Храбриот Чаир оди по злато во Купот – совладан Металург Автокоманда!

Ракометарките на Чаир се вториот финалист на Купот на Маекедонија, откако во интересно полуфинале го совладаа Металург Автокоманда со 22-20. Предводени од одличната голманка Митровиќ и Дукоска, чаирчанки доминираа во вториот дел и заслужено ќе играат во финалето.

На стартот на првото полувреме Металург Автокоманда имаше контрола на теренот и поведе со 4-1. Сепак избраничките на Латифи не мислеа да се предадат и полека ја топеа негативата.

Стигнаа до реми 8-8, а потоа беше и 10-10. Одлична на голот на Чаир беше Митровиќ, нејзините колешки тргнаа во напад за водство на пауза, но ударот на Алексоска го одбрани Терзиќ, па казната стигна во последните секунди и Металург Автокоманда ја имаше предноста на пауза.

Второто полувреме донесе уште поинтересен ракомет. Сега Чаир беше тој што наметна темпо, лесно доаѓаше до позиција за погодок, а Металург бркаше негатива. Митровиќ продолжи со одличната партија, ги излудуваше противничките ракометарки и Чаир на десетина минути до крајот стигна до плус четири, 21-17.

Величковска доби исклучување по стартот над Јанкуловска, но Металург Автокоманда не погоди ниту со ракометарка повеќе на теренот. Во продолжение се играше гол за гол, а избраничките на Дамчевска не успеаја да реализираат многу зицери и веќе беше јасно кој тим ќе ја однесе победата.

Финалето меѓу Ѓорче Петров и Чаир ќе се игра утре во салата „25 Мај“ во Радовиш од 16:00 часот.