Сесвете покажа заби, но не успеа да направи изненадување во Скопје на првиот меч од групната фаза од Лига Европа, бидејќи Вардар на крај победи со 34-29. За хрватскиот тренер проблем било што екипата повторно играла како лани, со голем респект кон ривалот. Но, призна дека направиле и 15 технички грешки, што е многу за меч од европски Куп.
„Честитки за Вардар на победата. Морам да кажам дека ситуацијата ни е слична како минатата година – влегуваме во Европа со многу респект, што е одлично, но додека да се стабилизираме, имаме многу мака. Денеска младите покажаа карактер, неколку пати се враќавме од негатива од пет-шест голови, стигнавме и до реми. Ова е школа што скапо се плаќа. Дозволувавме на нивните играчи премногу простор. Кога сменивме во одбрана 5-1, изгледаше подобро, но потоа пак паднавме, а Вардар продолжи во ист ритам. Тоа мора побрзо да го надминеме ако сакаме да бидеме конкурентни во Европа. Вардар денеска победи заслужено, иако мислам со малку повисока разлика од реалната. Тоа е искуството – имавме 15 технички грешки, што е премногу, а Вардар тоа знаеше да го казни. Мислам дека публиката уживаше во одличен ракомет, вели Игор Вори.
Покажаа Хрватите дека знаат да играат ракомет, знаат да сменат одбрана и да се прилагодат. Детали се во прашање, а тие некогаш се решавачки.
„Не сум паметен што да кажам. Жал ми е, затоа што игравме добро. Овие момци знаат да играат ракомет, но токму тие ситници ја прават разликата и нè делат од екипите како Вардар. Тоа е фрустрирачки, бидејќи не се големи детали, но токму тие го решаваат натпреварот. Мислам дека можеме подобро. Денеска победи подобриот, а се надевам дека на следните пет натпревари ќе научиме од нашите грешки, Иван Думенчиќ.
Во следното коло Севсте игра со Кристијанштада, а Вардар гостува кај Тулуз.