Хрватскиот ракометен сојуз не ја продолжи соработката со довчерашниот селектор на машката сениорска репрезентација Горан Перковац, па така „коцкестите“ ќе имаат нов предводник во квалификацискиот циклус за пласман на Олимписките игри во Париз.
Одлуката на челниците на хрватската ракометна куќа е очекувана, бидејќи Перковац не успеа да ги оствари зацртаните цели на Европското првенство, кое се одржуваше во Германија.
На континенталниот собир Хрватска заврши на 11. позиција, иако имаше фуриозен старт и ја декласираше Шпанија, сепак, во главната фаза не успеа да се покаже во добро светло.
Управниот одбор на ХРС настапот на Хрватска на континенталниот собир во Германија го оцени како неуспешен. Во наредниот период би требало да се знае кој ќе биде наследникот на Перковац.
Според хрватските медиуми, главни кандидати за селекторската функција се поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалез и актуелниот тренер на Динамо Букурешт, Чави Пасквал.
Хрватска во квалификациите за пласман на ОИ е во група заедно со репрезентациите на Германија, Алжир и Австрија. Најдобрите две репрезентации ќе обезбедат билет за настап на најголемата спортска манифестација.
Пасквал и Гонзалес влегуваат во трка за селекторското место во Хрватска