Игор Котевски со победа се врати на клупата на Вардар Неготино

По сензационалниот пораз во гости во Штип во минатото коло, екипата на Вардар Неготино го смени тренерот, а „пробниот период“ успешно го мина Игор Котевски кој со триумф од 25-23 го предводеше тимот на дербито против Драчево. За малку мечот можеше да добие и поинаков крај, но гостите беа „брзоплети“ и направија техничка грешка.

Во последната минута од средбата Вардар Неготино влезе со тајмаут, и водство 24-22. Наместо сигурен и долг напад, тие упатија удар кој заврши во противничкиот голман, а Драчево во полуконтра преку Димитар Петковски намали на 24-23. И пак домашните направија грешка, и Драчево доби уште една шанса за реми, но и тие играа брзоплето, па со загубена топка му дозволија на домаќинот во последните минути преку Андреј Маркудов да слави.

Домашните во вториот дел направија целосен пресвр и поведоа со три гола, 18-15 давајќи си надеж дека ќе триумфираат. Ама Драчево во 51 минута израмни на 19-19, а потоа и на 20-20. И пак Вардар Неготино направи „скок“ за ново водство од два гола, а во 58 минута и за 24-21. И сите мислеа дека е лесно докрај, но драмата која се одигра имаше среќен крај на неготинци.

Во првото полувреме, гостите најчесто имаа водство на моменти и со три гола, а највисоките 13-9 беа во 28 минута. Домаќините намалија на 13-11, и заминаа на одмор, а потоа следуваше позитивниот период за нив.

Игор Котевски веќе беше тренер на Вардар Неготино, но потоа замина. Сега повторно доби „повик за помош“ од Неготино, и влезе во оган, и со триумф го врати клубот на патеката.

Кај домашните најпрецизен беше Драган Кузманов со 8 гола (5 од пенал), а по три дадоа Христи Бикоски и Петре Пеовски. Кај гостите најпрецизен беше Ѓорѓи Дука со четири гола.

Во следното коло Драчево е домаќинна Македонија ЃП, а Вардар неготино гостува кај Шампион.