По промоцијата на новиот тренер и спортски директор, Куманово официјално ја продолжи соработката со ракометарот Христијан Крстаноски. По ангажманот на тренерот Аце Станковски, кумановци го задржаа и столбот на одбраната.
24-годишниот бек, висок 197 сантиметри, потпиша едногодишен договор со можност за продолжување за уште една сезона. Крстаноски во својата кариера има настапувано за Струга, Вардар Неготино, Металург РА и Куманово.
Тој беше дел и од кадетската репрезентација на Македонија во 2018 година, како и од Б сениорскиот национален тим во 2021 година.
„Чест ми е и големо задоволство што ја продолжив соработката со Куманово. Сакам да изразам благодарност до управата, соиграчите и ракометната јавност во Куманово за поддршката и прифаќањето во изминатиот период. Се надевам дека заедно ќе имаме успешна сезона“, изјави Крстаноски.
Минатата сезона, Куманово го заврши настапот во плеј-аутот на Суперлигата, каде што без проблеми обезбеди опстанок во елитното ракометно друштво.