Хрватска беше поразена во полуфиналето на Европското првенство, откако Германија славеше со 31:28. Иако остана жал за пропуштената шанса, настапот и залагањето на ракометарите не беа доведени во прашање.
Сепак, легендарниот хрватски репрезентативец Никша Калеб упати јасни критики кон селекторот Дагур Сигурдсон.
„Најпрво, честитки до играчите што воопшто стигнаа до полуфинале. Нема што да им се замери ниту за играта, ниту за залагањето. Но, на овој натпревар излегоа на виделина некои работи кои не се добри и кои одат директно на душа на селекторот Дагур Сигурдсон“, изјави Калеб за „24Сата“.
По неизвесното прво полувреме, Хрватска целосно потфрли на почетокот од вториот дел, а според Калеб, причината е јасна.
„Би рекол дека тоа е вина на селекторот, кого нашата јавност премногу го идеализира. Двапати игравме подготвителни натпревари против Германија, ги гледавме и на ЕП, а нашата тактика се сведе речиси исклучиво на напад седум на шест. Тоа е тактика што се користи кратко, за промена на ритам, за изненадување. Но да се игра речиси цел натпревар и да се примаат голови на празна мрежа, тоа не оди.“
Тој се осврна и на јавниот настап на Сигурдсон против ЕХФ, кој наиде на позитивни реакции во јавноста. Калеб истакна дека ваквиот истап реално не ѝ помогнал на репрезентацијата.
„Фокусот требаше да биде на натпреварот, а не на условите. Да се потсетиме како Дражен Петровиќ во Полска им кажа на соиграчите да не се жалат на лоши соби и една бања на кат, додека нивните врсници биле во ровови.“

























