренерската кариера.

























