Репрезентацијата на Хрватска по фуриозната победа над Шпанија во првото коло, денес имаше очајно издание против Австрија и успеа да одигра само реми во дуелот со избраниците на Алеш Пајовиќ, 28:28.
Ракометарите на Перковац имаа одличен старт, по пет минути игра водеа со 5:1, одржуваа солидна резултатска предност, но кон средината на првиот дел Австрија најави камбек, откако по водството на „коцкестите“ од 9:6 постигнаа три гола во низа и израмни на 9:9. Хрватите речиси пет минути беа без реализација, а кризата беше прекината со голот на Шипиќ, кој реализираше за 10:9.
Хрватска за момент успеа да воспостави резултатска контрола, по нерешените 10:10 со головите на Шоштариќ и Кларица дојде до 12:10, но никако не можеше да го скрши отпорот на ривалот. Составот на Пајовиќ не се откажуваше, беше мотивиран рамо до рамо да се носи со поискусната репрезентација. Балканската селекција имаше подобри моменти во последните пет минути од првото полувреме и на пауза замина со предност од 14:12.
Австрија во вториот дел направи пресврт, израмни на 15:15, потоа следуваше период во кој двете репрезентации постигнаа по неколку гола, а во 38 минута Фримел и го донесе првото водство на својата репрезентација од 18:17. За разлика од првиот натпревар против Шпанија, избраниците на Перковац мака мачеа како да дојдат до реализација.
Хрватската селекција во последниот период ја врати предноста, водеше со еден до два гола разлика, во 50 минута резултатот беше 24:22, имаше и 28:25 и ги прокоцка трите гола предност. Ривалот на Хрватска со серија од 3:0 дојде до 28:28 и се израдува на првиот бод на ЕП.
На втора победа и пласман во главната фаза се радуваше репрезентацијата на Унгарија, која славеше против Србија со 28:27 во натпревар од групата Ц.
Ракометарите на Тони Херона до средината на првото полувреме беа подобриот противник на теренот, но во последните петнаесетина минути од првиот дел, репрезентацијата на Унгарија ја диктираше играта и постојано водеше со еден до два гола разлика.
На пет минути пред крајот, кружниот напаѓач Бенце Банхиди погоди за највисоката предност на Унгарија во тој момент, 13:10. Србија имаше неколку расположени играчи, меѓу нив беше и актуелниот член на Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш, кој првиот дел го заврши со четири погодоци. Унгарија иако не ги користеше во целост грешките на „орлите“, сепак, на пауза имаше позитива од 14:13.
Србија во вториот дел во неколку наврати доаѓаше до нерешен резултат, по нерешените 18:18, следуваше серија од 4:0 на Унгарија, која се одлепи на 22:18 и веќе тука беше решен победникот на овој дуел, бидејќи до крајот составот на Херона немаше доволни сили за да направи целосен камбек.