„Хрватската Црногорка“ ja заврши кариерата

Уште една значајна ракометарка која остави длабок белег во успесите на црногорската репрезентацијa, Марта Батиновиќ, донесе одлука да стави крај на својата играчка кариера.

Голманката родена во Метковиќ дебитираше за „лавиците“ во септември 2019 година во квалификацискиот натпревар против Италија за ЕП 2020, а нејзиното прво големо натпреварување беше Светското првенство во Јапонија во декември истата година. Претходно настапуваше за Хрватска.

Во изминатите шест години, Батиновиќ беше незаменлива на голот на Црна Гора, настапувајќи на повеќе европски и светски првенства. Круна на нејзината репрезентативна кариера беше бронзениот медал на ЕП 2022, чии домаќини беа Црна Гора, Словенија и Македонија.

Нејзиниот последен настап за националниот тим беше во април годинава, во бараж натпреварите против Португалија, кога Црна Гора обезбеди пласман на СП што ќе се игра кон крајот на ноември.

„Шест години имав привилегија да го носам дресот на Црна Гора. Секогаш ми беше посебно задоволство што бев дел од оваа репрезентација и што играв покрај девојки кои достојно ја претставуваа државата. На теренот и надвор од него секогаш бевме како едно семејство. Иако дојде моментот да се збогувам со репрезентацијата, моето срце останува со Црна Гора. Ќе бидам тука за да ги поддржувам младите генерации, а убедена сум дека иднината на црногорскиот ракомет е сигурна – доаѓаат талентирани голманки кои ќе ја задржат Црна Гора во ракометната елита“, изјави Батиновиќ.

На клупско ниво, Батиновиќ беше дел од Подравка, Будуќност, Валчеа, Глорија Бузау и Магура Чиснадие.