Десното крило на Бутел Скопје, Стефан Зенговски, е меѓу најдобрите стрелци во младинската лига, а ќе има шанса со неговиот клуб да се бори за титулата на завршниот турнир. Исто така ги покажа своите квалитети и во суперлигашката конкуренција и ги користи максимално шансите што му ги дава тренерот Горан Кузманоски.
Еден од најдобрите стрелци во младинската лига, десното крило Стефан Зенговски, паралелно настапува и за првиот тим на Бутел Скопје, а минутажата што му ја дава тренерот Кузманоски максимално ја користи.
Во разговорот за 24Ракомет, Зенговски, кој има постигнато 63 погодоци на 12 натпревари за младинците на Бутел Скопје, откри за неговите почетоци во ракометот и кој му бил идол.
„Моите почетоци во ракометот се на осум годишна возраст. Љубовта на моето семејство кон спортот и редовно посетување на ракометни натпревари вроди љубов кон ракометот, па покасно почнав да тренирам, а меѓу моите идоли своевремено беше легендарниот Лук Абало“, вели Зенговски.
Десното крило има 17 години, а веќе има настапи и за сениорската екипа на Бутел Скопје, предводена од тренерот Горан Кузманоски. Во Бутел Скопје водат голема грижа за младинските категории во својот тим и редовно секоја сезона им даваат шанса на своите деца во елитната конкуренција. Покрај Зенговски, тука се Субашевски, Спасовски, Михајловиќ, Каевски…
„Присуството на тренинзи и натпревари со тренерот Кузманоски е од големо значење за мене во градењето на кариерата. Јавноста знае дека во нашиот клуб Бутел одлично се работи со млади категории, а клубот им дава шанса во првиот тим да ги покажат своите квалитети. Многу од нив напредуваат и се дел од националните селекции на Македонија“, продолжи Зенговски.
Десното крило смета дека Бутел Скопје оствари одличен резултат во Супер лигата, успеа да се пласира во плеј-офот, а таму има шанса во следните четири кола да се избори за петтото место на табелата.
„Секако дека може подобро секогаш, но и вие знаете дека конкуренцијата во македонскиот ракомет секоја сезона е поголема и посилна. Се надеваме во следната сезона, со добар подготвителен период кој претстои во текот на летото, ќе стартуваме со уште подобри резултати и ќе не мотивираат да се бидеме околу врвот на табелата“, вели Зенговски.
Тој е меѓу лидерите во младинска конкуренција на тимот кој се пласираше на завршниот турнир што ќе се игра претстојниот викенд. Покрај Бутел Скопје, во конкуренција се уште двата тима од Автокоманда и тимот на Еурофарм Пелистер.
„Со потпишување на професионален договор со Бутел Скопје, одговорноста во младинскиот тим е на највисоко ниво. Соработката со тренерот Стојановски е одлична, имаме одлична релација. Титулата нормално дека е сон на целиот тим. Ќе се бориме максимално против кој и да играме и се надеваме дека може да ја освоиме, а со тоа ќе ја крунисаме одличната сезона што ќе биде уште поголема мотивација за наредната“, продолжи Зенговски.
Десното крило досега беше на пошироки репрезентативни списоци, но посакува да заигра на големо натпреварување.
„Сум бил на секој собир на поширокиот список и очекувам повик за настап. Од кога прв пат ја фатив топката во рака, сонувам како со националниот дрес настапувам на големо натпреварување“, заврши Зенговски.