Хрватска запиша нова победа – гази на патот кон полуфинале!

Селекцијата на Хрватска по триумфот над Исланд, ја совлада и Швајцарија со 28-24 и сега настана вистински хаос во групата 2 од главната рунда на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Четири репрезентации – Шведска, Исланд, Хрватска и Словенија имаат по четири бодови и се во игра за место во полуфиналето, додека Унгарија и Швајцарија со по еден бод немаат веќе шанси за нешто повеќе.

Швајцарците како и на претходните натпревари тргнаа силовито и поведоа со 4-0, а Хрватска немаше постигнато погодок десетина минути. Кога Циндриќ го скрши мразот беше полесно, а потоа за кратко време беше реми, 7-7.

Момците на Дагур Сигурдсон по неговиот тајм-аут заиграа подобро, новиот голман на Охрид, Славиќ, фати пенал и Хрватска полека се одлепуваше. Поведе со 12-9, а на паузата се замина со нивна предност, 13-11.

На стартот на вториот дел Швајцарија намали на минус еден, но тоа беше се од нив, а до крајот Хрватите не дозволија изненадување. Десната страна со Мартиновиќ, Кларица и Главаш беше одлична, па ривалот немаше големи шанси.

По десет минути игра во второто полувреме беше 18-14 за Хрватска и веќе беше јасно која репрезентација ќе ги освои бодовите, иако жилавите Швајцарци не се предаваа и беа упорни во битката за камбек.