Хрватите пак беснеат – ИХФ им го помести терминот за полуфиналето за да им угоди на Французите!

Полуфиналниот двобој меѓу Хрватска и Франција иако според првичниот распоред требаше да започне од 20:30 часот, ќе стартува половина час подоцна.

Досега има уште два такви случаи, кога натпреварите на кои играше Франција во вечерниот термин наместо во 20:30 започнуваа од 21:00, а сето тоа на барање на носителите на ТВ правата за тамошната територија, БЕИН Спорт и ТФ1.

ИХФ им ги задоволи барањата на француските ТВ куќи, иако во ниту еден друг спорт нема вакви отстапки од првично предвидените термини, особено не на ден или два пред да се игра мечот.

„Иако ние сме домаќини на турнирот и сите натпревари со исклучок на еден, ги игравме во ‘прајм-тајм’, ИХФ позитивно одговори на барањето на француските ТВ куќи и донесе одлука мечот да почне од 21:00 часот. ХРС во овој случај не може да направи ништо“, објавија од хрватската ракометна куќа.

Ова е третпат ИХФ да менува термин. Првиот пат беше за мечот од главната рунда меѓу Унгарија и Франција, кој наместо од 20:30 часот, се играше од 21:00 часот, вториот пат беше за четвртфиналето кога Хрватска мораше да игра од 18:00 наместо според распоредот од 20:30 часот, а Французите го „земаа“ вечерниот термин.