Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер му „покажа заби“ на големиот Кил во првото полувреме и на пауза заостанува само на два гола негатива, 11:9.
Пелистерци со голот на Танкоски го отворија дуелот и поведоа со 1:0, но „зебрите“ со два гола во низа најпрво израмнија на 1:1, потоа дојдоа до 2:1. Македонскиот шампион не дозволуваше лесни погодоци и во воведните пет минути голманот Гедбан зад своето име имаше запишано две интервенции.
Кил наиде на голем отпор од страна на битолчани, па така за осум минути игра имаше две тројки на семафорот. По нерешените 3:3, гостите од Германија го искористија периодот со играч повеќе, откако Сери заработи исклучување, и дојдоа до плус два, 5:3.
Избраниците на Александар Јовиќ одлично му парираа на некогашниот европски шампион и по петнаесетина минути игра предноста на гостинскиот тим беше само еден гол разлика, 6:5. Ракометарите на Јиха никако не можеа да воспостават резултатска контрола и немаа многу идеја во нападот.
Домаќините со голот на Цехте израмнија на 6:6 кон крајот на првата половина од првиот дел. До крајот на полувремето имаше голема борба на теренот, тимот на Еурофарм Пелистер во неколку наврати не успеа да израмни на 8:8, но и гостите немаа голема комоција во играта.
Иако Кил на пет минути пред крајот на полувремето зголеми на највисоки плус три, 10:7, домашниот тим со погодоците на Кисум и Радивојевиќ намали на 10:9. Тимот на Јиха постигна уште еден гол до паузата, домаќините промашија во неколку напади и првиот дел заврши со 11:9 во корист за гостите.