Храбрите пелистерци го изнамачија моќниот ПСЖ, но останаа со празни раце

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај ПСЖ со 33-27 иако во текот на целиот меч беше голема закана за францускиот првак. Домашните водеа во првиот дел со пет гола, но пелистерци израмнија во финишот и на паузата се замина со реми. Предводени од голманот Митревски во второто полувреме направија комплетен пресврт и водеа во два наврати со по три гола, но не издржаа до крајот и ПСЖ во последните пет минути го скрши отпорот на битолчани.

Пелистерци одлично парираа на фаворизираниот тим на стартот и одржуваа резултатска рамнотежа. По 7-6, имаше нашиот првак напад и за плус два, но не го искористи, па тргна домашна серија од пет гола по ред.

Хосни згреши на два пати, промаши и Кузмановски, а тоа го користеше ПСЖ и преку расположените Шипжак и Карлсон отиде на плус четири, 11-7. Немаше битолската одбрана решение за Пранди, кој со проектили од далечина му донесе и плус пет на домашниот тим, 15-10.

Тогаш место Стеинс и Јахја, во игра влегоа Годен и Мараш, кои не беа така убоити како нивните соиграчи во нападот, а и Брестовац фати еден зицер, па одбраната на битолчани не дозволи ниту еден гол во шест минути пред паузата. ПСЖ водеше со 16-11, но до крајот голови постигнуваше само Еурофарм Пелистер и на одморот се замина со реми, 16-16.

Митревски беше одличен на стартот на вториот дел, постигна гол и им одбрани удари на Јахја, Пранди, Стеинс…а за тоа време казната стигнуваше во голот на ПСЖ, на кој застана младиот Сулие. Беше 20-18, тој му фати пенал на Манасков, но Хекбарт искористи едно невнимание на домашната одбрана и погоди за највисоки плус три за пелистерци, 21-18.

Беше и 22-19, но во најлош момент почна да греши македонскиот тим. Сулие одбрани шут од Атанасијевиќ, два напади на битолчани завршија со технички грешки и ПСЖ израмни на петнаесетина минути до крајот на мечот. Jaсно беше дека ќе има жестока битка за бодовите до последниот свиреж.

Се играше гол за гол, но сега битолчани не го наоѓаа така лесно патот до домашната мрежа. Кога остануваа да се играат уште шест минути и при водство на ПСЖ со 28-27, Мадсен побара тајм-аут. Митревски одбрани шут од Пранди, но потоа и неговиот удар од гол на гол беше одбранет од Сулие.

Јахја казни за 29-27, а младиот Сулие одново беше во центарот на вниманието бидејќи му одбрани шут на Кузмановски на три минути до крајот, Пранди зголеми потоа и на 31-27 и немаше веќе назад.

Пранди беше најдобар кај домашните со 11 голови, а осум даде Шипжак, додека кај Еурофарм Пелистер предводници беа Манасков со пет и Кузмановски со четири гола, а голманот Митревски имаше десет одбрани.

Следен предизвик за македонскиот шампион ќе биде домашниот дуел со данскиот ГОГ Гудме во среда од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.